Инфлацијата во еврозоната падна под три проценти
31 октомври 2023Инфлацијата во земјите од еврозоната забележа голем пад - од 4,3% во септември на 2,9% во октомври. Заводот за статистика Евростат соопшти дека падот на инфлацијата се должи пред сѐ на намалувањето на цените на енергијата (-11,1%).
Храната и натаму останува релативно скапа. Прехранбените намирници, алкохолот и тутунот во октомври се зголемиле за 7,5% (во септември зголемувањето било 8,8%). Услугите, пак, во октомври биле поскапи за 4,6% (во септември поскапување од 4,7%).
Економистите за октомври очекуваа стапка на инфлација од 3,1%. Ова е најниска стапка на инфлација од јули 2021 година. Сепак, и покрај тоа што цените не се зголемуваат значително, среднорочната цел на Европската централна банка за инфлација од два процента нема да се оствари. Минатата година инфлацијата беше делумно двоцифрена поради војната во Украина.