Израел: Дозвола за одмазднички напад против Хезболах
29 јули 2024По ракетниот напад врз Голанската висорамнина, која е анектирана од Израел, во кој загинаа најмалку дванаесет деца и млади луѓе, израелскиот безбедносен кабинет одржа повеќечасовен состанок. Премиерот Бенјамин Нетанјаху и министерот за одбрана Јоав Галант се овластени „да одлучуваат за начинот и времето на дејствување против терористичката организација Хезболах“, соопшти кабинетот на Нетанјаху по состанокот.
Нетанјаху претходно му се закани на проиранскиот Хезболах дека ќе плати „тешка цена“. Во меѓувреме, во Израел се цитираат либански медиуми, според кои на југот на Либан биле нападнати две области кои во последните месеци веќе неколкупати биле цел на израелските воздухопловни сили. Но, како што се вели, се чини дека тоа не е реакција на ракетниот напад на Голанската висорамнина.
Израел ја обвинува шиитската милиција Хезболах, сојузничка на Иран, за нападот во саботата (27.07) во Маџд ал-Шамс, место каде живеат припадници на заедницата на Друзите, во кој загинаа најмалку 12 лица на возраст од 10 до 20 години.
На Блискиот Исток живеат околу еден милион Друзи, пред сѐ во Сирија, Либан и Израел. Нивната религија е под влијание на шиитската традиција, но тие не се гледаат себеси како муслимани.