Изборен маратон во Романија: залет на националистите
23 ноември 2024Работите поврзани со Романија во Европа беа политички сè потивки во последните години. Според бројот на населението, земјата е шеста по големина во Европската Унија. А, бидејќи се наоѓа на југоисточното крило на ЕУ и НАТО, има огромно стратешко значење. Но, за разлика од Полска или балтичките земји, Романија речиси не е вербално присутна во дискусиите за односите со Русија и поддршката за Украина.
Широко распространетиот молк за ова и за други важни политички прашања во голема мера се должи на претседателот Клаус Јоханис, кој е на функцијата десет години. Молкот и отсутноста ги направи свој заштитен знак во внатрешната и надворешната политика - во земја каде што претседателот според Уставот е важен надворешнополитички актер и е познат како најважниот глас на државата во внатрешната политика.
Многу ветувања, па пасивност
Во позадината на овој вакуум, во Романија се одржува изборен маратон во наредните недели: следната недела (24 ноември 2024 година) првиот круг претседателски избори, седум дена подоцна (1 декември 2024 година) парламентарни избори, повторно седум дена подоцна (8 декември 2024 г.) втор круг претседателски избори доколку, како што се очекува, ниту еден од кандидатите не постигне апсолутно мнозинство во првиот круг.
По два мандати, Клаус Јоханис повеќе не смее да се кандидира за функцијата. Сепак, тој и онака едвај ужива политичка и социјална поддршка. Пред десет години, тој ја презеде функцијата со големо ветување дека ќе иницира далекусежни реформи и ќе ја ослободи земјата од проблеми како што е корупцијата. Но, Јоханис, роден во Германија, поранешен успешен градоначалник во мирниот трансилвански град Сибиу, никогаш не се најде во претседателската канцеларија и политичката џунгла во Букурешт и набрзо потона во пасивност.
Благодарение на тоа, сеја зајакнаа националистичките и антиреформските сили. Фаворит на претседателските избори е актуелниот премиер Марсел Чолаку од Социјалдемократската партија (ПСД). Во 1990 година, тогаш под друго име, оваа партија беше место за собир на кадрите на соборениот режим на Чаушеску. Таа доминира во политичкиот живот на Романија три и пол децении, што ја прави единствената партија наследничка во земјите од поранешниот источен блок што не исчезнала во безначајност.
Премиер со корупциски скандали
Спротивно на тоа што сугерира неговото име, ПСД не е со социјалдемократска ориентација, туку претежно застапува десничарски популистички и националистички позиции измешани со левичарска социјална реторика. За многу урбани Романци, ПСД е олицетворение на корупцијата и корумпираните мрежи во посткомунистичката држава. Меѓутоа, во руралните региони на исток и југ од Романија, ПСД е водечка политичка сила.
Ако Чолаку стане претседател, не можеме да очекуваме антиевропски пресврт како во Унгарија на Орбан,туку дека Романија надворешно ќе остане лојален сојузник во ЕУ и НАТО, но внатрешно неопходните судски и антикорупциски реформи ќе бидат стопирани.
Кандидат на Москва?
Поинаква е ситуацијата во случајот со човек кој има околу 15 отсто поддршка во последните анкети: Џорџ Симион, шеф на Алијансата за обединување на Романија (АУР). Симион е ултра-националист и антиевропски, но тој има малку заедничко со минатите две генерации романски националисти, кои беа силно приврзани за минатото. Симион научи многу од политичарите како Доналд Трамп и Виктор Орбан и стана познат пред се благодарение на неговите активности на социјалните мрежи. Нему му беше забранет влез во Република Молдавија и Украина, бидејќи за Романија бара делови од териториите на двете земји. Постои сомнеж дека Симион е поврзан со руските тајни служби, но за тоа нема докази.
Со Симион за второто место се натпреварува Елена Ласкони, водач на либералната партија Спасете ја Романија (USR), која исто така има околу 15 отсто поддршка во анкетите. Поранешната новинарска ѕвезда и водителка на приватен ТВ канал влезе во политиката пред неколку години и стана градоначалник на малиот јужен романски град Кампулунг.
Политичко балансирање и семејна драма
Нејзината партија - УСР, се етаблираше пред десет години како антикорупциско и граѓанско движење и се залагаше за прогресивно-либерална политика. Елена Ласкони се обидува да најде баланс помеѓу прогресивната политика и наводната блискост со граѓаните.
Пред неколку години таа гласаше против хомосексуалните бракови на референдумот инициран од Православната црква, предизвикувајќи јавен семеен конфликт бидејќи нејзината ќерка се изјасни како „дел од ЛГБТК заедницата“. Елена Ласкони сега се залага за регистрирани партнерства за квир луѓе, но и понатаму е против геј браковите. На настапите, тој претпочита демонстративно да носи голем христијански крст околу вратот и облека инспирирана од стилот на романските народни носии.
За актуелниот премиер, Марсело Чолаку, поповолно би било сценариото со шефот на АУР Џорџ Симион во вториот круг. Како и во 2000 година, кога во вториот круг од изборите се натпреваруваа комунистот Јон Илиеску и ултранационалистот Корнелиу Вадим Тудор, многу Романци автоматски ќе го поддржат „помалото зло“, односно Марсело Чолаку. Ако, пак, Ласкони влезе во вториот круг, тогаш, како често во последните три децении, би се соочиле две Романија - држава и град, традиција и модерност, застарен апарат и реформски сили.
Подеднакво нејасни се и прогнозите за парламентарните избори: според последните истражувања, ПСД би добила 25 до 35 отсто, националистичката АУР 15 до 21 отсто, а националните либерали исто така 15 до 21 отсто. Единствено е сигурно дека романските популисти и националисти овојпат можат да очекуваат рекорден резултат.