Колку чинат изборите во САД и кој плаќа за тоа?
25 октомври 2024Потребни се многу пари за да се стане претседател на САД. Кандидатите имаат неколку опции да дојдат до потребните средства. Прв начин е да ја финансираат кампањата од сопствени средства. Алтернативно, може да собираат донации од приватни лица. Трет извор за финансирање се групи за политичко дејствување, т.н. „пакс“ или „супер пакс“. Последната опција е да се бара владино финансирање, кое пак е поврзано со строги ограничувања на трошењето средства заради што менјстрим кандидатите од последните години ја избегнуваа оваа можност.
Колку пари собра Камала Харис?
Штабот на кандидатката на Демократите, Камала Харис, до 30 септември собра над 906 милиони долари (838,8 милиони евра), според податоците на „Јавна тајна“, непрофитна организација од Вашингтон чија што задача е да ги следи финансиските текови за време на предизборните кампањи во САД. Во таа сума се вклучени и средствата собрани од Џо Бајден, иако вистинското донирање реално започна откако тој се повлече од трката во јули годинава. Покрај овие средства има уште 359 милиони долари кои други надворешни групи ги собраа до 22 септември за поддршка на Харис, што значи дека повеќе од 1,27 милијарди долари се собрале во ковчежето на Харис за предизборната битка.
Повеќе од половината од сумата се големи донации. Индивидуални донатори со помали приодонеси од под 200 долари придонеле за 44 проценти од вкупната сума.
Колку собрал Доналд Трамп?
Републиканскиот кандидат Доналд Трамп не собра ни приближно колку Харис. Неговиот штаб собрал 367,1 милиони долари, околу 40% помалку од Харис. Надворешни групи собрале уште 572,8 милиони, со што вкупната сума за финансирање на кампањата според „Јавна тајна“ изнесува нешто помалку од 940 милиони долари. Трамп во голема мера зависи од поддршката на ултра-богатите, а повеќе од 68% од неговите расположливи средства се токму од големи донатори.
Што е со трошењето на Конгресот?
На изминатите претседателски избори, ривалите на Трамп располагаа со повеќе средства за кампањата. И покрај тоа, тој победи против Хилари Клинтон во 2016 година, а потоа загуби од Бајден во 2020 година. Тоа несовпаѓање покажува колкава улога играат парите, но и дека сами по себе не може да бидат пресудни, оценува Ден Малинсон, вонреден професор по јавна политика и администрација во Пен Стејт Харисбург во Пенсилванија.
Сепак, донациите се незамисливо важни бидејќи претседателските кампањи „станаа прашање од милијарди долари“, вели Малинсон за ДВ. „Кандидатите, партиите, акциските комитети и други организации мора да собираат значителни суми за да водат национални кампањи“, додава тој.
Но, не собираат пари само поранешниот претседател и потпретседателот во овој изборен циклус. Од 100 пратеници во американскиот Сенат, 34 се избираат годинава. Во Претставничкиот дом пак, сите 435 мандати се распределуваат од ново. За нивните изборни кампањи, сите кандидати за Сенатот заедно собрале 1,38 милијарди долари, објавува „Јавна тајна“. Кандидатите за Претставничкиот дом пак собраа 1,78 милијарди долари.
Кој може да донира за претседателските кампањи?
Сојузната изборна комисија има строги прописи за тоа кој смее, а кој не смее да донира за кандидатите. Само државјани на САД или носители на зелен картон можат да донираат за партија или за претседателски кандидат. Тоа значи дека за сите странски државјани има забрана да донираат во која било форма. За приватни лица кои може да донираат, има ограничувања на висината на сумата.
Договорни лица на сојузните власти, корпорации, национални банки, синдикати и непрофитни организации имаат забрана за директни донации за кандидати или партии на изборите.
Што се „пакс“ и „супер пакс“?
Комитетите за политичко дејствување имаат долга традиција во американскиот изборен систем. Тие ги здружуваат придонесите во корист на кандидат или иницијатива за гласање. Висината на донациите е ограничена, а листите на донатори мора да бидат обелоденети. Но, ограничувањата драстично се сменија со одлуката на Врховниот суд од 2010 година кога беше укината забраната за донирање од страна на корпорации или синдикати заради нивното право на слободен говор. По таквата одлука, тие можеа да донираат без ограничувања, од што изникнаа „супер пакс“, кои собираат неограничени суми од поединци, синдикати или корпорации, а таквите донации се анонимни. Поважно е што „пакс„ и „супер пакс“ не може директно да донираат за еден кандидат и мора да дејствуваат независно, иако некои од прописите во меѓувреме се ублажени.
Проблем се големите донации
За многу гласачи, системот за донирање создава впечаток дека готовина значи лесен пристап до политичарите. Тоа може да резултира во корупција, или нарушување на довербата во демократијата. Богати Американци како Мелинда Френч Гејтс или Џорџ Сорос донираа милиони на групи кои ја поддржуваат Харис, или пак основаа свои „супер пакс“. Фајненшл тајмс пресмета дека друга група милијардери - Илон Маск, Тимоти Мелон, Миријам Аделсон и Ричард Јулајн – донирале вкупно 395 милиони за „супер пакс“ про-Трамп. Дали овие мега-донации значат и моќ е комплицирано прашање.
„Не е проста равенка дека пари купуваат гласови и политика“, вели Малинсон, додавајќи дека донациите веројатно значат оти донаторите добиваат пристап кога се расправа за прашања кои им се битни. „Но, тоа сепак не значи дека донаторите ќе добијат сѐ што бараат“, вели тој.
На што кампањите трошат пари?
Со стотици милиони на располагање за трошење, штабовите и групите за вршење притисок треба да несат многу одлуки. Со оглед на тоа што изборите непосредно претстојат и веројатно исходот ќе зависи од неколку гласови во пресудните сојузни држави, односно каде што избирачите често ја менуваат определбата, штабовите најголем дел од средствата ги трошат токму таму. Овие држави се преплавени од политички реклами. Жителите веројатно добиваат повици од учесниците во кампањата или пак активисти им доаѓаат на врата во обид да ги убедат да гласаат на еден или на друг начин.
Изборите во 2020 година нудат добар преглед за тоа како штабовите ги трошат огромните суми готовина, при што најголемиот дел е наменет за рекламирање.
Пред четири години, околу 56% од средствата беа потрошени за медиумите, 10% за собирање донации и речиси 17% за трошоци и плати, според наводите на „Јавна тајна“. 6% се потрошени за администрација, а 4% за стратегија и истражување. Остатокот е наведен како „некласифициран“ трошок. Кампањата во 2024 година најверојатно ќе следи сличен образец.