Интервју на Фокс њуз: Камала Харис се дистанцира од Бајден
17 октомври 2024За прв пат, демократската кандидатка за претседател на САД, Камала Харис, беше интервјуирана од конзервативната телевизија Фокс њуз. Ова се смета за „домашна станица“ на републиканците околу Доналд Трамп.
Разговорот кој траеше околу 30 минути имаше карактер на дуел - постојано стануваше гласен. Модераторот Брет Бајер го започна интервјуто со неколку прашања за темата миграција, која е централна за изборната кампања во САД. Како актуелна потпретседателка на САД, демократката Камала Харис е одговорна, меѓу другото, и за прашањето на имиграцијата. Нејзиниот републикански ривал, претседателскиот кандидат Доналд Трамп, ја обвинува 59-годишната жена за неуспех по ова прашање.
„Може ли да завршам со одговорот?“ прашуваше Харис повторно и повторно додека Бајер ја прекинуваше. Запрашана за рекордниот број на илегални мигранти кои ја преминале границата меѓу Мексико и САД за време на претседателството на Џо Бајден, Харис одговори дека администрацијата поднела предлог-закон за ова прашање во Конгресот, но Трамп ги советуваше своите сопартијци „да го спречат ова“.
Минатата година, повеќе од 2,4 милиони луѓе ја преминале јужната граница на САД. Повеќето од нив дошле од Централна Америка и Венецуела, бегајќи од насилство, сиромаштија и катастрофи кои исто така се влошени од климатските промени.
Бајер потоа го насочи разговорот на темата операција за промена на полот и правата на транссексуалците, кои конзервативците постојано ги политизираа. Модераторот ја праша потпретседателката на САД дали парите на даночните обврзници треба да се користат за ова. Харис одговори дека Трамп троши милиони долари на реклами „за да создаде чувство на страв кај гласачите бидејќи тој всушност нема план на овие избори што се фокусира на потребите на американскиот народ“.
Модераторот се обиде да изврши дополнителен притисок врз Харис. Ненадејното повлекување на Бајден од изборната кампања за уште еден мандат и номинацијата на Харис беше исто така тема. „Кога прв пат забележавте дека менталните способности на претседателот Бајден се чинеше дека се намалени?" Харис подзастана и потоа одговори: Таа се среќавала со Бајден најмалку еднаш неделно три и пол години и немала никаква загриженост. Покрај тоа, Џо Бајден не е на гласачкото ливче за претседателските избори во САД на почетокот на ноември. „Но Трамп е на него", изјави Харис.
Во исто време, Харис намерно се огради од Бајден. „Дозволете ми да бидам јасна дека моето претседателство нема да биде продолжение на претседателството на Џо Бајден“. Како и секоја нова личност на функцијата, таа ќе го внесе своето животно искуство, своето професионално искуство и „свежи, нови идеи“. Таа исто така претставува нова генерација.
Харис постојано го насочуваше разговорот на нејзиниот противник во кампањата за претседателските избори. Американскиот народ е загрижен за поранешниот претседател Трамп, рече таа. Луѓето кои најдобро го познаваат – дури и неговите поранешни соработници во Белата куќа – го сметаат републиканецот „несоодветен и опасен“ и изјавија дека „никогаш повеќе не треба да биде претседател на САД".
Фокс њуз се смета за „куќен канал“ на републиканците, Бајер е главен политички модератор. Неговиот фокус е на политички анализи, интервјуа и вести. Трамп веќе го нападна модераторот пред да се емитува интервјуто. Тој го обвини Бајер на неговата онлајн платформа Truth Social дека „не ја напаѓа левицата доволно силно“. По интервјуто, Трамп зборуваше за „тешко, но многу фер интервју“.