Пред извесно време, на минување низ сокачето карши златарската улица во Чаршија ме запре млад, сосема непознат лик, пристојно облечен, со широка насмевка. По кусата размена на поздрави пред неговиот дуќан, младиот човек ми даде до знаење дека се познаваме од некои други времиња. „Јас сум малиот кој се вртеше околу додека татко ми разговараше со Американецот и со Вас. Оној високот, со златни очила, кој доаѓаше кај татко ми на чај и мубает”. По љубезното глумење на сеќавање на него, се сетив дека станува збор за последниот директор на Американскиот културно-информативен центар во Скопје, сместен во Градски Ѕид некаде во 1990/91 година. Времето го прави своето и ве тера да ги заборавите имињата на лица со кои сте крстосувале низ скопски и тетовски чаршии. Со одлично познавање на македонскиот и албанскиот јазик, и површно на турскиот, Американецот беше редовна појава низ Стара Чаршија, секогаш педантно облечен, љубезен, спремен да сослуша и изнесе внимателно срочено мислење. Неговото име е заборавено, но сеќавањето за него опстои низ втората и третата генерација на ликовите кои одржувале пријателство со него. Би било убаво некој да нѐ потсети на неговото име.
Низ животот сум имал можност да запознам доволен број на славни ликови, некои од нив и историски фигури. Но дружењето со Тадеуш Мазовјецки (поранешен премиер на Полска и Специјален известувач на ООН за поранешна Југославија) при неговата посета во Скопје секогаш заслужува посебно место според неговата скромност, хуманост и човечност. По една од службените средби, Мазовјецки побара да прошетаме низ Стара Чаршија, Серава и Гази Баба, „за да се сретне со обични луѓе”. Барање кое на крај резултираше во пиење студена лимонада во лимено дуќанче во некој од калливите сокаци недалеку од Тефејуз и жива расправија со газдата и комшиите. Кои не ја криеја позитивната љубопитност за странецот без предрасуди, со приземен однос и интерес за нивните животи и маки.
-Други колумни од авторот: Последно предупредување до Гир и Ковачевски
Не се сеќавам дали беше во 1996 или 1997 година кога тогашниот шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, норвешкиот амбасадор Торе Бог во Салонот 1919 одржа предавање и јавна дебата за Косовската битка пред отворена, неселектирана публика, во која бев и јас. За прв пат изнесувајќи податоци и информации дотогаш недостапни за балканските општества, докажувајќи дека презентацијата не е некаква импромпту саморекламна демонстрација, туку епилог на обемно и сеопфатно истражување на норвешкиот дипломат.
Ја немав честа да го запознам амбасадорот Виктор Комрас, човекот кој ги воспостави дипломатските односи помеѓу Македонија и САД. Но затоа неодамна имав можност да ја прочитам неговата неверојатно обемна, богата, дипломатска и животна биографија на која би им позавиделе многу од поизвиканите амбасадори и дипломати. Читајќи го делот во кој тој се осврнува на искуствата од Скопје, повторно на виделина се појави склоноста на тогашните дипломати, паралелно со службените обврски да ги развиваат и познавањата и контактите со обичниот народ низ непосредни средби надвор од протоколарните рамки.
Такви беа и Хуго Ансон, Хенрик Сокалски, Атаул Карим и голем број дипломати од светски калибар кои служеа во Македонија во 90-тите години на минатиот век. За нив можевте да читате низ дневниот печат, ги гледате во првите минути на вечерните телевизиски вести и час потоа истите да ги сретнете и со нив позразговарате низ маалски продавници, селски свадби, натпревари на пеливани, на мерење кај шнајдери, низ пазари и во кафулиња.
Минати времиња
Тоа беа поинакви времиња во кои центрите на моќ се трудеа во пост-комунистичките terra incognitа земји да испраќаат врвни дипломати со професионално и животно искуство во мисија на придобивање на разумот и душата на народите и луѓето. Од друга страна, тоа беа и времиња кога присуството во регионот подразбираше и присуство на насловните страници на светските медиуми и факторизација во дипломатската и политичка хиерархија. Домашните населенија во таквите гости препознаваа олицетворение на добрите услуги на странските пријатели, а гостите возвраќаа со непресушни дози на разбирање, подршка и пријателски укажувања кои тогаш ниту се нарекуваа, ниту сметаа за критики.
Пат кон дното
Како што регионот тонеше во листата на приоритети на меѓународната политика, така се редуцираа и побарувањата и квалификациите на новите им претставници во регионот и Македонија. Некогашната лежерност и отвореност во комуникацијата со граѓаните се губеше низ сѐ поголема дистанца и затворање во службените протоколи, немушт бирократски јазик, карактерно сивило, рецитирање флоскули и тонење во убиствената комотност на business as usual. Во една рака, тоа беше нормален происход на стандардизацијата на односите помеѓу дипломатските гости и политичките домаќини, како секаде другде во светот. Во друга рака, таа официјализација беше и можност за добар дел од странските претставници да си ја сокријат сопствената неспремност, незнаење или незаинтересираност за подлабоко осознавање на реалностите во земјата и односите со неа.
-Други колумни од авторот: Кој го прати Рашковски во Ниш?
Поради таа убиствена комотност на непредизвикана лекомисленост, приватни предрасуди, образовна или професионална површност, на сцена настапија поведенија кои укажуваа дека квалитетот и нивото на претставништвото во Македонија минува низ драматичен пад во квалитетот, на кој тешко му се става крај. Во тој слободен лет кон дното сведочевме како американски амбасадори искажуваат воодушевување од расистички извици низ трибини, интимно се дружат со пиромани на нивните амбасади или наметнуваат семејни светогледи во сочувување на чедноста на медиумите од голи жени низ весници. Сведочевме како во обид за придобивање на симпатии на криминогени влади, евроамбасадори се сведуваа на комитски костимирани статисти во пропагандистички шарлатанизми на власта. Слушавме и читавме како западни амбасадори играле нечесни улоги во истрагите пред или по атентатите на балкански премиери и воедно си отвараат приватни бизниси со помош на компромитирани политичари. Низ кулоарите слушавме сведоштва за европски дипломати кои пактираат со партиски ривали во рушења на лидери или со хејтерска жолчност блујат отров врз една и лијат крокодилски солзи за другата партиска или етничка опција. Сведочевме како амбасадори на супер-сила стануваат слугинки на премиери во сатанизирање на опозициски ликови со посредство на „факти и аргументи” од до коска корумпиран НВО сектор. Слушавме и како високи западни претставници приватно тврдат дека „Мило Ѓукановиќ води војна против христијаните во Црна Гора”. На крај, судејќи според најавите од центрите за одлучување, состојбата со квалитетот на дипломатските претставништва во земјата и регионот не само што нема намера да запре, туку дополнително ќе се убрза во летањето „рамно до дно”.
Каде се крие опасноста
Гледано од призма на нашите проблеми и маки, упатно е на таквите центри да им укажеме дека нарацијата за реалната опасност од руските и други пропаганди во регионот е бесмисленост во оштар судир со нивните сопствени постапки. Или кажано на дипломатски начин: константата на квалитетот на дипломатијата од истокот е акцентуирана од нискиот паритет на дипломатијата од западот. И така ќе продолжи сѐ додека источните дипломатии делуваат на тереност, низ сите предели и димензии на општеството, недискриминаторски кон класните слоеви, негадливо кон секоја интересна групација. Додека пак западната дипломатија останува егзистенцијално врзана за убиствената комотност на канцеларијата, на салонот, на веќе инцестуозна трета-генерација суфлери, плати-да-те-фали НВО сектор, на однапред избрани прашања пред студентски аудиториуми и интервјуа од кои би се засрамиле и најконзервативните комунисти во седумдесетите години на минатиот век.
Во крајна линија, да бидеме реални, одбраната на демократијата во земјата е прерогатив на домашната политика, општество и институции. Не на западните дипломатии. Од кои единствено можеме да побараме да не ја отежнуваат таа борба со сопствените исчашени – често солистички, предрасудни или платенички – поведенија кои не само што ја комплицираат таа борба за зачувување на минимумот демократски стандарди туку и ја олеснуваат пропагандата на ривалските опции. Нивниот модел на сувопарност, на сивило, на криенка во протоколарност и арогантна дистанца од и кон граѓаните одамна е превземен како модел од страна на нивните домашни политички соговорници. Или ќе да е одбратно, дека дипломатите ги имитираат нашите политиканти. Повеќето од западните дипломати во Македонија го достигнуваат својот врв при службувањето во Скопје, по што следи враќање во анонимитетот од кој биле извлечени. Но затоа, се нешто ми вели дека наскоро во Македонија ќе дојдат (се вратат, поточно) подобри денови за козметичката индустрија и манекенски дефилеа финансирани од западни амбасади. Јако!
-Други колумни од авторот: Спасени од демагогијата
Она што е евидентно е дека борбата за демократијата во Македонија е номинално водена низ бројки и изјави на дипло-политиканство низ институциите. Но во секојдневието, во општеството, на теренот таа борба ја водат некои последни мохиканци на демократијата кои со својата бесплатна и автентична неконвенционалност го обезбедуваат хуманиот лик на различноста и слободната мисла. Еден поглед наназад е доволен за да се потврди дека демократијата во оваа земја цутеше додека беше прашање на убедување, верба и определба. И обратно, нејзиното венеење се одвиваше со секоја нова невладина, секој нов медиум, нова конференција, семинар, студија и воопшто кажано херметизација на духот во тврдо контролирани и неонски осветлени лаборатории на „демократизацијата” лишена од човечкиот дух и несовршеноста. Евтините пари ја угушија спонтаноста на демократијата.
А сепак, и денес можете да налетате случајно на некој дипломат низ пазари, продавници, свадби, пред селски задруги. Но тоа не се веќе дипломати од западот, туку од истокот. И таа реалност ги иритира западните дипломатии. Зошто? Поради автократијата која ја шират? Или поради неволноста, несигурноста и мрзеливоста да им парираат на терен.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.