Израел го обвини Гутереш дека го поддржува Хамас
7 декември 2023Министерот за надворешни работи на Израел, Ели Коен, го обвини генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, дека ја поддржува палестинската терористичка група Хамас и во острата реакција на писмото на Гутереш до Советот за безбедност во кое тој бара итен прекин на огнот, побара негова оставка.
Коен оцени дека мандатот на Гутереш на чело на светската организација е „опасност за светскиот мир“ поради активирање на членот 99 од Повелбата на ОН за да повика на интервенција на Советот за безбедност, јавуваат израелските медиуми.
Гутереш го искористи своето овластување за да го предупреди Советот за безбедност на ОН синоќа на претстојна „хуманитарна катастрофа“ во Појасот Газа и апелираше до 15-те земји членки на телото да побараат итен прекин на огнот.
Гутереш: Хуманитарниот систем во Газа пред колапс
Во писмото се вели дека хуманитарниот систем во Газа е во опасност од колапс по двомесечната војна која создаде „ужасно човечко страдање, физичко уништување и колективна траума“ и бара цивилите да бидат поштедени од дополнителна штета.
Гутереш се повика на членот 99 од Повелбата на ОН, во кој се вели дека генералниот секретар може да ги информира членовите на Советот за работи за кои мисли дека го загрозуваат меѓународниот мир и безбедност.
„Меѓународната заедница има одговорност да го искористи сето свое влијание за да спречи натамошна ескалација и да стави крај на оваа криза“, напиша Гутереш.
Израелскиот министер рече дека повикот на Гутереш за прекин на огнот во војната предизвикана од „злосторствата на Хамас на 7 октомври на југот на Израел претставува поддршка на палестинската терористичка организација и убиства на стари лица, киднапирање бебиња и силување на жени“.
Редок потег
Во својот повик, Гутереш предупреди дека хуманитарните услови во Газа среде војната меѓу Израел и Хамас „брзо се влошуваат во катастрофа со потенцијално неповратни последици за Палестинците како целина“.
„Меѓународната заедница има одговорност да го искористи сето свое влијание за да спречи натамошна ескалација и да стави крај на кризата“, заклучи Гутереш.
Коен на платформата Х одговори дека секој кој го поддржува светскиот мир мора да го поддржи ослободувањето на Газа од Хамас.
Портпаролот на ОН изјави за новинарите дека активирањето на членот 99 е „многу драматичен уставен потег на генералниот секретар“.
Претходно членот 99 бил активиран само во декември 1971 година кога шефот на ОН, У Тант, го предупреди Советот дека ситуацијата во Источен Пакистан, сега Бангладеш и Индискиот потконтинент, го загрозува меѓународниот мир и безбедност.